Добивај вести на Viber
Социјалдемократскиот сојуз, преку официјално соопштение на својата фејсбук страница, соопшти дека е избрана нова претседателка на Форумпот на жени на СДСМ, а станува збор за Даниела Колева.
„На предлог на претседателот Венко Филипче, Извршниот одбор на СДСМ ја избра Даниела Колева за претседателка на Форумот на жени на СДСМ.
Колева е долгогодишна активистка и борец за еднаквост и еднакви можности, поранешна пратеничка на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата во минатиот состав, дипломиран професор по математика и Магистер по менаџмент на човечки ресурси. Честитки за изборот, посакуваме успешна работа!“, се вели во објавата на фејсбук на СДСМ, каде е споделена и фотографија од Колева.
Даниела Колева, членка на СДСМ, беше пратеничка од таа партија во парламентарниот состав од 2020 до 2024 година. Нејзините активности како пратеник беа член на повеќе комисии и тоа: законодавно-правна комисија, комисија за образование, наука и спорт, комисија за еднакви можности на мажите и жените и комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Таа е родена во 1980 година во Кавадарци.
Мартина Наумоска ќе биде заменик
претседателка на форумот на жени и генерална секретарка, а во Извршниот одбор
на Форумот на жени на таа партија се и поранешната министерка, Јована
Тренчевска, Снежана Калеска Ванчева, Цветанка Иванова, Цветанка
Ласкова, Тања Томиќ, Атина Мургашанска, Селда
Ујкановиќ, Ивана Максимова, Марија Костова, Габриела
Маџоска, Соња Тодоровска, Санела Шкријељ, Јасмина
Ангелова, Билјана Михајловска, Весна Стојанова Богоевска.
Од СДСМ на својата веб страница напишале и дека „СДСМ беше првиот политички субјект во Република Северна Македонија и меѓу првите во регионот што воведе поттикнувачки механизми за рамноправна застапеност на двата пола во органите и телата на Партијата. Овие механизми, како докажани и успешни, потоа беа пресликани и во изборната регулатива, што денес ни овозможува гордо да кажеме дека еден од врвните социјалдемократски принципи – родовата еднаквост, се применува и во Република Северна Македонија“.
Во април 2022 година, на предлог на тогашниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, Извршниот одбор на СДСМ за претседателка на Форумот на жени ја избра Јована Тренчевска, која е една од основачките на Форумот на жени на партијата, како и поранешна актуелна министерка за труд и социјална политика.
Тренчевска и сега ќе биде членка на Извршниот одбор на Форумот на жени на оваа, сега опозициска партија.
Н.Н.Ф.