КОЈ УСПЕАЛ НАЈМНОГУ ДА ПРОФИТИРА ОД КОТИРАНИТЕ КОМПАНИИ - сите заедно лани со добивки од 300 милиони евра
Објавено во: Финансии 03 Мај, 2022
На компаниите што котираат на Македонската берза им одело одлично во минатата година, говорат податоците кои ги објавуваат од пазарот на капитал во земјава, а кои се однесуваат на финансиските резултати од компаниите.
Во изминатата 2021 година, 91 компании кои котираат на Берзата оствариле вкупни добивки од 296 милиони евра, што е за 55 милиони евра повеќе од остварените вкупни добивки во претходната, 2020 година, кога биле реализирани профити од 241 милион евра.
Или, порастот на вкупните добивки изнесува 22,96 проценти, говорат берзанските сумирани податоци.
Инаку, треба да се има предвид дека најголемиот дел од профитот остварен кај котираните компании, се должи на профитите на банките.
Или, од овие 91 котирана компанија, од само седум банки, односно Комерцијална, НЛБ, Стопанска банка Скопје, Стопанска банка Битола, ТТК Банка, УНИБанка, како и Централна кооперативна банка, е остварен вкупен профит од 124,4 милиони евра, или речиси половината од вкупните добивки на котираните компании остварени лани.
Инаку, како што веќе пишувавме, лани сите банки во земјава оствариле вкупен профит од 149 милиони евра. Станува збор за 13 банки, откако се споија Шпаркасе и Охридска банка, но фактот што само седум од нив се котирани, говори дека шест банки не се котирани на Македонската берза.
И кога станува збор за профитабилноста, на прво место се три банки, и тоа прва е Стопанска банка Скопје со добивка од 40,1 милиони евра, а по неа следува Комерцијална банка, односно најголемата банка во земјава, чии профит лани бил 37,9 милиони евра, додека, пак, на третата позиција е НЛБ Банка со остварен профит лани од 36,1 милиони евра.
А, на четвро место е „Македонски Телеком“, чии профит лани бил 25,9 милиони евра, потоа следува најголемиот дистрибутер во земјава „Макпетрол“ со добивка лани од 22,9 милиони евра, а потоа доаѓа нашата најголема фармацевтска компанија „Алкалоид“, со профит од 21,2 милиони евра.
Од вкупно 91 котирани компании на Македонската берза, лани профитабилно работеле дури 73 компании, додека годината со загуба ја завршиле само 18 трговски друштва.
Во 2020 година, пак, која беше означена како пандемиска, 65 компании работеле со добивка, а загуба имале 26 фирми, што значи дека кај осум компании има сериозно подобрување, односно тие преминале од зоната на негативата, во зоната на позитивното работење.
Притоа треба да се напомене дека списокот на котирани компании содржи 94 фирми, од кои три се долгорочно суспендирани од котација, и тоа „Арцелор Митал“ ХРМ, „Трудбеник“ Охрид, и „Благој Туфанов“ од Радовиш.
Но, и загубата се зголемила минатата година во однос на претходната 2020 година. Па така, ако 18 фирми лани имале вкупна загуба од 22,1 милиони евра, во 2020 година загубата на 26 компании изнесувала 17,4 милиони евра, што значи дека имаме и порст на вкупниот негативен финансиски резултат од 4,7 милиони евра.
Најголем негативен финансиски резултат имала компанијата „Бетон“ Скопје, и тоа 12,8 милиони евра.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.