18 Декември, 2025
0.0613

Историски отворени врати за членство во ЕУ, но „вратарот“ не попушта

Објавено во: Анализа 18 Декември, 2025 09:50

Добивај вести на Viber

На Запад ништо ново. Уште еден самит во Брисел на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан (минус Србија) не донесе ништо ново за европската перспектива на земјава од веќе воспоставениот однос - уставни измени па почеток на преговори. Во таков контекст македонскиот премиер Мицкоски имаше кратко и рамнодушно обраќање на самиот почеток на самитот. 

Според Мицкоски нашата земја одамна заслужила да биде членка на ЕУ, но тоа е спречено од вештачки причини преку блокадите на соседите и злоупотребата на билатералните спорови за прашањето на добрососедските односи кои се едни од клучните за пристапување кон Унијата.

Македонија одамна не е „омиленото учениче“ на бриселските бирократи. Поминаа ѕвездените моменти кога Заев ја нарекуваше Европа „ди мост сексипил лејди“ и кога Северна беше локомотивата на Западен Балкан како фаворит да стане нова членка на ЕУ.

Сега новите миленичиња на Европа се нашиот западен сосед Албанија и Црна Гора која годинава заврши уште пет поглавја од преговорите. Разбирливо Рама и Мијатовиќ беа многу порасположени за восклици и пофалби за европскиот проект.

Дури и Косово имаше причини за задоволство бидејќи по падот на Албин Курти кој со месеци не можеше да избере претседател на Собранието, ниту нова Влада, конечно Европската Унија го омекна ставот кон еден од нашите северни соседи.

ЕУ ќе укине дел од казнените мерки кон Косово кои беа донесени откако Албин Курти ги спроведе локалните избори во српските општини на северот на земјата иако политичките претставници на Србите ги бојкотираа изборите бидејќи тој одбиваше да ја формира Заедница на српски општини иако тоа беше претходно договорено со посредство на Брисел и меѓународните олеснувачи.

Србија воопшто не ни испрати свој претставник на самитот за првпат во историјата, односно од кога е воспоставен овој формат. Александар Вучиќ тврди дека додека тој е претседател на Србија државата ќе го задржи европскиот курс, но очекува реципроцитет и од Брисел. Бидејќи Србија е блокирана од 2022 година и нема изгледи да отвори ново поглавје од преговорите Вучиќ одби да глуми куртоазија во бриселскиот двор.

Македонија во овој момент е на дипломатско рамниште со Босна и Херцеговина. Иако правните услови за усогласување со европските регулативи се генерално исполнети, остануваат политичките критериуми како непремостливи пречки. Затоа и во контекст на двете држави генерално ЕУ го користи изговорот за недостигот на реформи, особено со корупцијата, како и недостиг на владеење на правото.

Секако, Брисел е во право за овој тип на критики иако јасно е дека не постои цврста политичка волја целосно да го интегрира регионот на Западен Балкан.

Македонската дипломатија повторно се враќа со празни раце, соочена со уште едно одложување на можниот почетокот на преговорите, и ултиматумот за исполнување на претходно прифатената обврска за уште една промена на Уставното со вметнување на Бугарите како малцинство.

Тактиката на „Калимеро нема правда“ засега не наидува на симпатии од официјален Брисел ниту пак има догледни шанси да се развие дијалог со официјална Софија каде со години не може да се формира стабилна политичка влада.

Затоа ќе продолжи овој провиден танц, ние малку ќе се муртиме во Брисел, ќе ветуваме одлучни и решителни реформи, ЕУ ќе ни пушта по некој грант, и ќе продолжиме како до сега - мачно, непријатно и бесперспективно.  

Х.С.  


Можеби ќе ве интересира

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски

Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување