19 Март, 2024
0.0268

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

Објавено во: Економија, Колумни 04 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е професор на Економскиот факултет во Штип и дел од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања – во четвртата нивна колумна за Фактор одговараат на тоа дали Владата со ребалансот на буџетот требаше да ги намали капиталните инвестиции и дали се потребни нови резови, дали поради новото задолжување со еврообврзницата јавниот долг на земјава ќе дојде до ниво до кое потоа тешко ќе имаме капацитет да го враќаме, но и дали ваучерите за туризам навистина ќе успеат да го спасат овој сектор.

Владата предложи ребаланс на буџетот, во кој ги намали капиталните инвестиции за 4,2 милијарди денари. Требаше ли да се крати од нив и потребни ли се и нови кратења?

Лазаров: Ниската стапка на реализација на капиталните инвестиции е една од најголемите слабости на оваа Влада во целиот мандат на нејзино владеење. Имено, процентот на реализирани капитални расходи во однос на вкупниот реализиран буџет (вкупни буџетски расходи) во 2018 и 2019 година изнесува 6,1 отсто и 8,2 отсто, респективно. За споредба, тој процент во периодот 2008-2016 година во просек изнесува 11 проценти, при што, во некои години достигнува 14 отсто.

Таквиот негативен тренд во реализацијата на капитални инвестиции продолжува и во 2020 година. Всушност, во услови на криза кога државата треба да биде најмногу посветена на реализација на капитални проекти и токму преку нив да ги амортизира негативните ефекти од кризата, гледаме дека со ребалансот на буџетот најмногу средства се намалени токму на таа ставка од буџетот. Имено, со ребалансот се скратени 18 отсто или околу 70 милиони евра од капиталните расходи, но ако ја следиме динамиката на реализација заклучно со месец мај и така намалените капитални расходи нема да се реализираат во целост. Тоа значи дека оваа година ќе имаме најмалку развоен буџет (капиталните расходи ќе бидат помали од 6 проценти од вкупниот буџет).

Ова укажува дека Владата неефикасно ги троши народните пари, односно не ги користни буџетските средства за подобрување на условите за живот на граѓаните преку градење на нови градинки, училишта, болници, патишта, железници, енергетски капацитети, канализации, водоводни мрежи и слично. За жал, наместо да се промени таквиот погрешен пристап и да се забрза динамиката на реализација на капиталните инвестиции, деновиве сме сведоци како владини функционери се обидуваат да ги прикријат своите неуспеси со снимање на промотивни спотови и ветувања за некакви идни инвестициски циклуси.

Битиќи: Ставот на Владата, но и на секој разумен човек во државата во период на сурова борба со здравствено - економската криза КОВИД 19, особено кога се очекуваше силен удар на приходната страна на буџетот, е да се крати секаде каде што тоа се смета за неприоритетно како трошок во овој даден момент. 

Така се случи и со т.н. капитални расходи „инвестиции“, се скрати секаде каде што се сметаше во овој момент дека не се најитни, приоритетни и важни како капитални инвестиции во овој момент, и секако дека може да почекаат за следната година. И затоа во овој момент сметаме дека не е битен износот кој што е скратен, туку тоа што останало како инвестиција, која е нивната намена, а тоа е најважно во кризна година, кога секако знаеме дека средства нема доволно. 

Капиталните инвестиции секако се останати на 19,2 милијарди денари, што е речиси највисок износ во изминатите 10 години по реализација на оваа буџетска стапка. Секако, Владата останува на ставот дека во фазата на опоравување на економијата, јавната потрошувачка треба да се стимулира, и затоа овде не треба да ги занемариме капиталните инвестиции кои се случуваат преку Јавното претпријатие за државни патишта, кој што е многу битен актер во сегментот на капитални инвестиции, а граѓаните и „добронамерните“ луѓе честопати знаат да ги „заборават“ и да не ги спомнуваат. Овој факт говори многу повеќе дека, капиталните инвестиции оваа година секако нема повеќе да се кратат, а веќе наесен ќе има сериозен нов бран на започнување на нови инвестиции.

Јавниот долг годинава ќе дојде до 60 отсто од БДП. Ќе има ли капацитет земјава да го враќа во наредниот период?

Лазаров: Со издавањето на новата еврообврзница и со останатите реализирани и планирани задолжувања со цел финансирање на планираниот буџетски дефицит од 750 милиони евра за 2020 година, јавниот долг на земјата ќе се приближи до 60 проценти од БДП. Тоа ќе ја доведе земјата на едно критично ниво на задолженост согласно Мастришките критериуми за прагот на толеранција на долгот, но и согласно постоечките капацитети на економијата да го сервисира тој долг во иднина. Тоа ќе го ограничи фискалниот простор за финансирање на идните капитални проекти што сериозно ќе го забави идниот економски развој на земјата. Затоа ние повеќе пати апелиравме до Владата за внимателност во трошењето на народните пари, особено посочувајќи на влошената буџетска структура поради зголемените тековни расходи кои не создаваат дополнителна додадена вредност за економијата.

