Македонија полна со пусти села, некаде останале само по два - тројца жители
Објавено во: Македонија 26 Февруари, 2019
Празни села без жители или со по неколку старци има и на истокот и на западот од земјата.
Македонија има вкупно 1.645 села, од кои повеќе од половина се мали села со помалку од 130 жители.
На голем број од нив им се заканува целосно опустошување или веќе се испразнети
Бегаштево близу Берово на последниот попис воопшто немало жители. Валандовско Плавуш од 1981 година нема жители. Исто е и со Дебарското село Бомово. Жители нема и Дебарското село Трнаниќ. Петалино во Мариово, било исто така празно. Штипското село Патрик било без жители. Иста судбина дели и селото Црешка на левата страна од реката Брегалница.
Селото Суводол во околината на Битола имало само 2 жители во 2002 година. И во Штипското село Шопур живееле само 2 селани. Силивица во истата општина имала само 3 жители. Паралово и Ивени имале по само 5 жители. Селото Плаќе имало само 4 жители.
Селото Зовиќ на последниот попис од 2002 година имало 31 жител, но денес има помалку.
„Моментално има помалку од 10 жители, но во летниот период (април - септември) бројката е околу 30 постојани и многу повеќе за викендите. Многу куќи се обновени (како викендички) и со доасфалтирањето на патот минатата година, многу луѓе се враќаат. Летниот период претежно постари луѓе и пензионери кои се послободни се враќаат и ги садат нивите, а сега кога патот е асфалтиран и младите идат за време на викенди и празници“, вели Митко Крстевски од Етно куќа „Кај Мостот“ во село Зовиќ.
Демографската слика во селата е лоша со децении наназад.
Македонка Илиевска, претседателка на месна заедница во село Крњево во околината на Кавадарци, вели дека денес селото има десетина жители, а на младите им фали работа и затоа ги напуштаат селата.
„Нема добар пат, нема канализација, нема работа. Има двајца млади жители во селото, но таму нема егзистенција. Инаку селото е многу убаво, има река, јас секој викенд сум таму, имам викендица. Секој сака да избега во градот, макар под кирија за да работи“, вели таа.
Додава дека во селото има стара општинска зграда со 8 соби, за која кога би имало пари, и би се реновирала, тие простории би можеле да се изнајмуваат. Смета дека така можеби некој ќе посака да се врати или барем почесто да оди на село.
ШТО ДОВЕДЕ ДО ЗАМИРАЊЕ НА СЕЛАТА?
Професорката по социологија, Татјана Филиповска вели дека во минатото индустријализацијата била фактор кој довел до пустошење на селата, но денес причините се поинакви.
„Условите за живот во село и во град не се изедначени, има голема стагнација, додека во развиените општествена можностите на село и во град се скоро исти. Точно е дека градот треба да пружи можности за вработување, но економската криза си го направи своето“, вели Филиповска.
Во минатото миграцијата село – град ги оставила селата со многу мал број на жители, затоа што сите барале подобри услови за живот во градот, а денес погледот е свртен надвор од границите на земјата.
СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ ИМААТ ИСТ ПРОБЛЕМ
Ист проблем има и во Србија и во Бугарија, но исклучок не е ниту Албанија која изгубила голем број жители по пат на миграција на запад. Србија ќе изгуби територија поголема од Косово.
Српската академија на науки и уметности (САНУ) направила истражување кое покажува дека 1.200 села во земјата со вкупна територија поголема од Косово, се соочуваат со целосно иселување.
Бројот на села без училиште изнесува 230, а 173 училишта постојат само по еден ученик.
Во Бугарија има 157 населени места, во кои не е регистриран ниту еден жител. Во 1.148 места живеат од 1 до 49 жители, велат податоците од бугарскиот Национален статистички институт. Најмногу такви села има во областите Габрово, Големо Трново и Крџали.
Требиште во североисточна Албанија изгледа како село на духови, испразнето од своите жители поради напливот на барања за бугарски пасош кој им ја отвора вратата на ЕУ, објави лани агенцијата Франс Прес.
Сања Атанасовскафото Википедија