„ЌЕ СЕ ПРАВИ ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ТУНЕЛ КОН БУГАРИЈА“: прифатени трите барања за доградба на пругата кон соседите
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2024
Прифатени трите наши барања за продолжување на пругата кон Бугарија. Како што информираат од Министерството за транспорт и врски на состанокот кој вчера се одржал во Софија меѓу делегации од Македонија, Бугарија и претставници од Европската Унија во однос на железничкото поврзување барањата од наша страна биле прифатени. Имено станува збор за заедничкиот проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, потоа Бугарија да го заврши својот дел од пругата, и да се ревидира цената која е е превисока.
- Трите клучни аргументи на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски беа прифатени. Прво, мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидиирање на самиот проект.
По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач. Ова беше заклучено на состанокот во Софија помеѓу македонската и бугарската делегација, а во однос на преговорите за железничко поврзување меѓу двете земји со посредство на Европската Унија - се нагласува во соопштението испратено до медиумите.
На состанокот, од македонската страна предводена од Државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски и директорот на Железница Инфраструктура Синиша Ивановски, беше истакнато дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект се гледа како регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.
- На состанокот од двете страни беше прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка - Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција истата да се намали.
Двете делагции, исто така се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура.
На состанокот беше договорено двете земји да формираат работни групи со цел да се подготви потребната документација за тунелот - се нагласува во соопштението испратено до медиумите.
Исто така беше потенцирано дека за време на состанокот, страните разменија информации, временски рамка за изградба, а споделија и искуства во однос со техничките прашања за изградбата на коридорот 8, а посебно во делот на процедурите за идното функционирање на прекуграничниот тунел „Деве Баир“.
Страните, исто така се договорија постигнатите договори да ги презентираат пред одговорните финансиски институции на ЕУ.