ИЗБОРИТЕ СЕ БЛИЖАТ: Дали Македонија ќе излезе од политичката криза, или ќе се турне во уште поголемо дно?
Објавено во: Македонија 09 Декември, 2016
На вонредните парламентарни избори во земјава, кои ќе се одржат во недела, на 11 декември, за место во Собранието ќе се борат десет коалиции и партии, а главни фаворити, според очекувањата се владеачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на опозициската СДСМ.
Изборите практично официјално почнаа во четврток, кога гласаа 325 членови на избирачките одбори за дијаспората, во согласност со обврската тоа да го направат пред да заминат во 46 дипломатско-конзуларни претставништва кои Македонија ги има во странство
Во Скопје, се очекува овие избори да ја изведат Македонија од долгата политичка криза, иако малкумина веруваат дека тоа веднаш ќе се случи. Судејќи според кампањата која овие денови ја води десно ориентираната ВМРО-ДПМНЕ Груевски очекува враќање на власт.
Доколку тоа се случи, како што се проценува во Скопје, и не само во Скопје, ќе следи голем предизвик за Европската унија и нејзината стратегија на притисок на балканските народи во замена за помош. ЕУ долго го критикува Груевски дека е одговорен за неприменување на демократија и владеење на правото.
Притоа, изборите се одржуваат во момент на голема бегалска криза која ја погоди и Македонија во изминатите 18 месеци и кога низ земјава поминаа повеќе од милион луѓе, воглавно муслимани кои бегаат преку балканската рута кон земјите на ЕУ. Тука е проблемот и на грчката блокада на официјално Скопје за приклучување на ЕУ и НАТО поради името на државата.
Најновите анкети покажуваат дека предноста на ВМРО-ДПМНЕ се топи пред својот ривал, СДСМ. Лидерот на опозицијата вели дека Македонија назадувала и дека е на последно место од сите екс ју републики, па дури и Косово кога се работи за евроинтеграциите.
Затоа, вели , неопходни се темелни реформи во земјава, кои ќе го отворат патот кон ЕУ. Заев, вели дека не се почитуваат основните права, во земјава не постои можност за контрола на власта, а нема ни независно судство.
Препрека, потсетува Заев, е 11 годишниот проблем кој го имаме со името кое не го признава Грција. За тој проблем, смета дека мора да се најде решение без промена на Уставот, а не да се прават проекти како досега кои ја провоцираат не само Грција, туку и Бугарија, Србија, Албанија.. Балканот има многу заедничка историја, вели Заев и додава дека таа треба да ни помогне, а не да не дели.
Речиси е извесно дека една од трите партии на етничките Албанци, кои сочинуваат околу една третина од вкупниот број на жители, ќе стане иден коалиционен партнер во новата влада. Новинарот и аналитичар Џелал Незири во очи на изборите вели дека Македонија има многу проблеми и дека уште во 2008 година бележи пад на сите нивоа-од слобода на говор, демократија, човечки права..Проблемите на граѓаните се, вели, слични без разлика на нивна национала припадност иако поделеноста во општеството е прилично изразена.
Најголем проблем го смета тоа што младите немаат перспектива, па, според некои проценки, Македонија ја напуштиле повеќе од пола милион луѓе во изминатите години. Незири не очекува многу од изборите и не ја исклучува можноста од фирмирање техничка влада.
Груевски, инаку, поднесе оставка во јануари годинава, што беше дел од договорот на политичките партии, со посредство на ЕУ, а заради излез на земјава од политичката криза која практично почна во почетокот на 2015, кога СДСМ и Заев обелоденија прислушувани разговори. Тие снимки открија корупција на највиско ниво на власта во државата.
Во најновиот извештај за напредок на Македонија, Брисел вели дека новата влада мора да ги почитува независноста на судството, слободата на медиумите, како и деполитизацијата на државните инстуитуции.
Право на глас на изборите во недела имаат 1.784.416 граѓани, од кои 230.122 на посебен список. Се работи за граѓани кои се привремена работа во странство, со тоа тие да можат да бираат каде ќе ја извршат својата граѓанска должност. Предизборната кампања трае до ноќеска на полноќ, кога почнува предизворниот молк.
Вонредните парламентарни избори се резултат на Договорот, кој претставници на најголемите политички партии го потпишаа во Пржино , со посредство на ЕУ. Изборите според тој договор најпрво требаше да бидат одржани на 24 април, но беа поместени за 5 јуни. Најновиот датум на одржување на изборите четирите партии го договорија на 31 август.