04 Декември, 2024
0.0264

Како Македонија за една година планира да врати 670 милиони евра?

Објавено во: Финансии 24 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Според меѓународните институции и домашните експерти, Владата најверојатно ќе мора да излезе на пазарите на капитал и таму пак да се задолжи, за да ги подмири овие плаќања. Не се очекуваат проблеми при сервисирањето на околу 670 милиони евра кои достасуваат за 2015 Додека сите „рефлектори“ се насочени кон предизборната „претстава“ која деновиве е во фокусот на интересирањето на најголемиот дел од јавноста, изгледа дека се малкумина оние кои се занимаваат со прашањето како државава идната година ќе ги сервисира вкупните обврски што достасуваат за отплата, тешки 670 милиони евра. Дел од овие средства отпаѓаат на неопходни исплати кон надворешните кредитори, и тоа еврообврзницата од 150 милиони евра, како и отплата кон Меѓународниот монетарен фонд, во износ од 110 милиони. Другиот дел, пак, се предвидени плаќања по основ на државните хартии од вредност, преку кои Владата се позајмува на домашниот пазар. Ваквите пресметки ги направиле во ММФ, а македонските власти досега немаат излезено со прецизни проекции за тоа колку пари кон кредиторите ќе треба да се испорачаат следната година. Не се презентирани ниту можните начини од кои извори ќе се обезбедат тие средства, ниту има проценка колкава цена ќе имаат тие за овдешните даночни обврзници. Постојниот претставник на ММФ за Македонија, Патрик Житон, во едно свое интервју за медиумите, оцени дека Владата, за да ги подмири овие отплати, најверојатно ќе мора да се појави на пазарите на капитал. Фондот не смета дека властите би наишле на проблеми при сервисирање на овој долг.
„Врз база на нашите тековни проценки, вкупните обврски на државата што достасуваат за отплата во текот на 2015 година - вклучувајќи го и она што достасува спрема надворешните кредитори, како и проценетата состојба на домашните хартии од вредност, кои би требало да се обновуваат во текот на годината - изнесува околу 670 милиони евра, или околу 7,5 отсто од БДП. На надворешна страна ова ја вклучува отплатата по еврообврзницата во висина од 150 милиони евра, како и отплатата кон ММФ врз основа на ПЛЛ-кредитната линија во висина од 110 милиони евра. Најверојатно, Владата ќе мора да излезе на пазарите на капитал за да ги подмири овие отплати. Во моментов, не сметаме дека властите би имале каков било проблем со сервисирање на овој долг.
Во ова интервју Житон открива и една друга информација, а таа е дека во наредниот период земјава не може да очекува евентуална нова кредитна линија од Фондот.
„Во моментов нема никакви разговори за евентуално финансирање од страна на ММФ“, одговори претставникот на Фондот на прашањето дали можеби меѓу Владата и оваа меѓународна финансиска институција постојат разговори за евентуална кредитна линија што таа би ја одобрила за земјава.
Значи, наредната година ќе мора да се излезе на меѓународните пазари на капитал, откако оваа, 2014, според познавачите, тоа нема да биде неопходно. Владата за годинава успеа да обезбеди заем од 36,4 милиони евра од Светска банка, кој е наменет за развој на конкурентност на економијата и ќе заврши во буџетската каса на земјава, но дури после завршувањето на изборите. Изградбата на двата автопати, пак, се финансира  преку кинескиот кредит кој го зеде Јавното претпријатие за државни патишта. Во меѓувреме, чести се и задолжувањата кај домашните банки и фондови преку државните хартии од вредност, а на аукциите се позајмуваат и износи кои се поголеми од оние што утредента треба да се вратат, што значи дека со остатокот се финансираат буџетски потреби. Но, во 2015 ситуацијата ќе биде поинаква, па земјава ќе мора да се обрати до странските кредитори. Издавање еврообврзница е една од опциите. За висината на каматните стапки засега никој не сака да прогнозира. Експертите со кои комунициравме сметаат дека обврските што доспеваат за идната година, би можеле да се отплатат без поголеми проблеми.
„Како што економијата се подобрува и економскиот раст се забрзува, така и веројатноста од проблеми при исплатата на јавниот долг во иднина ќе се намалува. Во таа смисла, обврските што доспеваат за отплата во претстојниот период, особено еврообврзницата во 2015 година, би требало да може да се отплатат без поголеми проблеми. Со оглед на стабилноста на економијата и кредитниот рејтинг, кој во текот на оваа криза не се влоши, претпоставувам дека отплатите на долговите ќе се вршат со нови позајмици, и тоа главно на комерцијалниот пазар. Ако заздравувањето на глобалната економија продолжи без нови шокови, тогаш тие движења се во поволна насока за нас, односно пониските економски ризици на глобално ниво би резултирале со поповолни услови за позајмување на глобалниот пазар“, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.
