Јани Макрадули побарал да се отпушти лицето од „Пошта“ кое присвоило 220.000 денари од починат
Објавено во: Македонија 06 Февруари, 2022
Директорот на АД „Пошта“ Јани Макрадули побарал да се отпушти лицето за кое полицијата извести дека присвоило 220.000 денари од трансакциската сметка на починат во филијала во Центар Жупа. Парите биле уплатени на сметка на ќерката на оштетениот.
Од Ад „Пошта“ потврдуваат дека било доставено барање до Самостојната служба за инспекција, за обезбедување податоци и откривање дали е извршена злоупотреба на службената положба и овластување.
Од таму велат дека по констатирањето на повредите и неправилностите, при извршувањето на работните задачи, биле преземени сите мерки и активности за постапување против незаконските дејствија и случајот е пријавен до надлежните органи.
„Лицето против кое е поднесена кривичната пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, веќе не работи во АД “Пошта на Северна Македонија”, а средствата во износ од 220.000 денари, кои противправно ги присвоил, на ден 30.12.2021 година се вратени, односно уплатени на сметка на ќерката на оштетената. Во АД “Пошта на Северна Македонија” веќе нема компромис во борбата за спречувањето на криминалот и корупцијата“, соопштуваат од АД Пошта.