КОЈ ГО ДРЖИ „КРЕМОТ“ НА ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА, КАДЕ КОНТРОЛИРААТ СТРАНЦИТЕ, А КАДЕ ДОМАШНИТЕ ГАЗДИ - анализа на Македонскиот берзански индекс
Објавено во: Финансии 10 Јануари, 2025
Колку мејнстримот од домашната економија е контролиран од странски капитал, а колку од домашен. Токму анализа на Македонскиот берзански индекс МБИ10, каде што е всушност сконцентриран „кремот“ од македонскиот бизнис и банкарски сектор, покажува кои од компаниите имаат доминантно домашен, а кои главно странски капитал.
Берзата неодамна го објави својот месечен билтен за декември минатата година, а тој, меѓу другото, говори кои од овие 10 компании во МБИ10 колкав процент на странски инвеститори поседуваат како учество во основната главнина, а како што е познато, тие се врвот на македонскиот организиран пазар на капитал, бидејќи станува збор за најдобрите, најстабилните, најатрактивните, најпрофитабилните и најтранспарентните котирани акционерски друштва.
Кога станува збор за акциите во македонските компании кои се котирани на Берзата, на крајот на декември лани вкупно странските инвеститори во нив биле застапени со 35,9 отсто, што е минорно намалување во однос на еден месец претходно, ноември, кога учеството на стрнците било 35,91 процент.
Главно странски фирми и фондови се акционери во нашите котирани друштва, наспроти странците како граѓани. Па така, правните лица од странство учествувале во нашите компании со 34,8 отсто, додека на странските физички лица отпаѓале 1,11 проценти во капиталот на македонските акционерски друштва.
Да видиме кои од нашите котирани компании и банки имале најмногу, а кои најмалку странски капитал во своите сопственички структури.
Стопанска банка Скопје имала најмногу странски капитал, и тоа 92,33 проценти отпаѓа на сопственост на странски инвеститор. Како што е познато, сопственик на Стопанска банка Скопје е Националната банка на Грција, односно НБГ Групацијата. Според Централниот депозитар за хартии од вредност, пак, НБГ поседува 94,64 отсто од акциите на Стопанска банка Скопје. Покрај доминантниот грчки акционер, во таа банка има и 1.367 домашни граѓани, односно физички лица кои поседуваат акции, потоа 119 правни домашни лица, како и 12 странски физички и 7 странски правни лица. И покрај високиот процент на концентрација на капиталот кај странскиот, односно грчкиот акционер во Стопанска банка Скопје, таа акција е атрактивна за инвеститорите во земјава, и со неа постојано се тргува, па во декември според остварениот промет била на трето месето, со остварен промет од 1,085 милиони евра.
Втор најголем процент на странски инвеститори во сопственичката структура има НЛБ Банка, чии главен акционер е Групацијата Нова Љубљанска банка од Љубљана. Процентот на оваа групација во НЛБ Банка е 87,28 отсто. Според ЦДХВ, пак, овој процент е 86,97 проценти, а покрај најголемиот словенечки акционер, во оваа успешна банка акции имаат и 1.167 домашни физички лица, кои поседуваат воопшто не мал процент од 9,68 отсто од акциите. Исто така, 120 домашни прави лица држат кај себе 3,04 отсто од акциите. Ова значи дека солиден број домашни инвеститори се заинтересирани за акциите на НЛБ банка, па во декември со акциите на таа банка бил направен промет од 740 илјади евра, со што оваа акција е петта според направениот промет на берзата во последниот месец од минатата година.
УНИ Банка, која до 30 декември минатата година беше членка на Македонскиот берзански индекс, но потоа на нејзино место дојде „Реплек, е трета по ред според учеството на странски капитал, односно има 79 проценти. Состојбата од ЦДХВ покажува дека двајца бугарски акционери физички лица и тоа Ивајло Димитров Мутафчиев и Ѕеко Тодоров Минев поседуваат по 36,45 отсто од акциите. Исто така, 38 домашни, односно македонски правни лица располагаат со 13,2 отсто од акциите, а во таа банка акционери се и 320 македонски граѓани односно домашни физички лица, кои имаат заеднички капитал од 7,8 отсто од акциите.
Реплек, компанијата која влезе во МБИ 10, има 20,47 отсто странски капитал, според последниот билтен на Македонската берза кој се однесува за декември, откако во ноември странските инвеститори биле нешто помалку, односно 20,37 отсто во сопственичката структура, што значи дека има зголемување. Според ЦДХВ, 13 странски физички лица поседуваат 20,43 отсто од акциите, а како што е познато, таа компанија има доста дисперзирана акционерска структура, односно акции имаат повеќе домашни физички и правни лица. За овие акции постои голем интерес кај инвеститорската заедница. Со тие акции во декември е направен промет од 1,2 милиони евра, и таа акција е трета според остварениот промет во последниот месец од годината.
Во градежниот гигант „Гранит“ странски капитал е 8 отсто.
Додека, пак, во нашата најмоќна фармацевтска компанија „Алкалоид“ процентот на странски акционери изнесува 2,49 проценти, а отприлика слично толку биле и во претходниот месец. Акцијата на таа компанија е секогаш најбарана за инвеститорите, а во декември со неа бил направен промет од 3,8 милиони евра, со што е убедливо во врвот, односно втора според направениот промет на пазарот на капитал.
Во Комерцијална банка само 2,07 од процентот на акции се во рацете на странски акционери, со што таа банка е во доминантна домашна сопственост, односно главно е поседувана од домашни бизнисмени и компании. Над 5 отсто акции има само Адора, и тоа 14,99 отсто. Но, и други домашни 327 прави лица заедно поседуваат 49,68 отсто од капиталот, а и голем број домашни граѓани, односно дури 6.061 домашни физички лица поседуваат 48,25 отсто од акциите. Додека, пак, странскиот капитал е претставен преку 77 странски физички лица, кои држат 1,52 отсто од акциите, а 12 странски правни лица заедно имаат многу мал процент од 0,55 отсто од акциите. Со акциите на таа банка беше направен најголем промет, од дури 4,1 милиони евра на Берзата во декември.
Во Македонски телеком е наведено дека има 0,8 отсто странски капитал. Според ЦДХВ, 51 отсто има Каменимост комуникации, но каде е извесно дека сопственик е Дојче Телеком, додека, пак, нашата Влада има 34,81 отсто, а 10 отсто се сопствени акции. Исто така, 3.342 домашни физички лица располагаат со 2,08 отсто од акционерскиот капитал.
И најмал процент странски акции од МБИ10 има Македонијатурист и тоа 0,27 отсто.
Н.Н.Ф.