25 Април, 2024
0.0325

Интервју со Билал Суџубаши, претседател на УО на Халкбанк Скопје

ИНТЕРВЈУ СУЏУБАШИ: Нови услуги и грижата за клиентите и во иднина ќе бидат основа за раст на Халкбанк

Објавено во: Финансии, Интервјуа 08 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Окрупнувањето на банкарскиот сектор има позитивно влијание, бидејќи така се создаваат големи играчи кои можат да понудат поголема поддршка за економијата. Поместувањата на македонскиот банкарски пазар ќе донесат корист за корпоративниот сектор, но и за населението и за целата економија, бидејќи ќе значат и поголема конкуренција и борба за клиенти. Во интервју за Фактор, Билал Суџубаши, претседател на Управниот одбор на Халкбанк Скопје, говори дека ова за банката ќе биде поттик да продолжи со работа со исто темпо, бидејќи нивната зацртана цел е да станат водечка банка во Северна Македонија. Малите и средни претпријатија, вели, се камен темелник за економијата, па затоа таргет група на банката се токму оваа категорија на компании. Објаснува и што за земјава ќе донесе влезот во НАТО, но и претстојните избори. Разговравме и за дигитализацијата, каматните стапки, како и за новините што банката ги планира за наредниот период... 

Фактор: Според големината на активата, Халкбанк со актива од 834 милиони евра, во моментов е четврта по големина банка, и влегува во категоријата на петте големи банки во земјава. Но, со големото банкарско спојување меѓу Охридска и Шпаркасе банка, новата банка ќе биде четврта по големина банка, чија актива ќе надмине една милијарда евра. Каква е стратегијата на Халкбанк за наредниот период во една ваква силна конкуренција што се создава, со окрупнување на банкарскиот пазар?

Суџубаши: Халкбанк во изминативе осум години, колку што под ова име работи на македонскиот пазар, благодарение на начинот на работа и раст во сите сегменти на банкарското работење, и секако на поддршката која во континуитет ја имаме од нашата матична банка Халкбанк АШ Турција, како во поглед на работењето и пренесување на нејзиното искуство и знаење, така и во поглед на зголемување на капиталот, успеа да влезе во категоријата на системски значајни банки и да стане четврта најголема банка во земјава. Со тоа Халк Банка АД Скопје покажа дека е најбрзорастечката банка во Северна Македонија и се истакна како еден од  најсилните брендови на македонскиот финансиски пазар.

На овој пазар навистина се случи поместување со спојувањето на Охридска и Шпаркасе банка. Според нас, окрупнувањето на банкарскиот сектор има позитивно влијание бидејќи овозможува развој, на начин што се создаваат големи играчи кои можат да понудат поголема поддршка за економијата. Нашата матична компанија Халкбанк АШ има искуство во вакви чекори бидејќи во текот на 90-тите години рапидно ги зголеми средствата и тоа преку апсорпција на одредени банки и на тој начин успеа да стане она што е денес – еден од најсилните банкарски брендови, не само во Турција, туку и во регионот. Поместувањата на македонскиот банкарски пазар мислам дека ќе донесат корист и за корпоративниот сектор, за населението и за целата економија бидејќи ќе значат и поголема конкуренција и борба за клиенти, а тоа ќе резултира со нови и подобри услуги од банките. Оттаму, ова секако ќе биде поттик и за нас да продолжиме со работа со исто темпо бидејќи нашата зацртана цел, и без споменатото окрупнување, е да станеме водечка банка во Северна Македонија.

Фактор: Со какви финансиски резултати ќе ја завршите 2019 година и дали во централата на Халкбанк во Турција се задоволни со постигнатото?

Суџубаши: Слободно можам да кажам дека сме особено задоволни од огромните постигнувања на нашата банка не само оваа, туку и претходните години. Кога го кажувам ова не мислам само на нашата финансиска успешност, туку и на успешноста со која им обезбедивме одлична услуга на нашите клиенти, корисници и, општо, на заедницата во која припаѓаме.

