КОМУ СМЕ МУ ГИ ДОВЕРИЛЕ НАШИТЕ ПАРИ - еве кои се „милијардери“, а колку има и во другите банки
Објавено во: Финансии 08 Октомври, 2024
Граѓанските заштеди во банките не престануваат да растат, од месец во месец, говорат податоците на Народна банка на Македонија.
А, Фактор анализира која банка чува најмногу од нашите пари, односно во која банка или банки се сконцентрирани најмногу од граѓанските депозити.
Податоците што ќе ги објавиме се однесуваат заклучно со 30 јуни оваа година, бидејќи тоа се најсвежите показатели на централната банка за депозитите на домаќинствата гледано по подделни банки.
На крајот на јуни најмногу заштеди граѓаните чувале во нашата најголема банка, Комерцијална банка, и тоа 1,675 милијарди евра, што е нешто помалку од една третина од вкупните заштеди на граѓанскиот сектор, кои на крајот на јуни изнесувале 5,93 милијарди евра. Во однос на крајот на третиот квартал, односно заклучно со март оваа година, во Комерцијална банка штедните влогови на домаќинствата пораснале за 33,5 милиони евра, што е исто така најголем раст за период од три месеци во споредба со другите банки.
Втора банка „милијардер“ според висината на штедните влогови на граѓаните е нашата најстара банка, Стопанска банка Скопје, која деновиве прослави 80 години од своето постоење. Во Стопанска банка Скопје македонските граѓани чуваат 1,257 милијарди евра, или нешто помалку од една четвртина од вкупниот банкарски сектор во земјава, што, пак, само по себе доволно говори колку неколкуте големи банки се системски значајни за банкарскиот сектор во земјава и колку се тие носители на депозитната база, а што е главниот извор на кредитирањето и со тоа еден од најзначајните двигатели на економијата во земјава. Порастот во однос на првото тримесечје на штедните влогови на домаќинствата во Стопанска банка Скопје изнесува 31,7 милиони евра, и со тоа е втор најголем раст на граѓанската депозитна база во нашиот банкарски сектор.
Има уште еден чувар на граѓанските пари кој држи кај себе над една милијарда евра граѓански заштеди, а тоа е НЛБ Банка, со влогови на домаќинствата од 1,115 милијарди евра, што е за близу 21 милиони евра повеќе во однос на едно тримесечје претходно.
Тука завршува списокот на „милијардери“, но има и други „тешкаши“ во однос на тоа колку граѓанска доверба имаат во поглед на давање на своите слободни средства, кај нив да се депонирани и да се оплодуваат преку каматните стапки. А тоа се секако уште двете големи банки, односно Халк и Шпаркасе банка.
Халк банка на крајот на јуни годинава имала кај себе влогови на домаќинствата од близу 580 милиони евра, значи одлична респектабилна бројка, а која во однос на еден квартал претходно е зголемена за над 24 милиони евра.
Над половина милијарди евра, или прецизно околу 511 милиони евра чува и петтата по големина банка во земјава, Шпаркасе банка, чии штедни влогови на крајот на првото полугодие се зголемиле за над 22 милиони евра во однос на претходното тримесечје.
Следува УНИБанка, која исто така може да се пофали со одлична депозитна база, односно 228 милиони евра, што е пораст за два милиони евра во однос на претходниот квартал.
Убави бројки на штедни граѓански влогови има и Прокредит банка, или 215 милиони евра, што е раст за околу 8 милиони евра во однос на првиот квартал.
Централна кооперативна банка има штедни влогови на домаќинствата од околу 138 милиони евра, по неа е Стопанска банка Битола со 104,4 милиони евра, додека, пак, ТТК Банка држи кај себе штедни влогови на домаќинства од 103 милиони евра.
Следува Силк банка со влогови од 60 милиони евра, и Капитал банка со депозитна граѓанска база од 20 милиони евра.
Развојната банка е 13 банка во нашиот банкарски сектор, но таа не чува граѓански депозити, туку преку неа државата го поддржува бизнисот, или се распределуваат евтините кредитни линии.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.