Но, според него, намената на новите кредити е најбитна, а задолжувањата за пензии и плати носат опасности.
„Да заклучам, според информациите со кои сега располагаме, отплатата на јавните долгови и кон надвор и на домашниот финансиски пазар не би била проблематична. Но, според мене, поважно е прашањето на користењето на позајмените средства. Ако позајмуваме за патишта, железница, енергетика, апаратура во здравството, тогаш тоа ќе се исплати на среден до долг рок, без оглед што сега ќе го зголеми долгот. Во опасност сме ако се задолжуваме за да ги потхрануваме пензиите, платите и социјалата“, потенцира овој економски аналитичар.
А, меѓународната рејтинг агенција „Фич“ деновиве потврди дека Македонија останува со кредитен рејтинг ББ+ стабилен. Таа забележала дека реалниот пораст на бруто-домашниот производ од 3,1 отсто во земјава бил воден од градежниот сектор, а се очекува тој да се зголеми во 2014 и 2015 на 3,2, односно на 3,5 отсто. Рејтингот е значајна информација по која се раководат кредиторите при одобрувањето заем за една држава. Според „Фич“, дефицитот на централната власт останал непроменет во 2013, односно 4 отсто од вредноста на БДП. Владата ќе продолжи со фискалното стимулирање и во текот на оваа година, пред се преку социјалните трансфери и инвестициите во големи инфраструктурни проекти. „Фич“ оценува дека таргетираниот дефицит од 3,5 отсто е одржлив и дека нема да падне под три отсто до 2015 година, додека Владата ги поддржува капиталните инвестиции. Долгот на Владата се очекува да забележи зголемување на околу 36 отсто оваа и еден процентен поен повеќе во текот на 2015 година. „Релативно краткиот рок на достасување на обврските значи дека потребите за финансиски средства ќе биде околу 13 отсто од вредноста на БДП, но бидејќи околу 79 отсто од јавниот долг е во странска валута, ги остава јавни финансии да бидат ранливи на флуктуациите на девизниот курс“, се вели во оценката на рејтинг агенцијата. Министерот за финансии Зоран Ставрески веднаш по оваа објава нагласи дека потврдата на стабилниот кредитен рејтинг од една од најреномираните агенции во светот „Фич“ е признание дека макроекономските политики се стабилни, со добра солидна стапка на раст на економијата, движена од градешништвото, високите капитални инвестиции од буџетот и средствата вложени од странските компании. Според него, тоа е одлична вест, бидеќи само во изминатите неколку месеци „Фич“ и „Стандард и пурс“ ги намалија кредитните рејтинзи на повеќе земји во регионот како Хрватска, Словенија, па и пошироко на Украина, Русија, Турција...
„Задоволни сме што инвеститорите ќе имаат можност по петти пат да слушнат од оценката на Фич дека е потврден кредитниот рејтинг и дека Република Македонија спроведува во целина добри економски политики. Тоа ќе влијае и на натамошниот интерес на инвеститорите за Македонија како дестинација за нови вложувања, нови инвестиции, нови вработувања“, изјави Ставрески.
Во контекст на раздолжувањето на земјава во следниот период, уште една информација деновиве го привлече вниманието во јавноста. Имено, Владата, иако не на голема врата, обзнани дека нема намера да го продава ЕЛЕМ. Ова следува откако во некои кругови во земјава извесен период наназад се шпекулираше дека Владата би можела да оди на продажба на државната Електрани на Македонија, а дел од добиените средства би се искористиле за сервисирање на големите рати што стигнуваат за отплата во 2015 година. Но, во својот отчет за досегашното работење во изминатиот тригодишен период, ВМРО-ДПМНЕ ги расчисти дилемите околу своите намери за оваа енергетска компанија во сопственост на државата. „Во оваа фаза се оцени дека долгорочен интерес на Република Македонија е АД ЕЛЕМ да остане во целосна државна сопственост“, се вели во отчетот на најголемата владејачка партија, што го презентираше премиерот Никола Груевски. Иако за можна докапитализација на ЕЛЕМ досега се зборуваше подолг период наназад, сега од Владата стигнуваат информации дека таа планира да го задржи ова свое акционерско друштво, за чија вредност неофицијалните информации говорат дека сега би можела да изнесува околу една милијарда евра. (Ф.Н.)

