Избори без ТВ Дуел: Кој избега од политичка дебата?
Објавено во: Македонија 09 Декември, 2016
Јавноста разочарана и на овие парламентарни избори остана без уживање во политичка дебата на политичките опоненти.
Повици за ТВ Дуел многу, ама прифатен ниту еден. Изговори за ова, за она, за трето, за петто.
И покрај бројните прозивки на опозицискиот лидер, Зоран Заев кој речиси на секој митинг упатуваше повик за ТВ дуел до својот најголем опонент, Груевски не се одважи и не прифати да седне тет-а-тет со него.
Помалку од 20 години македонската јавноста ја нема честа да го види соочувањето на два политички опоненти.
Речиси 18 години од дуелот кој уште е актуелен кога во 1998-та тогашните кандидати за премиер Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски се соочија на тв екраните. Веќе години наназад претставниците на власта одбиваат да се сретнат со своите политички опоненти и да ги соочат своите видувања на вистината, па дебатите се сведоа на соочување на ставовите на аналитичарите.
Аналитичарите велат дека отсуството на дебата е еден од показателите и за отсуство на демократски капацитет. Страв од соочување на аргументи, слабост пред фактите или омаловажување на електоратот – зошто политичките елити бегаат од меѓусебни тет-а-тет средби?
Професорот Крсте Шајноски анализирајќи го бегањето од ТВ дуели вели дека тоа што во демократските земји е законска обврска, кај нас е желба на лидерот.„Излегувањето во предизборниот период на ТВ дуел не е прашање на оценка на партиите, туку наметната обврска од демократското општество. Целта е повеќе од јасна, гласачите директно, во живо да ги соочат лидерите кои претендираат во иднина да ја водат нивната држава. Едно е да му раскажуваш прикаски на народот колку си успешен и исполнителен, а друго е кога на таквите твои тези спротивставената страна аргументирано или не ќе ти возврати. На тој начин народот најобјективно може да види кој ја зборува вистината и кому треба да му ја даде довербата. Кај нас ваквата пракса и по десет години сеуште е табу тема и веќе е јасно дека и за овие избори соочувањето како инструмент за оценка на квалитетот на кандидатите нема да профункционира. И впрочем, затоа сме таму кај што сме.
Просто е „неверојатно“ зошто лидерот на ДПМНЕ бега од изборни дуели кога постојано зборува за „ветени и остварени проекти“, па дури и за „остварени а неветени“, за „големи успеси“ во обзебедувањето на подобар живот на граѓаните... Според него, земјата цвета, а ако цвета зошто да бега од ТВ дуели. Зошто и покрај „големите успеси“ не се одважува да излезе пред јавноста и во соочување со опозиционерите да им го десеткува нивниот дел од гласачкото тело? Очигледно е дека некаде има сериозен проблем. Од петни жили се напрега, и без дуел, да му „доделат“ 63 пратеници за да може уште „попосветено“ да работи за „доброто“ на народот, да нема кој да му смета во остварувањето на идните проекти. Па, зошто тогаш бега од јавно соочување со лидерот на опозиционите сили? Одговорот е прост. Нема големи успеси.Тие се демаскирани. И тој е повеќе од свесен, па, можноста јавно да расправа за нив, може да му ја растури „кулата од карти“ во која му веруваат оние кои не ги слушнале или не ги разбрале аргументите на критичарите, а се радуваат на трошките што им ги фрла од богатата трпеза, подготвена на сметка и на идните генерации.
Нема демократија без дебата, без дебата нема демократија ...
“Ова што сега го гледам и слушам, кога политичарите сами за себа си кажуваат убави работи, набројуваат успеси, зборуваат дека е се најубаво, не личи на ништо. Јас иако знам за кого ќе гласам на изборите што сега ги најавуваат за во декември, сепак сакам да слушнам како на пример Груевски и Заев би зборувале на дебата, сакам да видам како двајцата ќе ги соочат мислењата“ - вели пензионираниот Благоја.К.
Граѓаните секојдневно се изложени на спорадични, парцијални и изолирани интрвјуа со политичарите, а дел од тој амбиент се и средбите со граѓаните кои треба да манифестираат близина со гласачот. Но, според познавачите овој модел на “самопромоција“ е нешто сосема различно од формата на вистинска дебата, соочување на различните политики, концепт, понуда и пристап преку аргументи, очи во очи, а не преку “валкана кампања“ изработена од партиски кујни, а не ретко спроведувана од дел од медиумите со која најчесто се оцрнува и омаловажува политичкиот опонент.
Цели 18 години граѓаните на Македонија се лишени од ТВ дуел во кој би учествувале лидерите на најмоќните и најбројните партии, на оние политичари кои се борат за фотељата во премиерскиот кабинет. Дуелите на политичарите кои практично значат мегдан за битка со аргументи, а не со оцрнување, е потврда за присуство на деморатски капацитет и на општеството и на тие што го водат, оценуваат експертите за односи со јавност.