КОМЕРЦИЈАЛНА, ГРАНИТ, АЛКАЛОИД... - еве кои други моќни компании остануваат во Македонскиот берзански индекс
Објавено во: Финансии 20 Декември, 2022
Најмоќните компании кои го сочинуваат Македонскиот берзански индекс МБИ 10, продолжуваат и натаму да го формираат клучниот показател за берзанските движења, кој е многу битен за инвеститорската заедница.
Комисијата за берзански индекс на средината на овој месец, поточно на 16 декември, како што соопшти Берзата, извршила редовна ревизија на индексите МБИ10 и ОМБ.
„Согласно Методологијата за пресметување на индексот МБИ10, Комисијата за берзански индекс определи дека елементи на индексот МБИ10 ќе бидат обичните акции издадени од: Комерцијална банка АД Скопје, Гранит АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Макпетрол АД Скопје, Македонијатурист АД Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје и УНИ Банка АД Скопје“, се вели во соопштението од Берзата.
Единствената промена во однос на индексот е тоа што во неговото формиеање влегла УНИ Банка, а излегла Стопанска банка Битола.
Согласно Методологијата за пресметување на Индексот на обврзници на Македонската Берза, пак, ОМБ, Комисијата определила дека следните обврзници ќе бидат елементи на тој индекс - обврзниците за денационализација-Шеснаесетта емисија (RMDEN16), како и обврзниците RMDEN17, RMDEN19, RMDEN20 иRMDEN21.
Датум на имплементација на извршената ревизија, односно датумот од кој ќе отпочне да се пресметуваат индексите по новиот состав е 30.12.2022 година.
Следната редовна ревизија на индексите е на 15.06.2023 година, информираат од Берзата.