Колку се реални попустите, знаеме ли да пресметуваме?
Објавено во: Балкан 15 Август, 2013
Колку често ви се случува на излог да видите една цена зад која стои намалување, а внатре во продавницата всушност се соочувате со сосема друга. Ваквите појави ги натера репортерите на Дневник во Нови Сад да истражуваат дали намалувањата закачени на излог навистина се толкави во продавниците.
- А како можете да очекувате да ги има сите броеви, кога има толкаво намалување? – одговори продавач на чевли во една новосадска проданица, кога новинарите од Дневник побараа сандали број 38. Останаа и без сандали и без текст – големото намалување изнесуваше само 20 отсто.
На нивниот коментар дека не е во ред пред крај на летната сезона попустот да биде минорен, а излозите да бидат облепени со намалување од 50 отсто, трговецот љубезно објасни – половина цена поевтина стока може да се добие на некои други чевли, а ако пазарите само еден пар, тогаш намалувањето е 20 отсто.
Разгледувајќи понатаму за намалена облека набрзо наидовме на ново непријатно изненадување. На излог на продавница за конфекција од домашен производител стоеше известување за попуст од 50 отсто, меѓутоа на ниту еден фустан, здолниште или кое било друго парче облека не стоеше претходната цена. Со каква математика не е баш најјасно, но на доброто шопинг око не може да му побегне податокот дека чевлите кои пред две години чинеле околу 8.000 динари и сега на намалување од 30 отсто чинат исто 8.000. На старите цени на ѓоновите стојат нови налепници, но претходната цена се гледа од околу 12.000 динари, веројатно добиена со чудна метода, каква не ја познаваат ни сериозните трговски куќи во светот, бидејќи тие модели од пред две години ги намалиле 70 отсто или ги пратиле во аутлет продавници.
Трговците, како што секој од нас можеше да се увери, ги користат старите пробани методи на трикови. Прво на одредена стока ќе ги покачат цените, а потоа ги намалуваат, всушност на реалната цена. Тоа не е случај само со гардеробата. На пример, во почетокот на неделата ги покачуваат цените на свежото место за 100 динари, а за викендот најавуваат поевтинување од 30 денари. Уверен дека во викенд шопинг би заштедил потрошувачот всушност плаќа повеќе.
- Кај акциските понуди очигледно е дека порано на акции главно беше техниката, додека денес на попуст можат да се видат и прехранбени производи – укажа претседателката на Центарот за заштита на потрошувачите на Србија, ЦЕПС, Вера Вида.
- Тоа е всушност еден од показателите во која мера осиромашуваме од ден во ден и колку слабее потрошувачката кошница. Постојат правила како се огласува акциска стока: со издвојување на видливо место, со истакната цена пред и по поевтинувањето, а ако рокот на употреба истекува, и тоа треба јасно да биде истакнато.
Во потрошувачките организации наведуваат и други трикови кои ги користат трговците, на пример да ја намалат цената на стоката која инаку не се продава, на акција да стават мали количини, да распродаваат стари модели...
- Во Србија најзастапени се измамите со огласената висина на намалувањата, т.е. погрешна информација за тоа дали стоката навистина е намалена, на пример од 70 отсто, или не е? – вели за Дневник претседателот на Националната организација на потрошувачи на Србија, Горан Паповиќ и наведува дека проблем е малата количина на стока која се нуди во акција, па често се случува она што е намалено да се продаде многу брзо.
Притоа трговецот и понатаму во излогот рекламира голем попуст, а од таа стока всушност некогаш нема ниту еден примерок. Затоа треба да се одреди количината на стоката чија акција продавачот ја огласува, а тој во продавницата мора да поседува и резерви.
извор: Миа