ЛЕТУВАЊЕ ИЛИ ЗИМУВАЊЕ: Што преферираат македонските граѓани?
Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2023
Море, сонце и плажа наспроти планина и снег. Македонските граѓани повеќе сакаат да одмораат на море, а поретко одат на зимување. Ова го потврдуваат од повеќето македонски туристички агенции.
Тие велат дека на граѓаните им е поважно да одат на море, а летување и зимување, како и повеќе патувања во текот на годината можат да си дозволат подобро ситуираните граѓани. Александар Чоневски од туристичката агенција Игуана Травел од Скопје објаснува дека од искуството во нивната агенција, нашите граѓани сепак даваат предност на летните одмори во однос на зимувањата.
„Сведоци сме дека со годините буџетот на граѓаните се намалува, цените скокаат и затоа се одлучуваат за одмор на море и плус некој викенд ако можат да си дозволат. За зимување интересот е послаб. На дневно ниво имавме по неколку резерации за летните одмори. Граѓаните почнуваат да планираат. И следните денови очекуваме резервации. Мала пауза имаше во деновите кога се случија земјотресите во Турција и Сирија и тоа беше една траорна ситуација, мислам дека од човечки аспект сите бевме засегнати и никој не размислуваше на одмор во тие денови. Исто и во деновите кога имавме температури од -10 степени имаше пауза, но сега кога денот ќе се зголемува, температурите ќе растат, луѓето ќе почнат да доаѓаат, да прашуваат, да уплаќаат за одмори. Најчесто ја бираат Грција“, рече Чоневски.
Тој додава дека поради заладените односи со Бугарија, има тивок бојкот на бугарските зимски туристички центри.
Од агенцијата Холијеј од Скопје велат дека летувањето има одредена традиција и за граѓаните е приротет во летото да отидат на море.
„Ако треба да кажеме во проценти, тоа би било 30 наспроти 70, во корист на летувањето. Скијањето е поскап спорт. Ако треба одат на зимување, треба да пресметаат и колку ќе ги чинат ски картите, додека летувањето го доживуваат поинаку затоа што луѓето се навикнати во лето да одат на одмор“, велат од Холијеј.
Слична е состојбата и во помалите градови во Македонија.
„Битолчани со години бираат да одат на море, а за зимување има интерес само ако е нешто поатрактивно“, сметаат од битолска агенција.
Oд Нова травел од Струмица објаснуваат дека сè е до навиките и финансиите. За струмичани велат дека најчесто одбираат да одат на летување.
„Летување дефинитивно, затоа што им е поевтино. За нас во Струмица, за нашите граѓани, Грција е блиску. Има и граѓани кои подобро стојат финансиски, така што можат да си дозволат да одат и на летување и на зимување, но тие се помалку, а воедно народот е навикнат да оди на одмор во лето“, додаваат од „Нова травел“.
Податоците кои претходно ги има објавувано Државниот завод за статистика(ДЗС) врз основа на направена анкета, покажуваат дека граѓаните почесто одат на одмор на езеро, море, а поретко на планина. Оние кои патувале надвор од земјата, навеле дека одморот го поминале во Грција, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Турција и Хрватска, а некои одморале во Шпанија и други земји.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.