05 Јули, 2024
0.0300

КОЈ Е СТРАНСКИОТ ИНВЕСТИТОР ШТО ТОНЕ ВО ЗАГУБИ, А СЕГА САКА ДА ИЗДАДЕ АКЦИИ ЗА 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА - еве што се случува во друштвото кое произведува сопирачки за возови

Објавено во: Економија 03 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Никако да ѝ тргне работата на странската инвестиција во земјава, американската компанија „Вабтек“, која произведува сопирачки за возови.
По неколкугодишни загуби, и во минатата година се повторува негативен финансиски резултат, и тоа огромна загуба на сума од 3,3 милиони евра.

Одборот на директори на компанијата решил дека оваа загуба ќе се покрие од идното работење на друштвото.

А, како што е познато, доминантниот акционер на компанијата е ПОЛИ С.Р. Л, со мешан американско-француски капитал, и тој акционер поседува 87,4 отсто од акциите на компанијата.

„Одборот на директорите на ВАБТЕК МЗТ АД Скопје, по пат на одлучување без одржување состанок, донесе предлог одлука за покривање на загубата. Притоа, се одобрува искажаната загубата во работењето на друштвото ВАБТЕК МЗТ АД Скопје во 2023 година во износ од 200.510.000 денари (3,3 милиони евра – н.з.) да се покрие од идното работење на друштвото“, се вели во објавата на Берзата.

Ова не е прва загуба за Вабтек. Како што веќе пишуваше Фактор, извештаите од Македонска берза покажуваат дека друштвото за 2022 остварило загуба од работењето од безмалку 2 милиони евра, а претходно, за 2021 пријавената загуба од редовното работење била дури 5 милиони евра.

Овој странски инвеститор очекуваше да добие сериозна финансиска помош од Владата, но досега нема информација дали таа воопшто е одобрена, а уште помалку пак дали средствата се легнати на нивно конто.

Акционерското друштво сега има друг план како да излезе од кризата, а тоа е да ја зголеми основната главнина за нешто повеќе од 2,5 милиони евра, преку издавање на акции.

Практично, ќе се разгледува донесување на Одлука за зголемување на основната главнина на Друштвото со емисија на обични акции по пат на јавна понуда, а ќе се одлучува и за измена на статутот на друштвото. Таа одлука веќе ја донел Бордот на компанијата.

Одлуката е да се зголеми основната главнина на друштвото со издавање на обични акции по пат на јавна понуда, заради, како што напишале менаџерите, зголемување на капиталот на друштвото и обезбедување на оптимална капитализираност во наредниот период. Со оваа емисија би се издале 49.000 обични акции. Номиналната вредност по акција изнесува 51,13 евра, а и продажната цена по акција ќе изнесува 51,13 евра. Вкупната продажна вредност на емисијата изнесува 2.505.370 евра.

Правата кои произлегуваат од сопственоста на овие акции се право на глас во Собранието на друштвото, право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот од ликвидационата, односно стечајната маса на друштвото. Акциите гласат на име. Секоја акција која дава право на глас, дава право на еден глас во Собранието на друштвото. Дивиденда нема да се исплатува за оние деловни години во кои друштвото нема да оствари добивка.

За ова благослов треба да даде Комисијата за хартии од вредност.

„Постапката на запишувањето и уплатата на акциите ќе почне најдоцна во рок од 30 календарски дена од денот на приемот на одобрението за издавање на акции од страна на Комисијата за хартии од вредност... Постапката за запишување и уплата на акциите ќе се врши преку Македонската берза на хартии од вредност, а ќе се спроведе преку овластените учесници – членки на берзата и депозитарот. Акциите се уплатуваат во пари“, се вели во објавата.

За време на запишувањето, сите уплати од купувачите за запишаните хартии од вредност се чуваат на посебна сметка во банка, која не може да биде користена од страна на издавачот се додека јавната понуда не биде успешно завршена.

Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку се запишат и уплатат најмалку 60 отсто од понудените акции со оваа емисија.

Доколку јавната понуда не се реализира, таа ќе се смета за неуспешна, а сите запишувања на обични акции ќе се поништат и сите примени уплати за обични акции, зголемени за депозитна камата, се враќаат најдоцна во рок од седум дена од денот на објавување на неуспешната понуда. Доколку пред истекот на рокот за запишување и уплата на акциите, се запишат и уплатат 100 отсто од понудените акции со емисијата, Друштвото ќе ја прекине постапката и преку соопштение за успешно реализирана емисија ќе ја извести Комисијата за хартии од вредност и јавноста.

