Кому му ги остави Ѕинго, акциите во Силекс?
Објавено во: Економија 29 Март, 2021
На еднаков дел на двете деца го поделил сопствеништвото во РИК Силекс АД Кратово, починатиот бизнисмен Љубисав Иванов Ѕинго. Компанијата соопшти дека е извршена поделба на 54,25 отсто од акциите на друштвото.
Станува збор за 244.946 обични акции кои претходно му припаѓале на нивниот татко. По основ на оставнина на два еднакви делови акции добиле Горан Ивановски и Розета Димитровска. И двајцата сега поседуваат по 122.473 обични акции во Силекс.
Книговодствената вредност по акција изнесува 1.532 денари, а последната цена по која се тргувале овие акции е 70 денари.
Горан Ивановски и порано беше акционер.
Поранешниот рударско индустриски гигант – кратовски „РИК Силекс“ лани оствари 11,2 милиони евра приходи од продажба што е зголемување на продажбата за 24 отсто во споредба со претходната година. „Силекс“ лани приходите ги направил од продажба на сунѓер, сирење, јагниња и јариња, патенти како и од продажба на „силекс кугла“ пишува во образложението кон консолидираните финансиски извештаи на компанијата.
„Силекс“ е основач и сопственик на 21 фирма! Најголеми се: „Силтекс“, „Неметали“, „Земсил“ и „Силпен“ и сите имаат основна главнина поголема од 1 милион евра. Другите 14 се со основачки влог до 5.000 евра. (според податоци од Проспектот на РИК „Силекс“)
Основната дејност на “Силекс” А.Д. Кратово е 08.99 – Останато рударство и вадење на камен, неспомнато на други места. Преку основаните друштва се занимава и со рударство, производство на сите видови полиуретански производи, патент затварачи и позамантерија, градежништво, комунални услуги, земјоделие, сточарство, овоштарство и преработка, производство на транвентински и мермерни плочи, транспортни услуги и сектор за обезбедување на имот и лица. РИК „Силекс“ е основан 1954 година.
Љубисав Иванов Ѕинго почина во ноември лани. Повеќе од две децении беше лидер на Социјалистичката партија, а беше пратеник во Собранието во првиот собрански состав.
Љубисав Иванов Ѕинго беше и долгодишен бизнисмен, сопственик на компанијата Силекс, основач на ТВ Сител, а во неговото бизнис портфолио е и сопствеништвото на Добра вода.
А тој беше вљубеник и во спортот и беше претседател на Фудбалскиот сојуз.
Имаше 84 години.
А.Т.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.