ЌЕ СЛАВАТ ЛИ МАКЕДОНСКИТЕ БАНКАРИ ЗА ЛАНСКИОТ ПРОФИТ - достигна 157 милиони евра, дали порастот е добар како некогаш
Објавено во: Финансии 10 Март, 2023
Во годината која беше одбележана како кризна, банкарскиот сектор повторно профитира. Сите 13 банки минатата година ја завршиле со вкупна добивка од 157,3 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, од Билансот на успех на банкарскиот сектор заклучно со четвртиот квартал лани.
Дека резултатот е лош, далеку од тоа, особено во година која беше воена и проследена со екстремен пораст на цените на енергенсите, а потоа и на одамна невидени инфлациски стапки.
Но, не може ни да се каже дека банкарите биле екстра успешни во годината што измина и дека имаат многу силни причини за да го отворат шампањското за прослава, бидејќи нивниот профит лани не пораснал толку многу фасцинантно, како што се случуваше во претходните години.
Ако се има предвид дека 2021 година заврши со профит од 148,8 милиони евра, излегува дека лани вкупната добивка на 13 банки во земјава се зголемила за само 8,5 милиони евра, или за 5,7 отсто, што не е импозантен плус за еден вака во принцип солидно профитабилен сектор.
Ако се погледнат бројките подетално, би можело да се каже дека нето приходите од камати се тие во кои банките треба да се „крстат“, бидејќи им носат убедливо најмногу пари. Големата разлика меѓу каматите на кредитите и оние на депозитите си го прави своето, па на оваа основа банките заработиле лани дури 287 милиони евра, што во однос на претходната година е пораст за цели 32 милиони евра.
Нето приходите од провизии и надоместоци исто така не се воопшто лош приход. Лани тој ја надминал психолошката граница од 100 милиони евра, достигнувајќи над 101 милион, што е раст за 10 милиони во споредба со 2021 година. Токму провизиите се долги години наназад еден удобен банкарски приход и затоа сега Народна банка сака да му воведе конкуренција на банкарскиот сектор, со новиот Закон за платежни системи, со тоа што сметки ќе можат да се отвораат и во други финансиски институции а не само во банките, а и трансакциите нема да мора да се вршат само преку банка, со што банките не би можеле да бидат толку комотни во одредувањето на провизиите.
Пораст има и кај нето приходите од курсни разлики, кои достигнале лани 29 милиони евра и каде порастот е за 10 млиони евра.
Но, затоа пак ставката останати приходи од дејноста кај банките е серозно намалена и тоа за над 20 милиони евра, сведувајќи се на помалку од 42 милиони евра во 2022 година.
На расходната страна има пораст на сите значајни ставки. Загубите поради резервации на лошите кредити се 70 милиони евра лани и тоа е раст за седум милиони евра. Трошоците за вработените се 93 милиони евра во банкарскиот сектор, што е зголемување за пет милиони евра, што значи или се зголемиле платите, или има нови вработување во македонските банки.
За околу осум милиони евра се зголемиле и останатите расходи од дејноста и тие биле на ниво од 105 милиони евра во 2022 година.
Не треба веќе ни да се потенцира дека големата банкарска петорка, односно Стопанска банка Скопје, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Шпаркасе и Халк банка „изѕидале“ најголема добивка од над 143 милиони евр, наспроти 135 милиони евра во 2021 година.
Трите средни банки имаат вкупна добивка од 10 милиони евра, што е намалување во однос на претходната година за два милиони евра, додека, пак, петте мали банки се подобрени и имале профит лани од 4,5 милиони евра, што е двојно повеќе од 2021 година.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.