КУМАНОВЕЦ ДРЖЕЛ ЗАБРАНЕТО ОРУЖЈЕ ВО БЛИЗИНА НА АРАЧИНОВО: ОЈО поведе истрага за осомничениот
Објавено во: Македонија 31 Декември, 2024
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 29-годишен жител на Куманово, кој заедно со други лица, чии идентитети сè уште се утврдуваат, чувал големо количество забрането оружје и муниција во канал покрај патот меѓу селата Орланци и Никуштак.
Како што информираат од ОЈО, на 18 декември, покрај коловозот, до пластичен столб за светлосна сигнализација обележан со лименка, полицијата пронашла пушкомитралез, десетина автоматски пушки, рамки за оружје и значителен број куршуми кои спаѓаат во категоријата на забрането оружје за цивилно поседување.
„Со дополнителните истражни дејствија откриени се материјални траги кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, заедно со соучесници, ја чувал оваа нелегална залиха на оружје“, велат од ОЈО.
Против осомничениот е покрената постапка за сторено кривично дело - неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, согласно член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител предложи мерка притвор, наведувајќи дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоците или да го повтори делото. Оваа процена се заснова на фактот дека тој на 29 декември бил уапсен на граничниот премин Долно Блаце додека се обидувал да ја напушти државата. Дополнително, осомничениот би можел да оствари контакт со соучесниците и да влијае врз истрагата доколку остане на слобода.
„Судот го прифати предлогот на обвинителството и му одреди мерка притвор во траење од 30 дена“, соопштија од ОЈО.