НАЈЧЕСТИ СЕ СКРШЕНИЦИТЕ НА КОЛКОТ И НА РАЧНИОТ ЗГЛОБ: Проф. д-р Камнар за сериозните повреди на подмрзнати површини
Објавено во: Македонија 15 Јануари, 2025
Скопје деновиве под снежна покривка, но службите вложија напори за расчистување на главните улици и коловози во градот, кои се целосно проодни. Сепак, тротоарите, особено во одредени делови на градот, остануваат опасна зона за движење. Остатоците од снег и мраз на пешачките патеки, особено во населбите на повисоките места, претставуваат сериозен ризик за граѓаните.
Последиците од овие услови се веќе видливи – зголемен број на повреди кај пешаците, како скршеници и модринки, како и сообраќајни незгоди предизвикани од лизгање на возилата. Итната медицинска помош бележи зголемен број на интервенции, додека граѓаните апелираат за подобра координација и одржување на тротоарите во текот на зимата.
Поради снегот и појавата на голомразица, скопската Итна медицинска помош за само два дена регистрирала вкупно 254 интервенции. Според изјавата на доктор Рихад Реџепи, шеф на смена во службата, во овој период биле евидентирани различни случаи – од сообраќајни незгоди до повреди на граѓани кои се лизнале на мраз. Дополнително, забележани се и повреди кај лица во алкохолизирана состојба, како и во случаи на физички пресметки.
Евидентирани се шест интервенции поради падови на снегот, при што луѓето се здобиле со повреди на нозете и главата. Апелирам граѓаните да не излегуваат без потреба, особено децата и повозрасните лица. Исто така, возачите треба да бидат исклучително внимателни, да носат зимска опрема и да се придржуваат кон правилата за брзина, изјави доктор Реџепи.
Покрај бројните повреди настанати поради мразот, дел од граѓаните се соочуваат со уште посериозни ризици поради недоволно обезбедени јавни површини. Еден таков случај е со 37-годишната Ана Димитровска од населбата Карпош, која се здобила со повреди додека го шетала своето куче.
-Површината беше целосно прекриена со снег, а дупката во која пропаднав не се забележуваше. Со едната нога паднав длабоко, како во шахта, што беше исклучително страшно. За среќа, немам скршеници, но ногата ми е целата помодрена, особено коленото. Матичната лекарка ми препиша хепатромбин крем за ублажување на повредите, изјави Димитровска, додавајќи дека ваквите ситуации се потенцијално многу опасни и можат да завршат со сериозни последици.
Други граѓани истакнуваат дека не само коловозите, потребно е и одржување на велосипедските патеки. Боби Б., кој секојдневно оди на работа со велвелосипед, без разлика какво е времето, за Фактор го истакнува овој проблем:
-Тротоарите и велосипедските патеки се покриени со мраз и снег. Ова е сериозен проблем, не само за нас велосипедистите, туку и за пешаците. Градот вложува напори за расчистување, но мислам дека треба поактивна координација и редовно одржување на сите јавни површини, меѓу кои и велоспедските патеки.
Споредортопедските хирурзи и трауматолози, падовите на мразот најчесто резултираат со скршеници на екстремитетите, повреди на злобовите и тие појаснуваат дека овие повреди бараат различен пристап во третманот.
Во изјава за Фактор, еден од најврвните ортопедкски хирурзи, професор д-р Виктор Камнар од Аџибадем Систина вели дека најчести се скршениците на колкот, рачниот зглоб, но не се исклучени ниту скршниците од кој било дел на скелетот.
-Во зависност од комлекноста на повредата, некои случаи можат да се третираат со имобилизација, односно гипс или лонгета, додека кај други е потребна хируршка интервенција. Особено кај повозрасните пациенти, каде коските се послаби, падовите можат да предизвикаат и комплицирани скршеници кои бараат подолг период на рехабилитација. Превенцијатае од клучно значење. Граѓаните треба да носат соодветна зимска облека и обувки кои обезбедуваат добра стабилност, а особено важно е да запомнат дека движењето во услови кога има снег и подмрзнати површини, да биде без рацете во џебот за да си обезбедат подобра координација и стабилност. Ова е особено во утринските часови кога подмрзнувањето е најизразено. Исто така, потребна е редовна контрола и чистење на јавните површини за да се минимизира ризикот од вакви незгоди, посочува проф. д-р Камнар.
Анита Буховски
фото: EPA/GEORGI LICOVSKI