29 Јуни, 2024
0.0323

Ќе ги отвори ли ТИРЗ вратите целосно за домашните компании, интервју со Александар Младеновски

Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Ќе го одржи ли новата влада ветувањето за еднаков третман на странските и домашните инвеститори со исти услови за доделување на државна помош, како понатаму ќе функционираат слободните економски зони со новото раководство предводено од в.д. директорот Александар Младеновски, ќе се декласифицираат ли договорите со постоечките инвеститори за кои се крена огромна фама. За овие теми разговараме со Младеновски, новиот предводник на ТИРЗ кој беше етаблиран за време на Шарената револуција, па сега треба да се види што може да понуди во одржување и развој на квалитетна бизнис клима за раст на инвестициите и отворање на нови работни места.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Фактор: Какви се плановите за понатамошното делување на Дирекцијата за технолошко-развојните зони, како ќе се обезбеди поголемо ниво на транспарентност особено што тој сегмент беше еден од најкритикуваните на претходното раководство?

Младеновски: Како институција сме вклучени  во процесот на планирање, проектирање, изградба, развој и промоција на технолошоко индустриските развојни зони (ТИРЗ) како индустриски комплекси со целосно изградена инфраструктура кои ги нудат сите услови кои им се потребни на компаниите за ефективно, ефикасно и успешно работење. Воедно,  активно сме  вклучени во процесот на привлекување на инвестиции со домашен и странски капитал и настојуваме да сме присутни на  меѓународни настани, конференции и саеми,особено од автомобилската индустрија која моментално е најзастапена во ТИРЗ. Се обидуваме на најдобар начин да ја презентираме бизнис климатавоРепублика Македонија, со особен акцент на поволностите и условите кои ги нудат ТИР зоните. Ќе настојуваме да  бидеме присутни и на настани на кои се присутни компани одбрзо растечките и современи сектори како што се информатичките технологии, напредно еколошки технологии и останати производни сектори.

Посебно внимание се посветува на процесот за грижа на корисници, односно за постоечките  компании во ТИРЗ, за сите нивни потреби во секојдневното работење, секако, во рамките на законската легислатива и нашите можности.

Кон крајот на декември, Владата на Република Македонија ги објави мерките од Планот за економски раст, за поттикнување на инвестициите,чија главна цел е раздвижување на економската инвестициска активност, отворање на нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите и зголемување на извозот. Сето ова ќе допринесе до повисок бруто домашен производ, зголемени плати и подобрување на материјалната благосостојба на граѓаните.

Во таа насока Владата и ДТИРЗ како дел од неа, остануваат  посветени во  намерата за привлекување на нови инвеститори, а со новите мерки овој процес е дефиниран на потполно транспарентен начин.

Притоа, за сите економски субјекти ќе важат истите критериуми и секоја компанија ќе може да користи одреден сет на поддршка, којашто самата ќе го избере. Целта е да бидеме потполно транспарентни и така ќе биде;го исфливме дискреционото право за одредување на обемот на поволностите за инвеститорите. Да бидам попрецизен,висината на државна помош е прецизно дефинирана и мерките и критериумите важат за сите потенцијални инвеститори подеднакво.Она што треба да се нагласи е дека максималниот износ на државна помош за секоја компанија која ќе инвестира во ТИРЗ максимално ќе може да достигне до 50 проценти од износот на инвестицијата,  а ефектите за економијата ќе бидат значително поголеми. Новите мерки се базирани на успехот на компаниите и нивниот раст, а ќе овозможат дополнителен развој на економијата.

Фактор: Едно од ветувањата кое се очекува да биде исполнето од новата Влада е еднаков третман како на странските, така и на домашните инвеститори. Има ли напредок во однос на македонските претприемачи и компании, дали за нив навистина се отворени вратите во ТИР зоните?

