„ЈАВНИОТ ДОЛГ ВО 2029 ГОДИНА БИ ИЗНЕСУВАЛ 65,9 ОТСТО ОД БДП“: „Фајненс тинк“ со анализа на новонајавениот кредит

Објавено во: Финансии 22 Мај, 2025 11:08
Продлабочувањето на економската соработка со Обединетото Кралство има суштинско значење за економскиот развој и интеграцијата на нашата земја во пошироките глобални економски текови.
Историјата на билатерални односи со Обединетото Кралство веќе вклучува значителни елементи, како што се странските директни инвестиции од британски компании, кои придонесоа за отворање на нови работни места, трансфер на знаење и технологија, како и за подобрување на деловната клима во неколку сектори, вклучувајќи ги производството, енергетиката и услугите.
Дополнително, трговската размена помеѓу двете земји покажува позитивен тренд, со зголемен извоз на домашни производи и услуги на британскиот пазар, а во рамки на склучениот Договор за слободна трговија по Брегзит. Оваа економска интеракција создава стабилна и продуктивна основа за понатамошно стратешко партнерство.
Ова се генералните заклучоци од анализа која ја направи Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ по повод потпишувањето на Договорот со британската влада.
- На располагање за користење се ставаат 5 милијарди фунти во временски период од 10 години, со кои ќе се финансираат исклучиво капитални проекти. Тоа претставува, во просек годишно, 600 милиони евра, што е износ близок на годишниот буџетски дефицит во последните години - укажуваат од „Фајненс тинк“.
- Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, тие го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок.
Инвестициите во железничката мрежа, на пример, не се само логистички подобрувања, туку и стратешки чекори за зголемување на регионалната поврзаност, ефикасноста на транспортот на стоки и луѓе, и интеграцијата со трансевропските транспортни коридори. Вложувањата во здравствени капацитети претставуваат суштински одговор на долгогодишните слабости во здравствениот систем, особено во делот на еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита надвор од главниот град - нагласуваат аналитичарите.
Од Институтот напоменуваат дека новото позајмување мора да се разгледа во контекст на неколку фискални ризици.
- Секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок. Нема економска логика да се аргументира дека јавниот долг не би пораснал. Доколку проектите кои се предвидени да се финансираат се веќе проектирани во Фискалната стратегија, тогаш во најдобро сценарио, јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, но тоа не неопходно значи дека тој би се намалувал - објаснуваат економистите.
Воедно додаваат дека според постојните плански документи, не сите инвестиции кои се најавуваат преку ова партнерство се вклучени во планираните буџетски расходи. Така, на пример, единствено мапиран проект е Клиничкиот центар во Штип, додека најголемата инвестиција – новата железничка пруга долж Коридорот X – не е буџетски планиран проект.
- Ако овие проекти не се вклучени во постојните среднорочни буџетски проекции, нивната реализација ќе доведе до поголем дефицит од планираниот, а со тоа и до повисок јавен долг. Под претпоставка дека половина од просечниот годишен износ на британскиот заем би претставувал буџетски дефицит над проектираното ниво во Фискалната стратегија, јавниот долг во 2029 година би изнесувал 65,9 отсто од БДП, наспроти моментално проектираните 62,2 проценти - укажуваат аналитичарите.
Сценарио во кое британското финансирање е над износот на среднорочно-проектираниот буџетски дефицит крие опасности и е спротивно на заложбата за фискална консолидација.
Сепак, додаваат дека, доколку станува збор за проектно финансирање со ниски каматни стапки и грејс периоди, тоа би било поповолно во однос на алтернативните извори на финансирање на буџетските дефицити, како еврообврзниците.
Во сценарио на фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит до 3 отсто во следните 3-4 години, обемот на каматните плаќања би се намалил. Забележително е како тие во последните години драматично пораснаа, од 1,2 проценти од БДП во 2018 на 1,9 отсто во 2024 (види График 3).
Сепак, ова нема да биде релевантно доколку британскиот заем се додаде на веќе-предвиденото буџетско финансирање преку повисока потреба од задолжување, со што кусокот повторно би се обезбедил од друг извор.
Ако британскиот заем е дополнување, наместо замена, на финансирање на буџетските дефицити од други извори како еврообврзници, тогаш нашиот каматен долг ќе продолжи да расте.
Извор: Министерство за финансии.
- Оттука, додавањето на финансирањето со британскиот заем на веќе-проектираниот среднорочен буџетски дефицит претставува сериозен извор на фискален ризик. Од друга страна, доколку тој претставува финансирање во рамки на планираниот дефицит за следните три години, според предвидената фискална консолидација со Фискалната стратегија, ќе влијае особено поволно на јавните финансии и ќе даде значајна поддршка на фискалната консолидација.
Од технички аспект, важно е да се напомене дека реализацијата на стратешкото партнерство ќе се судри со нашиот капацитет за реализација на капиталните проекти.
Досегашното искуство покажува дека ова е особена слабост на македонскиот систем – реализацијата на капиталните расходи секоја година е под проектираното ниво.
Вклучувањето британска експертиза во планирањето и имплементацијата може да ги олесни домашните административни и технички тесни грла, што би значело повисок степен на реализација на проектите.
Во таа смисла, за партнерството да даде брзи опипливи резултати, клучно е договорот да предвиди посебни механизми за адресирање на домашните административни тесни грла – на пример, преку заеднички координативни тела, поддршка за техничка експертиза или учество во директна имплементација на проекти. Но, помало вклучување домашни подизведувачи може да ги намали краткорочните ефекти од овие средства врз БДП - укажуваат од „Фајненс тинк“.
Можеби ќе ве интересира
КАЗНИ ДО 12 ИЛЈАДИ ЕВРА, РАЈНЕР ПРЕДУПРЕДУВА! Непристојното однесување во авион, скапо ќе го платите

ДУКОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВЕН НОСИ „ФЕЈК“ РОЛЕКС:„Ова нема врска со ништо, освен со лош вкус“

„ВО ВРЕМЕ КОГА ЕВРОПСКИТЕ ДРЖАВИ ВОВЕДУВААТ ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА, ТОЈ ПРОМОВИРА СОВРЕМЕНО РОПСТВО“: Најчевска за Славески

КОНЕЧНО СЕ ЗНАЕ ШТО НОСИ НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА РАБОТНИЦИТЕ ВО ЕВРОПА: Блазе на оние што учеле медицина, имаат полни паричници

АКО ОВА СТЕ ГО КУПИЛЕ ОД СРПСКА ИКЕА... Производот се повлекува, итно отстранете го од вашиот дом

КАМАТНИТЕ СТАПКИ ОСТАНУВААТ НЕПРОМЕНЕТИ - монетарната политика го задржува внимателниот карактер

ОГРОМНИТЕ АМБИЦИИ НА СОПСТВЕНИКОТ НА ЛИДЛ: Сега сака да го освои морето и да ги совлада „облаците“

КОЛКУ ЧИНИ СМЕСТУВАЊЕТО ВО ЦРНА ГОРА, ХРВАТСКА, АЛБАНИЈА, ГРЦИЈА И ТУРЦИЈА? Хрватска некогаш беше прифатлива, Турција и сите други ја туркаат од позицијата

ПОМАЛКУ ПАРИ ОД СТРАНСТВО, РАСТ НА ЗАДОЛЖУВАЊЕТО, НО И РАСТ НА БУЏЕТОТ – еве ги Фискалните планови до 2030 година
