КОЈ ГИ НАТЕРА БЕРЗАНСКИТЕ ИГРАЧИ ДА СВРТАТ НАД 20 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПОЛОВИНА ГОДИНА - банка е, голема е, добра е...
Објавено во: Финансии 15 Јули, 2024
Веќе не е вест дека акциите на Комерцијална банка и на „Алкалоид“ се убедливо најтргуваните на Берзата, и дека по нив инвеститорите буквално полудуваат, но затоа е вест дека во период од шест месеци со нив се свртеле близу 30 милиони евра.
Берзанските билтени за еден месец, а уште подобро оние за шест месеци, се одлична прилика да се види кој е кој во македонскиот бизнис. Тоа се главно котираните акционерски друштва, кои го сочинуваат берзанскиот индекс МБИ10.
Берзата деновиове излезе со билтен за шест месеци, кој покажува интересни податоци за тоа колкав промет се остварил со акциите на нашите компании „капиталци“ со кои се тргува на пазарот на капитал.
Ако се гледа списокот со акциите на МБИ10, ќе се согледа дека за период од шест месци, односно во првото полугодие од годинава, најголем промет бил остварен со акциите на Комерцијална банка.
Веќе сме пишувале дека таа акција е меѓу најбараните на Берзата, што, пак, доведе до огромен раст на нејзината цена, и што во голема мерка ја зголеми и нејзината пазарна капитализација.
Со акциите на Комерцијална банка во првите шест месеци од годинава се свртел промет од вкупно близу 21 милиони евра, или прецизно 20,76 милиони. Овде треба да се спомене дека на редовното класично тргување со овие хартии од вредност се остварил промет од 17,7 милиони евра, додека остатокот биле блок трансакции. Со акциите на Комерцијална банка е остварен промет од дури 41,32 отсто од вкупниот обрт што се свртел на берзата за период од шест месеци.
Од банката укажуваат дека освен доброто работење и позитивните финансиски резултати, нема никаква друга информација во позадина која би можела да доведе до зголемување на цената, освен веста што е позната, а таа е дека кон Комерцијална банка би требало да се преисоедини Стопанска банка Битола.
Втора акција по висок промет се акциите на „Алкалоид“, со кои се остварил промет во првото полугодие на сума од дури 9 милиони евра, или прецизно 8,87 милиони евра. Фармацевтската компанија „Алкалоид“ е една од најуспешните во земјава, а она што е дополнително привлечно за инвеститорите кои секојдневно вложуваат средства во таа акција, е фактот што таа постојано инвестира во иновации и унапредување на производството, што гарантира успешен бизнис не само на краток рок, туку на многу подолгорочни патеки.
Како процент од вкупниот промет со акциите на нашата најуспешна фармацевтска компанија во првото полугодие се реализирале 17,61 отсто од прометот.
Акциите на НЛБ Банка Скопје се наметнуваат како многу сериозен играч на пазарот на капитал, и како многу интересни за инвеститорите, иако имаат еден доминантен сопственик, а тоа е Групацијата на НЛБ Банка Љубљана. Со акциите на таа банка се свртеле во првото полугодие 6,4 милиони евра, што е 12,4 отсто од вкупниот промерт на Берзата.
Веднаш зад овој издавач, според висината на прометот, се акциите на нафтениот гигант „Макпетрол“, со кои за шест месеци е остварен промет од 5,2 милиони евра или 10,27 отсто од ввкупниот промет на берзата за тој период.
Следуваат акциите на успешната хотелиерска компанија „Македонијатурист“, чии акции направиле за шест месеци вкупен промет од 4,2 милиони евра или 8,26 проценти.
Промет од 1,5 милиони евра се остварил со акциите на Стопанска банка Скопје, со телекомуникацискиот гигант „Телеком“ е направен промет од 1,3 милиони евра, потоа со акциите на градежната компанија „Гранит“ е направен промет од над 1,2 милиони евра, со УНИБанка околу 800 илјади евра, а со ТТК банка околу 270 илјади евра.
Овие набројани акции се оние кои го сочинуваат берзанскиот индекс МБИ10, но треба да се спомене дека во најтргуваните акции влегува акцијата на успешната фармацевтска компанија „Реплек“, која само на редовното тргување, односно во БЕСТ системот, остварила промет од 972 илјади евра, што значи дека тоа е без блок трансакциите, наспроти претходните компании, чии промети ги искажавме вкупно, односно и редовно тргување, и блокови.
Од дугите показатели она што е интересно е дека друштвата го имаат следниве коефициенти на цена на акција споредено со добивка по акција, и тоа „Гранит“ има 32,38 отсто, потоа „Македонијатурист“ има 30,51 отсто, Македонски телеком е 19,35 отсто, „Алкалоид“ 18,8 отсто, ТТК Банка 14,53 отсто, Комерцијална банка 14,01 отсто.
Дивиденден принос е 7,33 отсто во ТТК банка, НЛБ Банка има 6,77 отсто, а 6,11 отсто има „Македфонски телеком“.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.