Важно е да се напомене дека 2018 година беше рекордна за нас во однос на финансискиот резултат, со остварен профит од близу 10,7 милиони евра. При тоа, уште поважно е дека со исто темпо работевме и во текот на 2019 година. Имено, банката заклучно со третиот квартал во споредба со 2018 година има пораст на активата споредено со 2018 година за 14,4 отсто или 110 милиони евра, како и пораст на пазарното учество од 9,4 отсто во 2018 на 10,2 отсто заклучно со 30 септември 2019 година. Во однос, пак, на вкупните кредити банката во истиот период бележи пораст од 47 милиони евра, односно од 8,5 отсто, додека, пак, пазарното учество се зголеми од 10,6 отсто во 2018 на 11,3 отсто заклучно со 30 септември 2019 година. Вкупните депозити на банката во периодот 30.09.2019-31.12.2018 година бележат раст од близу 64 милиони евра или 14,2 отсто, а пазарното учество е зголемено од 7,4 отсто на 8,1 отсто. Покрај тоа, во 2019 година Халк Банка АД Скопје беше првата банка во секторот која директно инвестираше во осигурителниот бизнис, односно која стана стопроцентен сопственик на компанија од тој бизнис и на тој начин се создаде Халк Осигурување. Секако дека остварениот пораст беше поддржан и од страна на нашата матична банка, преку извршената докапитализација во февруари на износ од 15 милиони евра, како и преку исплата на дивиденда од добивката од минатата (2018) година во форма на акции. Преземените чекори во насока на реинвестирање на добивката преку исплата на дивиденда во форма на акции, јасно укажува на довербата и задоволството од нашите резултати кај Халкбанк А.Ш. Турција.  Верувам дека и во 2019 година ќе успееме да го надминеме остварувањето во однос на финансискиот резултат од 2018 година и да поставиме за нас нов рекорд во делот на профитабилноста.  

Ваквите очекувања ги темелиме и на фактот дека во текот на 2019 година успеавме да воведеме нови производи и услуги и во делот на кредитирањето, а и во делот на депозитите. Покрај тоа, ја зголемивме и деловната мрежа на банката, односно бројот на филијали достигна 42, а бројот на вработените пак се искачи на 570. Во однос на алтернативните канали на дистрибуција, пак, бројот на банкомати изнесува 133, а бројот на ПОС терминали заклучно со ноември месец 2019 година изнесува 6.989.

За нас 2019 година ќе остане запаметена како година во која го направивме првиот исчекор во насока на создавање на институција која во иднина ќе стане препознатлива како финансиски супермаркет. И секако дека нашата банка-мајка е задоволна и горда на чекорите кои ги преземаме во насока на воведување на нејзиниот концепт на работење и во оваа земја.

Фактор: Какви се Вашите планови и очекувања за банкарскиот систем и за Халкбанк за 2020 година?

Суџубаши: Во однос на банкарскиот сектор, согласно проекциите на Народната Банка за 2019 година се очекува да продолжи трендот на солиден депозитен раст од приближно 9,6 отсто, како и кредитен раст од околу 7 проценти. Соглано достапните податоци за постојните трендови во банкарскот сектор на земјата, верувам дека проекциите се остварливи и дека банкарскиот сектор и оваа година ќе има солидни остварувања. За 2020 година, пак, Народната Банка предвидува раст на депозитите за 8,5 отсто, додека кредитниот раст се очекува да изнесува околу 8 проценти. Проекциите за Халк Банка АД Скопје за 2020 година, пак,  укажуваат дека исто како и во изминатиот период и следната година ќе работиме на постигнување раст кој е на повиско рамниште од растот на секторот. Имено, согласно плановите, предвиден е пораст на вкупните кредити и депозити од околу 12 отсто, додека порастот на вкупната актива се очекува да изнесува нешто над 11 отсто. При тоа, предвидено е зацртаните таргети за 2020 година да се оставруваат со целосна и безрезервна поддршка од страна на нашата матична банка, Халкбанк А.Ш. Турција. Значајно е да се напомене дека и во 2020 година растот останува наш врвен приоритет. Покрај тоа, 2020 година е година која ќе ја посветиме и на развој на сродните дејности како што е осигурувањето. Генерано, може да се каже дека во 2020 година особено внимание ќе посветиме на создавање на нови производи и услуги, пред сѐ за малите и средни претпријатија, како и за населението, кои ќе и озвозможат на банката остварување на таргетите за раст преку задржување на одржливо ниво на профитабилност. 