Младеновски: Апсолутно е така, вратите на ТИРЗ се отворени подеднакво за домашни и странски компании. Домашните компании кои ќе се одлучат да инвестираат во ТИРЗ ќе имаат можност тоа да го сторат, под исти услови и со исти поволности како и странски компании.  Разлика помеѓу домашни и странски веќе не постои, сите ги гледаме како македонски компании, кои отвориле фирма во централен регистар, вработуваат и даваат плати на локалното население. 

Би сакал да Ви откријам дека во последно време, особено по објавувањето на мерките од Планот за економски раст, интересот за инвестирање во ТИРЗ е зголемен, како од домашни, така и од реномирани странски компании. Ќе работиме на тоа да ги пополниме празните парцели во постоечките ТИРЗ, да се отворат нови работни места за македонските граѓани. Постојано сме во контакт со потенцијалните инвеститори заинтересирани за инвестициски проекти во Македонија со кои сме во различни фази на преговори. Некои се на самиот почеток, за некои сме влезени во потесен круг на избор, а неколку веќе ја имаат донесено својата одлука за инвестирање во Македонија.

Кога зборуваме за можноста домашни македонски компании да влезат во ТИРЗ не може да не ја споменеме и соработката помежу домашните и странските компании. Досегашната соработка на домашните компании со странскитекои се во зоните беше помала од еден процент, од нивниот вкупен приход, што е поразувачки факт. Со мерките од Планот за економски раст ќе ја стимулираме соработка помеѓу домашните и странските инвеститори. Знаеме дека големите странски корпорации имаат воспоставени синџири на снабдување со материјали, а со мерките ќе ги насочиме да набавуваат средства за работа од македонски фирми, за што ќе добијат соодветна поддршка, се разбира доколку ги исполнат зададените критериуми.

Во моментов најголем дел од компаниитево зоните ги ангажираат локалните компании како изведувачи или подизведувачи на градежни работи, сервисирање на опремата, транспортни и консултантски услуги и друга логистика. Она што ние сакаме да го стимулираме е да странските компании во домашни македонски компании видат потенцијал да станат нивни добавувачи на материјали за работа, односно репроматеријали, полупроизводи или готови производи. Само на тој начин меѓусебната соработка ќе биде позначителна, а ќе се креира еден одржливе еко систем во кој секој добива.

Фактор: Каква е сега состојбата со бројот на изградени технолошко-развојни зони, има ли предвидено буџет за наредни градежни активности и вложувања во постоечките и веќе најавените зони и дали се планира изградба на нови ТИР зони?

Младеновски: Технолошко-индустриските развојни зони се модерни локации предвидени за технолошко напредни компании од производствениот сектор и директно придонесуваат за забрзување на развојот на подрачјата каде се лоцирани. Нивната географската распределба овозможува регионален економски развој како и диверзификација на инвестициите. Со Буџетот за 2018 година определни се 431 милиони денари за инвестиции и вложувања во ТИР зоните.

Во моментов на  13 локации се основани вкупно 15 Технолошко-индустриски развојни зони. Од основаните зони,  оперативно подготвени и функционални се ТИРЗ Скопје 1 и 2, ТИРЗ Штип, а до степен на функционалност изградени се зоните во Кичево, Прилеп, Струга и Струмица. ТИРЗ Тетово е исто така оперативна и за неа е склучен Договор за јавно-приватно партнерство. 

Годинава ќе продолжат активностите за реализација на проекти за инфраструктурно уредување на зоните во насока на обезбедување услови за влез на нови инвеститори. На пример, ќе се даде приоритет во подобрување на внатрешната инфраструктура наТИРЗ Скопје 1 и 2, на целосна изградба на клучките во ТИРЗ Прилеп и Струга.Според планираната динамика на градежните активности, улиците и приклучоците за водовод, канализација и струја би се комплетирале во текот на оваа  година. Понатаму, секако ќе се посветиме и на изградба на инфраструктура на останатите зони кои ние како Дирекција за ТИРЗ заедно со Владата ги имаме селектирано како приоритетни. Главен фокус на нашето работење се инвеститорите и секако ќе имаме слух за нивните интереси и стратешки одлуки во кои Зони би ги лоцирале нивните инвестиции. Буџетските средства се распределуваат најрационално и најоптимално за изградба на основна внатрешна и надворешна инфраструктура според изработената менаџмент-анализа за развој на зоните.