Потврда за оправданоста на тавките укажувања се огледа во фактот што во изминатите 5 месеци од годината е генериран буџетски дефицит од 307 милиони евра во услови кога реализацијата на капиталните расходи е на исклучително ниско ниво и во услови кога реалната поддршка кон приватниот сектор за справување со кризата до сега е незначителна. Дополнително, нема никаков прогрес во процесот на спроведување на структурни реформи кои се практично единствениот начин за зголемување на долгорочниот капацитет на економијата и предуслов за обезбедување на поголеми можности за сервисирање на сегашните задолжувања. Ваквите погрешни економски политики на Владата кои се во најголема мера популистички и ориентирани на краток рок создаваат само обврски за сегашните и идните генерации без суштинско и одржливо подобрување на развојните перформанси на економијата.

Битиќи: Прво, сметам дека треба да расчистиме како стигнавме до јавен долг кој што вие го велите дека ќе биде 60 отсто од БДП и во кој временски период. Јавниот долг според мене, до третиот квартал ќе стигне на ниво од 57 отсто од БДП, без разлика на задолжувањата кои се случуваат во овој момент, особено фактот дека со новиот износ на задолжување ние враќаме речиси четири од старото задолжување, кое за жал, не треба да заборавиме дека се случуваше за целосно непродуктивни цели. 

Еве во оваа прилика, уште еднаш ќе потсетам дека во период од 10 години на владеење на режимот, јавниот долг се зголеми за ни помалку ни повеќе туку 24 отсто од БДП (ова калкулиран со сегашното ниво на БДП) или во апсолутен износ 2,4 милијарди евра. Дали за сите овие средства, видовме подобри услови во здравствените установи или повисоки плати за здравствените работници, училишта и повисоки плати за образовниот кадар, градинки и вработени во овие установи, домови за стари лица и повисоки пензии, вода за пиење за граѓаните, канализациони мрежи, еколошки средства за превоз, гасификација итн., итн. За жал не! Видовме се друго, ама ова што го набројав, секако не.

Второ, дали сегашното задолжување е потребно. Секако да, и тоа за да се осигура ликвидност на буџетот, кој ќе овозможи адекватно да се справиме со здравствената и економската криза (кое секако го правиме најдобро што е возможно), за да продолжиме да инвестираме во тоа што на граѓаните им е потребно и им елементарно потребно: вода за пиење, третирање на отпадни води и фекална канализација, подобри здравствени, образовни и културни услуги, итн.

И секако трето, поддршка за новата и модерната економија, која ќе обезбеди раст и развој на нашата држава. Затоа што само новата конкурентна пост Ковид економија, ќе може да се носи со новите предизвици и секако новите можности за развој. Во овој контекст, сметам дека прашањето на враќањето на задолжувањето не е воопшто релевантно.

Дали ваучерите за туризам ќе го спасат овој сектор или граѓаните штом се отворат границите ќе поитаат на одмор во Грција?

Лазаров: Секторот туризам ќе претрпи големи загуби годинава поради кризата, при што, поддршката од државата е повеќе од потребна. За жал, ваучерите кои ќе ги дели Владата во висина од 100 евра за оние вработени чии примања се помали од 15.000 денари нема многу да му помогнат на овој сектор поради тоа што стапката на искористеност на овие ваучери ќе биде исклучително мала. Имено, таргетирањето на потенцијалните корисници да бидат само вработени со плата до 15.000 денари е целосно погрешна поради тоа што многу од овие граѓани со ниски примања не можат да си дозволат семеен годишен одмор особено не во вакви неизвесни економски услови, што значи дека голем дел од оваа категорија на граѓани нема воопшто да ги користат овие ваучери. Ова особено што ваучерите се на релативно мал износ од 100 евра што реално покрива многу мал дел од трошоците за едно семејно летување.  Сето ова укажува дека мерката не е добро поставена, туку дека нејзина единствена цел е предизборна манипулација со една категорија на граѓани.

