ЛУЃЕТО СЕ ПОВЕЌЕ ПАТУВААТ – Авионскиот сообраќај со најголем раст, еве каков е интересот за железничкиот и патниот
Објавено во: Економија 13 Октомври, 2023
Од почетокот на годината бројките на корисници на авионскиот превоз значително пораснале, па во вториот квартал биле превезени дури 843.654 патници, додека истиот период минатата година биле превезени 598.792 корисници.
Дека интересот кај граѓаните за патување се враќа потврдуваат и бројките на корисници на останатите типови на јавен превоз, како кај автобускиот или патничкиот, така и кај желеничкиот превоз.
Според последните бројки кои ги објави Државниот завод за статистика, во нивниот месечен статистички билтен, бројот на патници кои го користат патниот или автобускиот превоз се има дуплирано во споредба со 2021 година.
Па така во вториот квартал 2021 година биле превезени 561 илјада патници, додека истиот квартал 2022 година 893 илјади патници го користеле овој тип на превоз. Оваа година во вториот квартал биле превезени 1.048.000 патници.
Подобрување има и во железничкиот превоз каде бројот на патници на почетокот на годината имаше голем раст, додека во вториот квартал забележа благо успорување. Првиот квартал оваа година биле превезени 102.000 патници, додека во вториот 73.000 патници.
Летните месеци се вообичаено месеци кога повеќе се патува поради годишните празници, и поповолните временски услови, поради што очекувањата се дека за третиот квртал ќе има уште поголем број патници кои ги користат услугите на превозници било да е тоа автобускиот, железничкиот или авионскиот превоз.
Познавачите на состојбите за Фактор посочуваат дека по пандемијата сосема е очекувано да има зголемување на бројките на превезени патници, но истакнуваат дека се уште не се вратени на состојбите пред пандемијата, или на бројките од 2019 година кога нормално се патуваше.
- Вообичаено летниот период повеќе се патува, па така беше и летово. Се бараше карта повеќе за сите дестинации. Точни бројки во моментов немам, но имаше голем интерес и за туристичките дестинации, но и за европските градови, особено за оние каде имаме многу иселеници. Традиционално се бараат карти за Швајцарија, Германија и Австрија најмногу. Линиите кон поголемите градови се редовно исполнети – вели нашиот соговорник, кој дополнува дека и понатаму се очекува подобрување на бројките, односно понатамошен раст на патниците, ако не настанат повторно нови случувања кои би ги попречиле луѓето во плановите.
П.О.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.