„ЛОВ НА ВЕЛОСИПЕДИ“: Секој ден „оди“ по еден, граѓаните препуштени сами да ги бркаат крадците
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2018
Сезоната на велосипедски сообраќај уште е во полн замав поради временските услови кои иако е Ноември се соодветни. Популарноста на ова превозно средство и негово воведување во јавниот превоз, освен што му годи на здравиот живот на граѓаните, Скопје полека го доближува до европските метрополи и градови со развиена сообраќајна култура како Копенхаген, Амстердам или Стокхолм.
Но, брзото зголемување на велосипедскиот сообраќај во Скопје доведува и до зголемен криминалитет, што ги дестимулира граѓаните во купување и користење на ова превозно средство.
Статистиката на МВР која е разочарувачка во поглед на решени случаи, за девет месеци годинава бележи 642 кривични дела „кражба“ на велосипеди. Но, таа бројка, се претпоставува, сигурно е поголема бидејќи многумина и не се осудуваат да пријават кражба.
-Од јануари до септември 2018 година регистрирани се вкупно 642 кривични дела “кражба“ на велосипеди. Дел од овие кривични дела се расчистени, а за дел се превземаат мерки за нивно целосно расчистување-велат за „Фактор“ од Министерството за внатрешни работи.
Во штурите информации кои ги добивме од надлежните колку велосипеди успеале да им вратат на вистинските сопственици од МВР не ни кажаа. Според последниот случај кој го решиле, кривична пријава добил 28 годишен Скопјанец.
-Последната поднесена кривична пријава е за Ф.М.(28) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил две кривични дела „тешка кражба“ (на велосипед)и едно кривично дело „тешка кражба во обид“ (на велосипед) со што се стекнал со противправна имотна корист од 55.000 денари. Имено првото кривично дело “тешка кражба“ пријавениот го извршил на 29.08. годинава пред продавница во Градскиот трговски центар, а второто кривично дело на 04. овој месец на улицата “Антон Панов“ пред стоматолошка ординација. Третото кривично дело „тешката кражба“ во обид ја извршил на 02 овој месец на улицата “Даме Груев“ поточно во училишен двор. Истиот се доближил до оградата на училиштето каде бил врзан велосипедот, по што откако се обидел да ја скине сајлата со која што бил врзан, бил забележан од друго лице и се откажал од намерата напуштајќи го местото на настанот. По превземени мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР-Скопје Ф.М бил пронајден и приведен во Полициската станица Бит Пазар. Во Полициската станица Гази Баба, од страна на две лица во присуство на Јавен Обвинител извршено било препознавање на лица и предметите при што со сигурност беа препознати украдените предмети, како и пријавениот Ф.М. како сторител на кривичните дела“, велат од МВР.
Фото: Фејсбук/Украдени точац
Се краде од пред врата со заклучен влез на високакатница па до заклучена гаража, социјалните мрежи единствена помош за „олеснетите“
Крадците најчесто не се пребирливи за марката на точакот, односно дали тој вреди илјадници евра или пак многу помалку.
Многу од граѓаните коментираат дека голем дел од велосипедите што се наоѓаат на познатиот Канта пазар се крадени, потоа префарбани и се продаваат, па ни самиот сопственик на точакот може да се случи да не си го препознае својот.
„Украдени точаци“ е Фејсбук страница во која секојдневно се среќаваат примери со украдени велосипеди. Она што паѓа во очи е дека се крадат пред се поскапи велосипеди и поспецифични на изглед. Одамна граѓаните се откажале од надлежните, па се снаоѓаат и си помагаат сами преку социјалните мрежи.
„Украден е „Focus Black Forest 29er“ од Аеродром (ул Методија Шаторов Шарло) од 9-ти спрат.Било каква информација е добредојдена.
-Вечерва е украден велосипед марка „Тотем“ во близина на Министерството за финансии. Ве молам споделете ја објавата да се обидеме да го најдеме крадецот. За информацијата која ќе помогне за пронаоѓање следува награда....“
-Дечки, точакот ни е украден од домашна заклучена гаража. Како што гледам, вчера или завчера биле прилично активни. Локација: Дебар Маало, Карпош 1. Ако некој го види, молам да ме контактира....– се само мал дел од постираните кражби на разочарани сопственици за кои се известени членовите на групата.
Постовите во кои е пронајден украден велосипедот се поретки, но наидовме и на таков.
„По 3 часа откако се случи кражбата, другар се разминал со крадецот, го познал велосипедот и тргнал кон него, по што крадецот го фрлил и побегнал, пријавено е во полиција дека е најден“, пишува еден член на групата.
Крадецот често е детектиран преку објавени видео снимки или фотографии, но најверојатно МВР не се ангажирала да поработи на случаите.
Фото: Фејсбук/Украдени точаци
Упатените велат дека постојат два типа на крадци на велосипеди: голем број се аматери кои ги продаваат велосипедите многу евтино, а другиот тип се оние кои таргетираат скапи велосипеди кој потоа се случува да ги продаваат и на делови, многу често онлајн. Причината, зошто крадците толку лесно се извлекуваат се препишува на тоа што не постои никаква поврзаност на жртвата со крадецот, а и тешко се докажува сопственоста бидејќи ретко кој чува потврда за купен велосипед.
Фото: Фејсбук/Украдени точациТешкотијата во докажувањето произлегува од факот дека истиот не се регистрира, како што тоа е случајот со автомобилите, пловните објекти или авионите, нема посебен регистарски број, а особено што не постои регулатива, постапка или регистар во кој би се навеле некои од податоците кои би ја евидентирале сопственоста на велосипед. За сега единствен доказ кој би можел евентуално да даде барем некоја сигурност и трага за вистинскиот сопственик е доказ од купопродажбата на велосипед, фискална сметка, сметкопотврда или слично велат упатени во оваа проблематика.
Неколку совети како да се заштитите од крадци на велосипеди
Со цел да се намали бројот на украдени превозни средства на две тркала, со неколку совети ќе се обидеме да ви помогнеме да не бидете мета на крадци.
-Запишете го серискиот број на својот велосипед веднаш штом го купите. Серискиот број е напишан на рамката од долната страна. Исто така , добро е да оставите некој свој знак на самиот велосипед како полесно и сами би можеле некаде да го препознате и да го пријавите во полиција. Сочувајте ја и сметката и фотографирајте го велосипедот, по можност од повеќе позиции.
-Велосипедот секогаш ставајте го на видно место за вас
-Никогаш не оставајте го велоспиедот неврзан, дури и ако мора да одите некаде на кратко. Исто така, преку ноќ немојте да го оставате пред зграда, незаклучена заедничка просторија и слично. Научете како правилно да го заклучувате. Добриот клуч ја губи својата цел доколку велосипедот е врзан со нешто недоволно цврсто. Користете квалитетни ланци и сајли со брава.
-Не го паркирајте секогаш на исто место
-Понапредни видови на заштита се и брава за блокирање и аларм чувствителен на вибрација кој на обид на кражба силно пишти.
-Ако забележите непозната личност во вашата зграда понудете и помош. На пример, крадците не сакаат да слушнат прашање од типот: Извинете, може ли да ви помогнам?
Ирена Ставрова
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.