Поранешниот државен службеник Кочо Стојчески ќе прави струја од „Скопско поле“
Објавено во: Економија 10 Октомври, 2022
Кочо Стојчески, поранешниот раководител за инспекциски работи во општина Центар, кој во меѓувреме прерасна во крупен градежник, станал управител и на друштвото за земјоделско производство и сточарство „Скопско поле“.
Во сопствеништво на ова друштво е „Скопско поле енерџи“ кое ќе произведува електрична енергија во Ржаничино, општина Петровец. Стојчески заедно со извесниот скопјанец и градежен инженер Борче Дичев се управители на „Скопско поле“ за кое што последна информација лани беше дека се продава за околу 3,2 милиони евра. Не е познато дали електричната енергија што ќе се произведува ќе биде од фотоволтаици или пак ќе се гради биогасна централа.
Стојчески порано беше познат како раководителот на секторот за инспекциски работи во општина Центар и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар, додека опозицијата го именуваше како „хаусмајстор“, но во меѓувреме изгради богато бизнис портфолио.
Градежната компанија „Специјал Градба“, за која претходно во медиумите објави дека ја основал во 2011 година, сега е една од најактивните во Скопје. Во изминатиот период се огласи дека неговата компанија го поседува атрактивниот плац кај поликлиниката Букурешт каде урбанистичкиот план предвидува изградба на висококатница. Во изјава за медиумите наведе дека го поседува земјиштето покрај Партизанска, каде е предвидена висококатница со важечки Детален урбанистички план, и дека има договор како носител на проект, но и дека не можел да најде заеднички јазик со градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Стојчески е познат и како сопственик на хотелот „Панорама“ во Крушево. Поседува и претпријатие за недвижнини „Сидра“. Претходно за медиумите изјави дека во јавна администрација работел од 2001 година со договор на дело, а од 15 април 2005 година како државен службеник со завршено високо образование.
Александар Кузмановски