Фактор: Оваа година земјава и официјално влегува во НАТО Алијансата, што за инвеститорите значи дека се зголемува безбедноста на земјата, со што и тие ќе бидат охрабрени да инвестираат. Дали очекувате дека ќе се зголемат странските и домашните инвестиции во земјава и што тоа ќе значи за банкарскиот сектор, и конкретно за Вашата банка?

Суџубаши: Северна Македонија има стабилен банкарски сектор, како од аспект на адекватноста на капиталот на банките, така и во поглед на нефункционалните кредити, кои се на историски најниско ниво. Во земјава, и во време на политичките, па дури и безбедносните кризи, се одржа стабилност и дури имаше и раст на банкарскиот сектор. Секако, стабилизацијата на политичките процеси секогаш значи заживување на економијата. Влезот на земјата во НАТО сосема е реално да се очекува да донесе нови инвестиции, бидејќи Алијансата е извор и на финансиска и на економска сигурност, а на тоа упатуваат искуствата од сите земји кои станаа нејзини членки. Вклучително и на Турција која од 1952 година е членка на Алијансата. Анализите покажуваат дека економскиот раст на земјите се забрзува за два процентни поени во просек, ако се споредува периодот пет години пред и пет по влезот во НАТО. Еве погледнете и во окружувањето. На пример, во Црна Гора која пред две години стана членка на НАТО, странските инвестиции се зголемиле за 147 проценти. Во Албанија растот на странските инвестиции по влезот се зголемил од 5,5 на 9,1 отстсо, а во Бугарија – од 7 на 19,8 проценти. Покрај тоа, ако се земат предвид и напорите што се вложуваат за спроведување структурни реформи во рамките на државата, како и мерките од страна на централната банка за монетарно релаксирање за поддршка на заживувањето на економската активност, секако дека може да се очекуваат нови инвестиции. Банките и до сега беа важен партнер на корпоративниот сектор во остварување на нивните деловни потфати, а ваквата активност и поддршка ќе продолжи и во иднина.

Фактор: Ако влезот во НАТО треба да донесе позитивни ефекти, од друга страна, за годинава, конкретно за 12 април, во земјава се закажани предвремени парламентарни избори. Бизнисот постојано се жали дека во предизборниот период се забавуваат деловните активности, поради неизвесноста што ја носи изборниот процес сам по себе. Како изборите ќе влијаат врз економската активност и врз банкарското работење, и како банкарскиот сектор, и воопшто Халбанк, ќе се носи со еден таков предизвик?

Суџубаши: Народна банка веќе излезе со проценка за можно забавување на економската активност следната година заради претстојните вонредни парламентарни избори. Меѓутоа, доколку целиот процес се заврши во планираните рокови, сметам дека негативните ефекти веројатно ќе бидат со кус рок. Секако, потребно е да се продолжи со структурните реформи бидејќи тие се најважниот фактор што го детерминира растот и ги подобрува ефектите на економијата. Банкарскиот сектор во  Северна Македонија има искуство од вакви периоди, а со правилните монетарни политики, успеа да преброди дури и економски кризи кои во други земји оставија катастрофални последици и да остане стабилен и висококапитализиран. Ние како Халкбанк и во овој период ќе продолжиме со реализација на зацртаните планови во сите сегменти на работењето, како во делот на корпоративниот сектор, така и во сегментот на населението.