Фактор: Со оглед дека сте назначен за вршител на должност директор на ТИРЗ дали очекувате да добиете траен избор на оваа позиција и како ќе се одвива таа процедура?

Младеновски: Укажаната доверба од страна на Владата на Р.М. за оваа позиција за мене претставува  голема чест и предизвик. Посакував нова енергија, а понудата дојде во вистински момент како можност за имплентација на моето досегашно искуство и стекнатите знаења. Работата ја засакав, ентузијазмот за работа секојдневно ме исполнува, а целта ми е да ја оправдам укажаната доверба. По професија сум дипломирам економист на одделот за бизнис менаџмент на Универзитетот во Тампа,Флорида во САД. Во последните 11 години бев  вработен во семејната компанија Сетком Интернационал, а оваа позиција ја прифатив со желба своите знаења и способности ги применам токму овде, во Република Македонија. Превземените обврски и одговорност се големи, речиси секој проект има свои специфики и бара креативен приод. Грижата за 15 ТИР Зони и голем број на компании е одговорна задача, но со тимска работа и долгорочно планирање, сигурен сум дека ќе постигнеме одлични резултати. Досегашните постигнувања ме охрабрија и ми даваат мотив за целите коишто самиот си ги поставив.

Секако ќе аплицирам за траен избор на оваа позиција, а процедурата е во рамки на Владата на Р.М., согласно Законот за ДТИРЗ.

Фактор: Кои активности и завршени задачи може да ги истакнете во изминатиот период откако ја вршите оваа функција?

Младеновски: Компаниите од ТИРЗ значително влијаат врз вкупниот извозот во земјата кој во 2017 година надмина 2 милјарди евра.Македонската компанија „Хај-Тек“ и германската компанија „Герман Електро Системс“ според најавите се очекува да започнат со работа во текот  на првата половина од  2018 година, додека италијанската компанија„МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“ која ќе производува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори. Одобрена е и првата гринфилд инвестиција вредна 5 милиони евра според критериумите од новиот План за економски раст. Потпишан е и договорот со гринфилд инвестиција на   „Џемдаг Лајтинг Еуропа. Се реализираат нови инвестиции, се отвораат нови работни места, а со оглед на тоа дека станува збор за извозно ориентирани компании се очекуваат позитивни ефекти возголемувањенаизвозот.

Фактор: Беше ветено дека ќе почнат да се објавуваат договорите склучени со странските инвеститори кои претходно беа тајни за да се заштитат бизнис интересите на самите компании. До каде е оваа процедура и дали јавноста ќе има поголем и подетален увид во истите?

Младеновски: Минатата година Владата донесе одлука за декласифицирање на договорите со странските инвеститори за доделување државна помош, потпишани од претходната власт. Одлуката на Владата е во согласност со Планот 3-6-9. Декласифицирањето на договорите не задира во работата на странските инвеститори, бизнисите остануваат тука и се заштитени. Владата даде еден пресек на тоа колку средства се потрошени за привлекување на странски компании и каков бенефит имаше македонската економија. Утврдено е дека со инвестираните средства не се постигнати посакуваните ефекти. Токму затоа сега имаме нов пристап и нова економска програма.

Она што сакам да го посочам е дека Дирекцијата за технолошко-развојни индустриски зони, како и сите други министерства и државни органи кои се извор на овие договори и  информации, транспарентно ги водиме постапките за склучување на нови договори и јавноста навремено е информирана за сите чекори што ги преземаме.

Фактор: Зошто на веб страната на ТИРЗ нема нови објави од декември 2016 година, опаднати ли се стандардите за информирање на јавноста за важни настани и одлуки?

