КОЛКУ ПРОФИТ НАТАМАНИ ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА ГОДИНАВА? Надлежните велат имале и големи капитални инвестиции
Објавено во: Финансии, Македонија 26 Декември, 2023
Со рекордно ниво на капитални инвестиции од 400 милиони евра и најголем приход од патарини досега - 62 милиони евра, што е 100 отсто зголемување во однос од пред три години, Јавното претпријатие за државни патишта ја завршува 2023 година. Директорот Ејуп Рустеми синоќа во отчет за сработеното и за плановите во наредната година соопшти дека годината е успешна и по тоа што е почнат проектот за изградба на 110 километри автопатишта од коридорите 8 и 10д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“, кој според планот треба да биде завршен за четири години и седум месеци.
Проектите на ова ЈП се одвиваат во повеќе години, така што од 2021 – 2023 година се завршени и во фаза на реализација околу 900 километри патна мрежа.
-Од нив во овој период се изградени, реконструирани и рехабилитирани државни патишта во должина од 630 километри. Во моментов имаме уште 160 км автопатишта што се во тек на изградба, 51 км експресни патишта и изградба и рехабилитација на 65 километри регионални патишта со инвестициска вредност од над две милјарди евра. Сите овие завршени проекти и проекти во тек говорат дека оваа година не застанавме и токму затоа можеме со гордост да известиме дека имаме уште еден рекорд – инвестиции што достигнаа 400 милиони евра, рече Рустеми.
За 2024 година, покрај тековните активности кои ќе продолжат и догодина, предвидени се и изградба на нови патни правци со проценета вредност во висина од 367 милиони евра.
-Годината што доаѓа сме исто така со амбициозни планови и проекции. Заедно со моите вработени на кои сум благодарен што посветено работат на проектите спремни сме за нови рекордни бројки. Градиме за идните генерации, градиме за иднината на нашата држава, градиме за да се поврземе со светот, рече Рустеми.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека верува оти се на добар пат во остварување на целта државава да има модерни, квалитетни и безбедни патишта со кои ќе биде поврзана со соседите и со Европа.
-Оваа 2023 година Владата ја привршува со ново рекордно ниво на реализирани капитални инвестиции, и директорот на ЈП ги најави капиталните инвестиции на претпријатието. Јас, еве, до денеска, до овој момент, можам да истакнам дека капиталните инвестиции на Владата постигнуваат нов рекорд од 540 милиони евра. Очекувам оваа бројка да расте се до последниот ден во оваа календарска 2023 година. Минатата година имавме 465 милиони евра, како своевиден рекорд во 2022, а 2023 веќе е на 540 милиони евра, рече Бочварски и нагласи дека фокусот е ставен на двата европски коридора 8 и 10Д.
Посочи дека во годината што изминува рехабилитирани и реконструирани се над 30 регионални патни правци во сите региони од државата и инвестирани се 10 милиони евра за реконструкција на преку 100 локални патиштата на териториите на општините под нивни ингеренции.
-Програмата за изградба и рехабилитација на државните патишта за следната 2024 година во соработка со ЈПДП и со Македонијапат ја создаваме да опфати реални состојби и потреби на стопанството и граѓаните, а пред се фокус даваме на рамномерниот развој и, секако, на голем дел во планинските региони каде што им е потребно на граѓаните. Тоа што е најважно е дека ниту еден проект нема да застане. Сите започнати проекти ќе продолжат да се реализираат и во текот на наредната година, истакна Бочварски, додавајќи дека со инфраструктурните инвестиции ќе се обезбеди работа за целиот градежен сектор и ќе биде силна поддршка на домашната економија.
Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е и координатор на проектот за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д со конзорциумот „Бехтел и Енка“, во обраќањето рече дека оваа Влада во последните три години има над 85 отсто реализација на капиталните инвестиции во секоја од годините.
Им го честиташе сработеното на ЈП за државни патишта и рече дека вработените се надминале себеси затоа што оваа година просечно реализирале колку што реализирале за три години.
-За цел еден мандат реализиравте само за една година, што значи има капацитет во нашите институции... Јас сум многу горд со вашата работа, со вашата испорака, посебно во проектот на коридорите 8 и 10Д, кој при крај на следниот мандат веќе ќе биде реалност. Се надевам, а и убеден сум, ако сите работиме заедно, да се видиме тука по четири години, а и на терен, каде што ќе ги пресечеме лентите на сите овие автопатишта, рече Груби во обраќањето по повод отчетот на ЈП за државни патишта.
МИА* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.