Фактор: Која е основата, тајната на успехот на Халкбанк? Дали повеќе кредитирате големи компании, или, пак, сте сконцентрирани на малите и средните бизниси и на кредитирање на населението?

Суџубаши: Малите и средни претпријатија, според нас, претставуваат камен-темелник на економијата и токму затоа, од влезот на македонскиот пазар како Халкбанк, наша таргет група е токму оваа категорија компании. Секаде во светот претприемачите или малите и средни претпријатија потешко стигаат до финансии. Ние се обидуваме да им помогнеме на овие компании побрзо да растат. Тоа е практиката пренесена од Турција, да ги поддржуваме овие компании бидејќи ним им е најтешко да дојдат до финансии, а ризикот не е голем бидејќи тие се борат да растат. Ова е особено важно за Северна Македонија во која од над 72.000 активни деловни субјекти, 98 отсто се со помалку од 50 вработени. Во однос на кредитирaњето на малите и средни претпријатија од страна на Халк Банка, би истакнал дека износот на кредитите на микро, малите и средни претпријатија заклучно со 2018 година изнесувал 164,5 милиони евра, додека, пак, заклучно со третиот квартал на 2019 година изнесувал 175 милиони евра, односно бележиме пораст од 10,5 милиони евра. При тоа, значајно е да се истакне дека најголем раст има во подсегментот на мали претпријатија. За оваа категорија клиенти, имаме воведено неколку нови производи, како на пример Еснаф, Раат и Промо Плус, преку кои се поддржуваат нивни тековни потреби за основни средства и обртен капитал.Нашето работење во сегмент на поддршка на малите и средни претпријатија е препознатливо, поради што и претходно имаме добиено значајни признанија. „Глобал банкинг“ и „Фајненс ривју“ нè прогласија за најдобра банка за мали и средни претпријатија во 2017 година. Наградата „Креатори на столетието“ беше уште една потврда за ваквиот наш ангажман и поддршка кои ќе продолжи и во иднина.

Но, Халкбанк паралелно со поддршката која ја дава за МСП ги поддржува и сите сектори на економијата и сите бизнис слоеви. Наши коминтенти се и многу големи компании, бидејќи кај нас препознаваат сигурен партнер. Продолжуваме и со поддршка на проектите на бизнис заедницата и преку кредитните линии од меѓународните финансиски институции. Кредитирањето на населението за нас секако е многу значаен сегмент и ние секако сме банка што нуди кредитни производи со најповолни услови на домашниот пазар со што излегуваме пресрет на потребите на населението за задоволување најразлични потреби со што поповолни банкарски услуги. Ваквата политика и ваквиот однос кон населението резултира со перманентен раст на нашето кредитно портфолио во сегментот на население и порастот на кредитите на население на банката (според податоците по банки објавени од Народната Банка) заклучно со септември 2019 година во споредба со 2018 година изнесува 20 милиони евра или 8,3 отсто. Од септември годинава воведовме промотивна кампања со која ги намаливме каматните стапки, како и надоместоците за нашите најбарани производи – потрошувачкиот, станбениот и хипотекарниот кредит, која траеше до 15  декември. Веруваме дека со намалување на каматните стапки и надоместоци на најкористените кредитни производи ќе придонесеме кон реализирање на личните инвестиции со прифатливо оптоварување на семејниот буџет. Оваа одлука ја следи мисијата на Халкбанк да нудиме одлична услуга за нашите клиенти, предложувајќи им ги најдобрите решенија за нивните потреби, со што се зголемува и нивното задоволството од соработката со банката.

Фактор: Кои корисници на кредити се најблагодарни од аспект на навремено враќање на позајмените средства, со кој вид на клиенти имате најмалку проблеми од тој аспект?