Младеновски: Сите спомнати активности на Дирекцијата за ТИРЗ се објавуваат на нашиот веб сајт. Внимаваме да ги објавиме значајните информации кои би биле од најголем интерес на потенцијалните инвеститори. Инаку, во процес на изработка е нов веб сајт кој ќе биде достапен на посетителите кон крајот на февруари. Покрај овие објави, своите активности ги споделуваме и на сите социјални мрежисо цел да бидеме поблиски до потенцијалните инвеститори.

Фактор: На кој начин понатаму ќе се промовира Македонија како земја со слободни зони привлечна за странските инвеститори, има ли изготвено стратегија и програма?

Младеновски: Дирекцијата за ТИРЗ има осмислено нова кампањанасловена како “Delivering Value on Target”, која започна да се спроведува минатата година.Станува збор за промотивни материјали во кои детално се објаснети поволностите кои ги нуди нашата земја како инвестициска дестинација, а кои ги презентираме на меѓународните настани, конференции, саеми пред потенцијалните инвеститори.

Кога зборуваме за привлекување на нови инвестиции многу важно е да кажеме дека со новите економски политики на Владата на Република Македонија за прв пат после долг временски период се создава една поволна атмосфера и реални услови земјата да се позиционира како предвидлива и стабилна бизнис дестинација. Во најголем дел придонес има цврстата определба за интензивирање на ЕУ и НАТО интеграциите, а со тоа и позиционирање на земјата како стабилна бизнис дестинација, земја која што ќе понуди правна и економска сигурност за инвеститорите. Заокружувањето на овие реформски процеси како и реализацијата на новите економски политики, сериозните инвестиции во патната, железничката и енерегетската инфраструктура убеден сум ќе ја позиционираат земјата како една од најатрактивните инвестициони дестинации во Европа.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Јанушев нов генерален секретар, први кадровски именувања на новата Влада

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Јанушев нов генерален секретар, први кадровски именувања на новата Влада

МИЦКОСКИ НА СРЕДБА СО ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД ВЕЛЕС: Ветувањето за повисоки пензии го реализиравме во првите пет дена од формирањето на Владата

МИЦКОСКИ НА СРЕДБА СО ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД ВЕЛЕС: Ветувањето за повисоки пензии го реализиравме во првите пет дена од формирањето на Владата

МУСЛИУ РАЗОЧАРАН ОД СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: Вели претседателката попуштила пред партиски притисоци

МУСЛИУ РАЗОЧАРАН ОД СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: Вели претседателката попуштила пред партиски притисоци

СЕ НАПАЃА ЕДЕН ОД ГЛАВНИТЕ СТОЛБОВИ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР: ДУИ и АА реагираат на најавата за укинување на балансерот

СЕ НАПАЃА ЕДЕН ОД ГЛАВНИТЕ СТОЛБОВИ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР: ДУИ и АА реагираат на најавата за укинување на балансерот

МНР: Во целост ги почитуваме преземените обврски од меѓународните договори

МНР: Во целост ги почитуваме преземените обврски од меѓународните договори

НОВА ДИРЕКТОРКА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ: Сиљановска - Давкова ја именуваше Габриела Јаковлева

НОВА ДИРЕКТОРКА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ: Сиљановска - Давкова ја именуваше Габриела Јаковлева

СТЕРЈОВСКИ OБВИНИ ЗА СЕРИЈА НЕРЕГУЛАРНОСТИ: Не го признаваме пописот во Албанија

СТЕРЈОВСКИ OБВИНИ ЗА СЕРИЈА НЕРЕГУЛАРНОСТИ: Не го признаваме пописот во Албанија

ПЕТРОВСКА ОБВИНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ НА ЧЛЕНОВИ: Бара во недела да нема избори за лидер на СДСМ

ПЕТРОВСКА ОБВИНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ НА ЧЛЕНОВИ: Бара во недела да нема избори за лидер на СДСМ

Александар Јанев избран за нов директор на Биро за јавна безбедност

Александар Јанев избран за нов директор на Биро за јавна безбедност