Ако желбата беше вистински да му се помогне на овој сектор, но и на граѓаните, износот на субвенционирањето требаше да биде многу поголем и таргетирањето на потенцијалните корисници требаше да биде пошироко поставено со цел поголем број на граѓани реално да ја искористат можноста годинава да летуваат или зимуваат во нашите туристички центри. На тој начин, ќе се стимулираа и дел од граѓаните кои традиционално одат на одмор надвор од земјата, да оваа година одморот го поминат во домашните туристички центри. Дополнително, Владата требаше да ги таргетира децата на семејствата со низок доход, при што, субвенцијата требаше да биде во форма на целосно покривање на трошоците за одмор. На крај, механизмот на спроведување на мерката ги исклучува туристичките агенции кои поради кризата сериозно се погодени, а државата не обезбеди никаква поддршка за нив.

Битиќи: Во насока на справување со економската криза предизвикана од пандемијата КОВИД 19, се превземаа низа на мерки. Еден цел сегмент на мерки се однесуваше на поттикнување на приватната потрошувачка особено насочено кон домашни производи и услуги. Ова е препорака на сите меѓународни угледни институции кои во овој период анализираат и советуваат како да се помогне економијата во сите погодени земји. 

Секако, меѓу останатите сектори, кај нас еден од попогодените сектори е секторот туризам, и затоа мерката за поддршка на истиот преку ваучери за туризам како и платежни картички со одреден износ беше одлучено да се случи и да се таргетира токму таму. Ваучерите се одлучи да се дадат на лица со ниски приходи кои ќе треба да се стимулираат нив да ги искористат во домашните капацитети, преку хотелските и сместувачките капацитети како и туристички оператори. 

Поддршката од најмалку 15 милиони евра, што се очекува да се случи во овој сектор во одреден временски период, велиме дека само ќе ја стимулира уште повеќе приватната потрошувачка и секако ќе има позитивно влијание во секторот. Механизмите поставени во оваа мерка овозможуваат користење на средствата само во Македонија и секако домашните производи и услуги. И затоа не сметаме дека отворањето на границите, воопшто би имала било какви негативни последици или можност за граѓаните не ги искористат ваучерите. А секако, граѓаните кои ќе одлучат да летуваат во Грција и соседните земји, сметаме дека можат да кажат добар збор за нашите благодети па да мотивираат гости од соседните земји да дојдат кај нас.

Ваучерите намерно се даваат на лица што инаку не би оделе на одмор (посиромашни), а другите и да добијат ваучери, пак ќе одат пред се во Грција. Затоа е мерката таква, а вкупниот износ на пари за неа, значи дека домашниот туристички сектор ќе биде помогнат. 

Можеби ќе ве интересира

ЗЕЈТИНОТ НЕ ГИ „ПОДМАЧКА“ ПРИХОДИТЕ НА „ВИТАМИНКА“, НО ДОБИВКАТА Е ОДЛИЧНА - како прилепската фабрика лани го удвои својот профит

ЗЕЈТИНОТ НЕ ГИ „ПОДМАЧКА“ ПРИХОДИТЕ НА „ВИТАМИНКА“, НО ДОБИВКАТА Е ОДЛИЧНА - како прилепската фабрика лани го удвои својот профит

Железницата ги издаде складиштата за дизел во Лисиче

Железницата ги издаде складиштата за дизел во Лисиче

ДОБРА ВЕСТ ЗА СИТЕ СО КРЕДИТИ: Се очекува намалување на каматите - издржете уште малку, еве кога ќе се случи тоа

ДОБРА ВЕСТ ЗА СИТЕ СО КРЕДИТИ: Се очекува намалување на каматите - издржете уште малку, еве кога ќе се случи тоа

СЕ ПОВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, НО НЕ И ОД ХИДРОЦЕНТРАЛИТЕ – еве што покажуваат бројките на статистика

СЕ ПОВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, НО НЕ И ОД ХИДРОЦЕНТРАЛИТЕ – еве што покажуваат бројките на статистика

Од што „Македонијатурист“ годинава ќе ги прави големите пари?

Од што „Македонијатурист“ годинава ќе ги прави големите пари?

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?

ДА НЕ СЕ НАМАЛАТ ПЛАТИТЕ: Сенатор бара САД да усвојат 32-часовна работна недела

ДА НЕ СЕ НАМАЛАТ ПЛАТИТЕ: Сенатор бара САД да усвојат 32-часовна работна недела

„ДИЗЕЛАШИТЕ“ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ, НО НЕ И „БЕНЗИНЦИТЕ“ - еве како се менуваат цените на горивата по полноќ

„ДИЗЕЛАШИТЕ“ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ, НО НЕ И „БЕНЗИНЦИТЕ“ - еве како се менуваат цените на горивата по полноќ

РОМАНЦИТЕ СЕ МАЧАТ СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА: Во кои европски земји таа е најниска?

РОМАНЦИТЕ СЕ МАЧАТ СО ВИСОКА ИНФЛАЦИЈА: Во кои европски земји таа е најниска?