КАСАМИ ВЕЛИ ВО ДРУГА СИТУАЦИЈА ЌЕ ИМА И МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ: Пушти реконструирана улица, имаше само албански знамиња
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2024
На реконструирана улица во Тетово беа поставени само албански знамиња, а македонското го немаше.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами ја пушти во употреба реконструираната улица Радован Цониќ, позната како „Улица на бутиците“ при што беа истакнати само знаменца на Албанија. Се работи за улица со должина од 400 метри, каде наместо бетонски плочки беше поставена калдрама, нови клупи, канделабри и млади дрвца. Се работеше и на нова канализација и подземна инфраструктура за поставување кабли. На забелешката дека нема македонско знаме, Касами рече дека тоа е добра забелешка и дека следен пат ќе го има.
„Оваа улица е поплочена со калдрма, која е позната во минатото на градот Тетово, која за жал во неконтролираниот раст на градот во последните 30 години се изгуби тој лик на Тетово. Затоа сме среќни што промовираме таков проект во центарот на Тетово, многу важна улица за економијата, се надеваме дека со оваа инвестиција ќе се врати динамиката во овој дел од градот. Инвестицијата е заедничка финансирана од европските фондови, меѓудржавна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, поконкретно помеѓу градовите Тетово и Призрен“, изјави Касами.
Касами ја пресече црвената лената придружуван од деца со албански народни носии.
фото МИА