Издавањето на оваа емисија ќе се објави преку Проспект за јавна понуда за издавање на обични акции и Покана за запишување и уплата на обични.

Од Одборот наведуваат дека доколку успее оваа докапитализација, тоа ќе донесе до оптимална капитализираност во наредниот период која ќе овозможи надминување на финансиски предизвици кои произлегуваат од отплата на долгови по основ на заеми.

„Докапитализација истовремено ќе овозможни понатамошен непречен раст и развој на Друштвото, согласно природата, видот и обемот на активностите што ги врши Друштвото и ризиците на кое изложено како резултат од тие активности“, се вели во објавата.

Вабтек МЗТ е формирана од три индустриски гиганти од САД и Франција, има производствени погони ширум светот, а во Македонија има 370 вработени. Во својот производствен капацитет работи по исклучително висока технологија, а деловите се користат во најпознатите метро сообраќајници.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Koлку германски компании го практикуваат ова?

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Koлку германски компании го практикуваат ова?

ВО МАКЕДОНИЈА ИМАМЕ ПОВЕЌЕ НЕВРАБОТЕНИ ОТКОЛКУ ВО ХРВАТСКА - во „морската“ држава сѐ повеќе се бараат работници

ВО МАКЕДОНИЈА ИМАМЕ ПОВЕЌЕ НЕВРАБОТЕНИ ОТКОЛКУ ВО ХРВАТСКА - во „морската“ држава сѐ повеќе се бараат работници

ЧИПОВИТЕ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГИ „КАТАПУЛТИРАА“ РЕЗУЛТАТИТЕ НА SAMSUNG: Компанијата очекува уште една добра година

ЧИПОВИТЕ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГИ „КАТАПУЛТИРАА“ РЕЗУЛТАТИТЕ НА SAMSUNG: Компанијата очекува уште една добра година

ПЛАТЕТЕ ГО ВЕДНАШ ДОСПЕАНИОТ ДАНОК ПО ДЛД-ГДП ЗА 2023 ГОДИНА И ИЗБЕГНЕТЕ ПРИСИЛНА НАПЛАТА ОД УЈП!!- се огласија од даночната администрација

ПЛАТЕТЕ ГО ВЕДНАШ ДОСПЕАНИОТ ДАНОК ПО ДЛД-ГДП ЗА 2023 ГОДИНА И ИЗБЕГНЕТЕ ПРИСИЛНА НАПЛАТА ОД УЈП!!- се огласија од даночната администрација

„ЗА СЕДУМ И ПОЛ МЕСЕЦИ ДОЈДОВ ДО ПРОМЕТ ОД 40 МИЛИОНИ ТОГАШНИ МАРКИ, БЕШЕ ЕКСПЛОЗИЈА“ - новиот поткаст Бизнис Муабети на Фактор со Велија Рамковски

„ЗА СЕДУМ И ПОЛ МЕСЕЦИ ДОЈДОВ ДО ПРОМЕТ ОД 40 МИЛИОНИ ТОГАШНИ МАРКИ, БЕШЕ ЕКСПЛОЗИЈА“ - новиот поткаст Бизнис Муабети на Фактор со Велија Рамковски

Летниот бум на патувањата во Кина ќе го поттикне економскиот моментум

Летниот бум на патувањата во Кина ќе го поттикне економскиот моментум

Мицкоски објави нова инвестиција, ќе се гради фабрика во Петровец

Мицкоски објави нова инвестиција, ќе се гради фабрика во Петровец

ЌЕ ГО ШИРАТ БИОГАСНИОТ КОМПЛЕКС ВО ОВЧЕПОЛИЕТО: Синовите на Кочо Анѓушев ја купија фармата Ерџелијa

ЌЕ ГО ШИРАТ БИОГАСНИОТ КОМПЛЕКС ВО ОВЧЕПОЛИЕТО: Синовите на Кочо Анѓушев ја купија фармата Ерџелијa

Која скопска компанија за потребите на своите клиенти плати 1,22 милиони евра за паркинг простор?

Која скопска компанија за потребите на своите клиенти плати 1,22 милиони евра за паркинг простор?