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МВР го зајакна возниот парк! Полицијата плати 447.000 евра за бензинци со алумински бандажи, дел се со автоматски менувачи

МВР го зајакна возниот парк! Полицијата плати 447.000 евра за бензинци со алумински бандажи, дел се со автоматски менувачи

БРОЈКИТЕ ИЗЛЕГОА НА ВИДЕЛИНА, КОЛКУ ПРОФИТИРАШЕ МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР - уште еднаш се потврди дека нето приходите од камати се главниот извор

БРОЈКИТЕ ИЗЛЕГОА НА ВИДЕЛИНА, КОЛКУ ПРОФИТИРАШЕ МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР - уште еднаш се потврди дека нето приходите од камати се главниот извор

НА 5 ДЕКЕМВРИ Е СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА СКИ ПАТЕКИТЕ НА КОПАОНИК: Проверете дали ќе ви се допаднат цените

НА 5 ДЕКЕМВРИ Е СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА СКИ ПАТЕКИТЕ НА КОПАОНИК: Проверете дали ќе ви се допаднат цените

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ВОЗЕЊЕ ВО НОВОТО МЕТРО ВО СОЛУН: Археолошка изложба за смешна цена

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ВОЗЕЊЕ ВО НОВОТО МЕТРО ВО СОЛУН: Археолошка изложба за смешна цена

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“

НЛБ Банка транспарентно објави! Колкава награда годишно ќе добива надворешен (т.е. независен) член на Надзорен одбор?

НЛБ Банка транспарентно објави! Колкава награда годишно ќе добива надворешен (т.е. независен) член на Надзорен одбор?

„ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ“: Народна банка предупредува „зачестија измамите со уплата на средства“

„ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ“: Народна банка предупредува „зачестија измамите со уплата на средства“

МЛАДИТЕ НЕ МОЖАТ ВЕДНАШ ДА СОБЕРАТ 20.000 ЕВРА, МОРА ДА ГО НАМАЛИМЕ УЧЕСТВОТО ШТО ГО БАРААТ БАНКИТЕ - Вучиќ најавува субвенционирање на станбените кредити

МЛАДИТЕ НЕ МОЖАТ ВЕДНАШ ДА СОБЕРАТ 20.000 ЕВРА, МОРА ДА ГО НАМАЛИМЕ УЧЕСТВОТО ШТО ГО БАРААТ БАНКИТЕ - Вучиќ најавува субвенционирање на станбените кредити

ЌЕ ИМА И БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКИТЕ СМЕТКИ - УЈП повикува 1.198 даночни обврзници да платат долг за ДДВ од 12,3 милиони евра

ЌЕ ИМА И БЛОКИРАЊЕ НА ТРАНСАКЦИСКИТЕ СМЕТКИ - УЈП повикува 1.198 даночни обврзници да платат долг за ДДВ од 12,3 милиони евра