ЈУГОХРОМЦИ ГО КРЕВААТ ГЛАСОТ: Нов протест и блокада на патот Скопје - Тетово
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2017
Вработените од фабриката Југохром од Јегуновце најавија нов протест за в четврток на автопатот Тетово - Скопје, кај наплатна рампа Желино.
Патот ќе биде блокиран во двата правци. Вработените велат дека протестот се организира поради неоправданото исклучување на печките. Своите синдикални барања ќе ги истакнат на протестот.
Работниците и претходно го блокираа истиот пат, а протестираа и во Скопје, со барање да им се реши статусот и да се вратат на работа. Тие имаа средби и со надлежните од Министерството за животна средина и со премиерот, Емил Димитриев.
Југохром на 2 ноември лани постапи по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, кој донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците. Претходно, Југохром бараше ново 18 месечно продолжување на законскиот рок и договорот да постави филтри за отпрашување.
Вработените во неколку наврати повторија дека и понатаму Тетово е загадено, иако фабриката не работи.