Интервју Тони Стојановски: 90 отсто од новите штедни влогови се во денари!
Објавено во: Финансии 08 Ноември, 2013 08:23
Стојановски: Компаниите и банките заедно поминаа период исполнет со предизвици во текот на последните неколку години, секој во својот дел, секојдневно упатени едни на други. На добар дел од компаниите им беа потребни нови обртни средства, на дел од нив реструктуирање на отплататa на обврските и на еден помал дел од компаниите, кои и во услови на криза можеа да инвестираат, им беа потребни инвестициски кредити. Тука, најважниот фактор при воспоставувањето на било каков облик на кредитна поддршка е перспективата на компанијата оценета врз основа на здрави банкарски критериуми со примена на најдобрите меѓународни стандарди во овој дел. Со други зборови, кредитната поддршка мора да биде заснована на оценка дека таа ќе резултира со подобрување, зголемување на перспективите на бизнисот на компанијата, кој ке има капацитет да генерира парични текови доволни за одржување на континуитетот и измирување на обврските, вклучително и обврските врз основа на банкарски кредити. Во спротивно, доколку до ова не дојде, кредитната поддршка нема да резултира во она што е заедничка цел и на компаниите на банките: профитабилен бизнис на компанијата кој создава нова вредност и нови работни места во економијата. Секако, има простор за натамошно унапредување во односот на банките и компаниите и тука секој во својот дел, банките, компаниите, коморите, регулаторот итн, треба да продолжи да го дава својот придонес.
ЗА КАМАТНАТА ПОЛИТИКА НА БАНКАТА
Фактор: На ниво на банкарскиот сектор нефункционалните кредити достигнаа ниво од 11,9%. Поголем удел од скоро 15% имаат нефункционалните кредити на фирмите. Дали се достигнати овие пикови? Каков тренд се очекува во периодот што следува ?
Стојановски: Во текот на првите шест месеци од 2013 година, нефункционалните кредити бележеа раст и на крајот од првото полугодие достигнаа ниво од 12,3% на ниво на целиот банкарски систем. Добро е што во текот на третиот квартал се забележува тренд на нивно благо намалување, кој ги има сите предуслови да продолжи и понатаму. Нивото на нефункционални пласмани од 11,9% на крајот на септември е најниско во регионот и дополнително на тоа, целосно покриено со резервации. Истовремено, кога се зборува за нефункционални кредити, треба да се каже дека не зборуваме за ненаплативи побарувања туку за побарувања со доцнење над 90 дена. Еден дел од нив сигурно ќе бидат наплатени.
Фактор: Какви камати политики спроведува Стопанска Банка? Дали се очекува намалување на стапките и за кои кредити?
Стојановски: Каматните стапки се одраз на пазарните движења и стапките на раст на економијата - реални и очекувани. Оттука, Стопанска банка АД – Скопје ги следи сигналите на монетарната власт и нуди кредитни производи за граѓаните и компаниите со каматни стапки кои одговараат на пазарните услови. Последните неколку години забележуваме тренд на опаѓање на каматните стапки што придонесе да можеме на клиентите да им нудиме 5% годишна каматна стапка за станбен кредит гарантирана за 3 години, да им понудиме кредитна картичка со 6.9% годишна каматна стапка за одреден период на користење, да им понудиме поволни кредити и на компаниите . Притоа, кога зборуваме за движењето на каматните стапки, секогаш ги имаме предвид и активните и пасивните каматни стапки и сметам дека трендот на нивно намалување сеуште, во дадените околности , не е до крај исцрпен.
Фактор: Каква е структурата на депозитната база на Стопанска Банка? Каков е соодносот на штедењето во евра ( девизи) и денари?
Стојановски: Најпрво треба да се истакне дека во текот на целиот изминат период, депозитите на Стопанска банка АД - Скопје бележат континуиран раст и во овој момент Банката располага со депозитна база од над 1 милијарда евра. Тоа само по себе говори за довербата која нашите клиенти ја имаат во Банката со најдолга традиција во Република Македонија, што за нас претставува обврска, како и досега, да продолжиме одговорно да ги канализираме вака прибраните средства во “здрави” кредити кај компаниите и населението. Што се однесува до валутната структура на штедењето на граѓаните, може да се каже дека во последните неколку години близу 90% од новото штедење на граѓаните е во денари. Со тоа се смени и неговата структура. Во 2009 година, денарските штедни влогови беа околу една третина од вкупното штедење, додека на крајот на септември оваа година нивното учество е зголемено на една половина од вкупните депозити на граѓаните. Тоа недвосмислено упатува на зголемена довербата во домашната валута со свое позитивно влијание на ублажување на релативно високото ниво на евроизација на нашата економија.
НЕМА ОФИЦИЈАЛНИ НАЈАВИ ЗА СОПСТВЕНИЧКИ ПРОМЕНИ
Фактор: Стопанска Банка е една од водечките банки во земјава. Во исто време, оваа банка е во доминантна сопственост на грчката НБГ. Дали се очекуваат сопственички промени по најавата од Атина дека грчката групација влегува во процес на реструктуирање и промени?
Стојановски: Стопанска банка АД - Скопје во овој момент е Банка со најсилна капитална позиција во земјата, висока ликвидност профитабилност и изграден систем на управување со ризиците и корпоративно управување кои обезбедуваат сигурност, стабилност и континуитет во нејзиното работење согласно регулативата и под супервизија на Народната банка на Република Македонија.
Сите овие години, од приватизацијата на Банката па наваму, нашиот доминантен акционер, NBG, ги реинвестира остварените добивки на Банката и го јакне капиталот и нејзиниот финансиски потенцијал. Како резултат на тоа, овие финансиски средства, наместо да бидат распределени како дивиденда, се неповратно оставени во Банката, а со тоа и во каналите на нашата економија.
Околу информациите кои пред извесно време беа објавени во дел од јавните медиуми, треба да се каже дека официјална одлука или пак најава за било какви сопственички промени кај нас нема. Инаку, кога се зборува за промена на сопственоста на било која банка во светот која е финансиски независна од своите акционери, профитабилна, со висока капитална и ликвидносна позиција, како што секако е Стопанска банка АД- Скопје, тоа нема влијание на нејзината стабилност сигурност и континутет на активностите.
Редакција Фактор
Можеби ќе ве интересира
АЛАРМАНТНО: Хрватите соопштија колку работници ќе им требаат во следните пет години
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми




