Конференција за социјалното претприемништво: Како да се вработат ранливите групи?
Објавено во: Економија 31 Јануари, 2013
Со цел да се мотивира и забрза развојот на социјалното претприемништво во Македонија, и да се овозможи пристап на маргинализираните групи до вработување, два дена во Скопје се одржува конференција правна и фискална рамка за развој на социјалното претпремништво во Македонија.
„Станува збор за искористување на бизнис модел претпријатија кои остваруваат некаков профит, но не го делат како другите компании за добивка на сопствениците туку таа се користи за социјални цели. Тие можат да се користат за вработување на маргинализираните групи, како на пример жртви на семејно насилство, поранешни корисници на дрога и алкохол, кои работодавачите не сакаат да ги вработуваат, рече Зоран Стојковски, извршен директор на ЦИРА, која е организатор на конференцијата.
Во Македонија веќе функционираат некој вид вакви организации, рече Стојковски , издвојувајќи ја „Избор“ во Струмица која преку тераписката заедница „Покров“ работно ги ангажира лицата кои се лекуваат од користење дроги.
Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, социјалното претприемништво е комбинација на силна социјална мисија и претприемачки дух, како и баланс на социјални и економски цели.„Крајна цел е намалување на генералниот број невработени лица преку интензивирање на овие можности. Владата како креатор на политиките за вработување ќе даде конкретни идеи и насоки за намалување на вкупниот број невработени“, рече Ристовски.
Кристофер Ивон, амбасадор на Велика Британија во Македонија, истакна дека во неговата земја има околу 65 илјади социјални претпријатија, кои вработуваат околу 750 илјади лиица. Амбасадорот посочи дека има многу начини на кои може да отпочнат со работа вакви претпријатија, но пред се најважно е да се произлезе со креативна идеја со која ќе се подобри статусот во заедницата.