КОСТАДИН БОГДАНОВ ЗА ФАКТОР: Судот во Стразбур реши да го слушне и мислењето на Врховниот суд пред да одлучува
Објавено во: Македонија 16 Февруари, 2023
Костадин Богданов, адвокат, и поранешен владин агент пред Европскиот суд за човекови права во Старзбур, за Фактор попрецизно го објаснува значењето на денешната одлука на Европскиот суд.
„Реално и објективно, Судот во Стразбур нема донесено ништо мериторно, во смисла дали жалбените наводи се прифатливи или не, односно дали има повреда на Конвенцијата за човекови права или не, туку едноставно, остава време да го слушне и мислењето на нашиот Врховен суд, во контекст на предметите и помилувањата, како би можел евентуално подоцна да решава и мериторно. Практично, Судот сега само ја отфрла апликацијата во моментов, бидејќи не се исцрпени сите домашни правни средства“, објаснува Богданов во разговор за Фактор.
Според него, тоа досега во земјава и не ни можело да се случи, бидејќи тие предмети се уште не се дојдени преед Врховниот суд, па практично судот во Стразбур не би сакал да се истрчува и да носи одлуки додека кај нас највисокиот суд во државата се уште нема кажано ништо.
„Ова практично значи дека предметите ќе си продолжат пред нашите судови, давајќи му шанса на нашето судство да ги адресира наводите за повреда на Конвенцијата за човекови права и да ја примени директно Конвенцијата, што особено ќе важи кога ќе дојдат предметите пред нашиот Врховен суд“, вели овој правен експерт.
Или, како што објаснува Богданов, Стразбур ја врати топката на одлучување во државава, со тоа што дава шанса, пред тој да одлучи, да го слушне и мислењето на нашиот Врховен суд.
Инаку, според објавите во медиумите, Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени. Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти Европскиот суд. Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.
Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.
На оваа одлука експресно реагираа и Владата и претседателот Пендаровски.
Тие ја поздравуваат одлуката и велат дека таа е во полза на државата.
„По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур.
Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, се вели во соопштениетпо од Кабинетот на Пендаровски.
„Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП).Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на шест случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови“, се вели во владиното соопштение.
Нина Нинеска-Фиданоска
Фото: Фејсбук
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.