Суџубаши: Според податоците на Народна банка, ако вкупното ниво на проблематични кредити во делот на домаќинствата во 2018 година изнесуваше 2,3 отсто, кај станбените кредити е само 0,9 проценти. Токму затоа и Народна банка оценува дека станбените кредити се најквалитетниот сегмент од кредитното портфолио на банките. Од ова не е исклучок ниту нашата банка. Станбените кредити навистина се еден од најбараните кредитни продукти бидејќи значат решавање на најважното животно прашање на секој човек – да има свој дом. Од банкарски аспект, станбените кредити се атрактивни бидејќи се најобезбедени кредитни продукти. Истовремено, сите податоци покажуваат дека токму кај овој вид производи има најмал процент на нефункционални кредити, односно дека граѓаните најревносно ги подмируваат ратите кај овој вид производи. Слободно можам да кажам дека Халкбанка успешно работи во овој кредитен сегмент, а дека сме успешни во тоа најдобар доказ се резултатите кои покажуваат зголемување на нашето портфолио на станбени кредити заклучно со 30.09.2019 година на 70,4 милиони евра, што во споредба со 2018 година е забележан раст од 11,1 отсто. Ова го препознаваат нашите клиенти, што доведува до раст на нашето кредитно портфолио, а истата политика планираме да ја спроведуваме и во иднина.

Фактор: Каматните стапки на штедењето во банка, како што сме сведоци, во последниве години се во постојан пад, како последица на светските трендови. Како банките и конкретно Вашата банка го решаваат овој проблем, како граѓаните и покрај ниските камати да продолжат да бидат мотивирани да штедат во банка?

Суџубаши: Граѓаните имаат стекнато навики за штедење во банки од кои не се откажуваат. Факт е дека имаме намалување на каматите на депозитите, но тие го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се погледнат наназад низ годините висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите можеше да се очекува намалување на стимулот кај граѓаните за депонирање средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е помала. Меѓутоа, ова не се случува и кај нас бидејќи добрите економски показатели, стабилниот и здрав банкарски систем, како и високата ликвидност и профитабилност, ја зголемуваат довербата и сигурноста кај клиентите кои се одлучуваат своите заштеди да ги остават на сигурно, а таа сигурност им ја даваат токму банките. Халкбанк перманентно, од година во година, ја зголемува својата депозитна база. И оваа година продолжи растот на депозитите, со што банката го зголеми својот пазарен удел кој достигна 8,1 отсто заклучно со септември 2019 година. Вкупните депозити на клиенти во септември достигнаа 513 милиони евра. Во делот на населението, успеавме да го зголемиме портфолиото на депозитите за 22 милиони евра и тие достигнаа 254 милиони евра, додека кај корпоративниот сектор успеавме да достигнеме депозитна база од 229 милиони евра и да го зголемиме портфолиото за 34 милиони евра во однос на 2018 година. Депозитите од финансиските институции достигнаа 67 милиони евра. За нас како банка која е ориентирана кон клиентите, депозитите остануваат многу важен извор на финансирање. Затоа и во иднина планираме да продолжиме со одржување на стабилна и широка структура на депозити. Ефективното управување со заштедите служи како основа за проширување на финансирањето и овозможува Халкбанк и во иднина да може да испорачува иновативни производи. Всушност, политиката на банката е да се фокусира на барањата на клиентот нудејќи различни и флексибилни депозитни производи прилагодени на пазарните услови, со одржување високи стандарди за услуги кон клиентите.

Фактор: Халк банка е една од банките која беше меѓу првите што стартуваше со дигитализацијата. Колку е напреднат тој процес и колку тоа донесе подобрувања за клиентите, во смисла подобар квалитет на услугите, зголемување на продуктивноста, заштеда на време и слично?

