КАРАПЕЈОВСКИ: Гаши е добар човек, но има неколку грешки
Објавено во: Македонија 08 Август, 2024
Пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ вечерва изјави дека сѐ уште немаат заземено став како ќе гласаат за интерпелацијата на собранискиот спикер, Африм Гаши, и дека ќе го оформат по добивањето на сите информации.
„Се надевам дека тие грешки ќе излезат и низ извештаите на соодветните државни органи и во неговиот одговор, дека всушност не се толку страшни, дека тој не учествувал на тој начин во сето она што се случувало за да треба да биде разрешен од функцијата претседател на Собранието. Но, да оставиме извесен период да ги оставиме овие десет дена што деловникот му ги дава и на претседателот на Собранието и тој самиот да се произнесе, а и ние да ги добиеме сите информации“, дополни тој во интервју за Сител.
За тоа дека во иницијативата е наведен и случајот со групната верска молитва на сред Собрание, на кој ЗНАМ како партија остро реагирала, Карапејовски одговори дека не смеат да избрзаат и кон него да посочат со прст без да им дадат шанса на институциите соодветно да ги направат сите можни истражувања што се случило и да дадат соодветен извештај.
Левица поднесе интерпелација за Гаши поради инцидентот на скопскиот аеродром минатата недела со косовската претседателка Вјоса Османи. И СДСМ бара смена на Гаши.