ЌЕ СЕ СПАСАТ ЛИ ПРЕКРШИТЕЛИТЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ОД ЗАТВОР, во Собранието доставен предлог закон за амнестија
Објавено во: Македонија 03 Март, 2023
По барањето на невладините организации, во Собрание се „крчкаат“ законски измени кои треба да ги спасат прекршителите на полицискиот час од затворска казна. Имено, граѓаните не ја платиле паричната казна за непочитување на полицискиот час во време на пандемијата, според постоечките закони треба да одлежат затворска казна. Но, со сегашниот предлот, таа ќе им биде заменета со условна.
На предлог на пратениците Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ, Панчо Минов од ГРОМ, Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците и Арта Биљали-Зендели од ДУИ во Собранието е доставен предлог закон за амнестија, и тие бараат тој да се донесе по скратена постапка.
- Цели заради која се поднесува овој Предлог закон е овозможување на алтернативна мерка - условна осуда на сторителите на кривичните дела „Пренесување заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, кои се сторени за време на прогласена вонредна состојба заради спречување на ширењето на пандемијата со коронавирусот КОВИД-19 – се наведува во законското решение доставено во Собранието.
Очекувањата се дека, со тоа што законот се предлага од страна на пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство, истиот побрзо да ги помине собраниските филтри.
Предлагачите посочуваат дека амнестијата е акт на закон со кој на неопределен круг лица им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата, или им се укинува определена правна последица од осудата.
- Не е реткост во една поинаква општествено-економска констелација до вчерашното општествено опасно дејствие да ги изгуби најсуштествените карактеристики па преку амнестијата најбрзо да се поништи осудата. Ваквиот тренд го следи и нашиот Устав па така во членот 68 предвидено е дека нaдлежно за давање на амнестија е Собранието. Законот со кој се дава амнестија треба да се однесува секогаш на определена категорија на казнени дела, на определена категорија сторители или осудени лица, или на определени казни – обајснуваат предлагачите.
Во Македонија вонредна состојба заради пандемијата со коронавирусот КОВИД19 беше прогласена од 18 март 2020 година за период од 30 дена и продолжена се до 22 јуни 2020 година.
- Во периодот по донесувањето на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба за кривичните дела од член 205 „Пренесување заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик беа изречени голем број на парични казни. Согласно законските прописи доколку во рок од 2 години изречените парични казни не се намират, судијата за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор. Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година во Основниот кривичен суд Скопје од страна на Основното јавно обвинителство Скопје поднесени се 967 казнени налози за член 206 од Кривичниот законик – се додава во законот.
По овие казнени налози судот донел пресуда, со кои се осудени 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари. Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено 280 заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор.
Потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број на вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје.
- За да се надмине ова состојба за оваа категорија на осудени за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик, казна затвор ќе се замени со алтернативна мерка условна осуда. Истовремено со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за правните лица и одговорните лица во правни лица осудени со правосилна пресуда на парична казна, за кривичните дела од член 205 „Пренесување заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик – се појаснува во Законот.
Фактор веќе објави дека граѓани кои го прекршиле полицискиот час за време на пандемијата, а кои не ги платиле казните, се викаат во затвор, да ја одлежат затвската казна која ја добиле поради неплатените парични казни. На оваа појава реагираше и Хелсиншки комитет во земајва, заедно со Македонското здружение на млади правници кои бараа итно да се донесе закон за амнестија на овие луѓе.
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.