Суџубаши: Дигиталната револуција во сите сегменти на денешното секојдневие придонесе интензивно да се инкорпорираат придобивките од истото и во банкарскиот сектор. Придонесот на Халкбанк во овој сегмент е воочлив бидејќи ние сме промотор на технолошки промени во сите сфери уште од влегувањето на македонскиот пазар. Бидејќи, користењето на новите технологии и во банкарскиот сектор е врзано за перцепцијата на населението за сигурност на податоците и трансакциите, Халкбанк ја имплементираше PCI DSS сертификацијата која што ја прави единствена со ваков вид сертификат на пазарот. Обезбедената сигурност за клиентите придонесува и за подигнување на свеста во користењето на дигиталните производи, што е и наша стратешка цел. Пазарот во Северна Македонија, токму благодарејќи на Халкбанк, првпат се запозна со NFC и Contactless технологијата, која овозможува бесконтакно и брзо плаќање со нашите Contactless картички која сега станува особено популарна и се движи со забрзан интензитет. Инвестициите во делот на POS терминалите и картичните производи директно придонесоа за тоа како и за будење на CashBack концептот преку нашата бонус програма која што се нуди кај нашите картички и за нашите клиенти. Како пионери во имплементацијата на е-трговијата како услуга, а за дополнителна сигурност и зголемувањето на оnline плаќањата преку удобно вршење на online трансакциите, нашите клиенти позитивно ја прифатија 3D secure платформата која позитивно влијаеше во овој дел и впечатоците за сигурно и безбедно плаќање. Брзиот пристап до нашите производи и услуги го овозможи и особено големиот раст и ширење на АТМ мрежата која нуди низа услуги за клиентите преку можност за правење низа трансакции кои се уникатни на пазарот, од вршење на трансфери на средства, плаќање на долг на картичка, користење на кредитната картичка како дебитна при подигнување средства, до вадење мали изводи итн. Овде би сакал да ја споменам нашата мобилна апликација HalkEko со која ја споивме технологијата со нашата општествена одговорна компонента. Тука имаме комбинација од физичка активност како пешачење, возење велосипед и трчање и подигнување на еколошка свест. Кога правиме добри нешта за себе, во смисла на физичка активност, во исто време придонесуваме за животната средина. Многу сме задоволни што истата наиде на одличен одѕив во јавноста и во моментов ја користат над 4.000 граѓани кои со своите физички активности обезбедуваат дрвја кои ние се обврзуваме да ги засадиме. Секако и во иднина банката ќе го следи развојот на новите технологии и ќе настојува да создава нови производи кои ќе донесат ново корисничко искуство и задоволство кај нашите сегашни и идни клиенти.

Фактор: И покрај овие модерни трендови, нашите граѓани се уште се во таа смисла конзервативни. На пример, преферираат да работат со готовина, или, плаќањата се уште сакаат да ги извршат директно во банката и слично. Дали почнаа да се модернизираат и што прави банката за да ги поттикне за да ги прифатат современите трендови?

Суџубаши: Во Северна Македонија свесноста кај населението за користењето на дигиталните трендови сè уште е на скромно ниво. Имаме параметри што мерат колку се користи класичното банкарство, а колку дигиталното, и навистина се гледа дека процентот на дигиталното е ниско, споредено со другите развиени држави. Но сепак, има прилично млада популација што брзо се приспособува на дигитализацијата и на новите производи. Затоа и очекувам во блиска иднина европскиот процент и овде да биде достижен. Свесноста и довербата кај електронското банкарство очигледно се зголемува, и кај нас во споредба со 2016 година, на пример, бројот на корисници се зголеми дури за 60 отсто, достигнувајќи бројка од околку 30.000 активни корисници. Паралелно на тоа растеше и бројот на трансакциите со раст од над 20 отсто, а кај мобилните плаќања дури до 200 проценти. Изгледа дека мобилното банкарство корисниците го сметаат за попрактично решение.Трендот на дигитализацијата продолжи со имплементацијата на новото електронско банкарство за правни и физички лица кое придонесе за значен интерес кај клиентите и голема искористеност на овие канали при вршење на трансакциите. Покрај ова, согледувајќи го трендот и популарноста на „паметните” телефони, Халкбанк првпат, покрај мобилното банкарство за физички лица, понуди и своја апликација за правни лица. Дигитализацијата придонесе за позитивна диверзификација во рамките на банката од аспект на бројот на трансакциите, каде што во споредба со филијалите веќе преку своите канали извршува речиси 60 отсто од вкупните трансакции, што значи големи оперативни како и репутациски придобивки. Бројот на корисници од ден на ден расте, како резултат на сѐ поголемата свесност за предностите при користењето на овие услуги, поддршката и едукацијата која банката постојано им ја нуди на своите клиенти преку различни канали (видео упатства за користење, достапноста на банката 24/7 преку Хелп 24 Контакт центарот, секојдневната помош од страна на вработените и слично), иновативноста, како и конкурентните цени кои ги прават овие услуги лесно достапни за секого. Нашата воспоставена инфраструктура од над 6.000 ПОС терминали со NFC технологија, како и фактите дека дека веќе речиси 40 отсто од трансакциите на пазарот се бесконтактни, говорат за тоа дека доаѓа време на нови дигитални револуции кои се повеќе се прифаќаат и користат од страна на населението и правните лица.

Фактор: Дали и какви нови технологии планирате да воведете за клиентите на банката?

Суџубаши: Халкбанк постојано настојува да креира производи по мерка на корисниците, бидејќи тоа е основа на нашиот раст. Но истовремено имаме и обврска, која произлегува и од политиката на нашата матична банка Халкбанк АШ Турција, во земјата во која работиме да бидеме промотори на воведување нови технологии создавајќи на тој начин бенефит и за корисниците и за државата во целина. Наш следен новитет ќе биде воведување на мобилната апликација HalkPay со која корисниците ќе може да плаќаат на ПОС терминалите со своите телефони. Ова првично ќе биде овозможено за сопствениците на MasterCard платежните картички. Секако, ќе има и други нови производи базирани на новите технологии, со што Халкбанк ќе продолжи да биде промотор на технолошките промени во банкарскиот сектор.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат

МАКЕДОНЦИТЕ ПОЧНАА МАСОВНО ДА ОДАТ ВО ГРЦИЈА: Еве ги цените во предсезоната

МАКЕДОНЦИТЕ ПОЧНАА МАСОВНО ДА ОДАТ ВО ГРЦИЈА: Еве ги цените во предсезоната

АМЕРИКА МОЖЕ ДА СЕ СООЧИ СО СТАГФЛАЦИЈА: директорот на JPMorgan Chase предупредува „економијата на САД се враќа на проблемите од 70-тите“

АМЕРИКА МОЖЕ ДА СЕ СООЧИ СО СТАГФЛАЦИЈА: директорот на JPMorgan Chase предупредува „економијата на САД се враќа на проблемите од 70-тите“

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

ВТОР МЕСЕЦ ПО РЕД ПАЃААТ - проесечната нето плата 39.276 денари, еве во кои сектори има најголемо намалување

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

АКО ВЕЌЕ „ГЛАВАМ“ ВО БАНКА, БАРЕМ НЕКА БИДЕ ЗА ДА СИ КУПАМ СТАН - голем пораст на станбените кредити, еве колку должат граѓаните

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ДА СЕ ОДАНОЧАТ ТРИТЕ ИЛЈАДИ НАЈБОГАТИ ВО СВЕТОТ, А ПАРИТЕ ДА ОДАТ ДИРЕКТНО КАЈ СИРОМАШНИТЕ - еве го планот на една нобеловка

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот

ЕВЕ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВААТ СВОИТЕ ПАРИ 0,001 ПРОЦЕНТ ОД НАЈБОГАТИТЕ: Живеат поинаку од остатокот од светот