Добивај вести на Viber
Вкупно 37,6 милиони евра добивка била регистрирана лани на ниво на целиот банкарски сектор во земјава, што е пораст за 58 отсто во однос на 2012 година. Банките повеќе сакале да ја кредитираат државата и граѓаните, наспроти компаниите, зборуваат приходите од камати што биле наплатени.
Бизнисот можеби не беше задоволен од тоа колку го кредитираа, но банкарите секако дека имаат големи причини за радост од растот на профитите што ги остварија во минатата година. Вкупно 37,6 милиони евра добивка била регистрирана лани на ниво на целиот банкарски сектор во земјава, говорат податоците што неодамна ги објави Народна банка на Македонија. Тоа е значајно зголемување, односно за дури 58 отсто во однос на 23,8 милиони евра, колку што изнесуваше вкупниот профит во банкарскиот систем во 2012 година.
Најголемиот колач за „големата тројка“
Најголемиот колач од ланската вкупна добивка, односно 27,5 милиони евра, е остварена во групата на големите банки, каде што за 2013 година влегуваат Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ Тутунска банка.
Со профит од 16,1 милиони евра Стопанска банка Скопје ја завршила 2013 година, говори билансот на успех на оваа банка. Наспроти 13 милиони евра нето добивка остварена во претходната година, Стопанска банка Скопје лани има пораст на позитивниот финансиски резултат за 24,5 отсто.
Одличен финансиски резултат лани имала и НЛБ Тутунска банка, односно 10,2 милиони евра, што е пораст за 25 отсто во однос на 2012 година.
Комерцијална банка, пак, неодамна објави дека минатата година ја завршила со добивка од 1,3 милиони евра. Тоа е неколкукратно намалување на профитот во однос на претходната 2012, кога изнесуваше 9,14 милиони евра. Треба да се напомене и дека оваа банка за првите девет месеци лани прикажа загуба од 4,76 милиони евра, што значи дека во последниот квартал доаѓа до подобрување на финансискиот резултат и тој од негативен преминал во позитивен. „Помалку остварениот позитивен финансиски резултат е остварен во услови на влошување на кредитното портфолио на банката, при што исправката на вредност на финансиските средства на нето-основа достигна 1.809,3 милиони денари, како и поради признавање загуба за оштетување на преземениот имот во периодот од 1 јануари 2010 до април 2013, а согласно одлука на НБРМ“, се вели во коментарот на билансот на успех.
Помалку се кредитирало стопанството, повеќе државата
Банките лани помалку сакале да ги кредитираат компаниите, а многу повеќе своите пари ги насочувале кон финансирање на државата, но и на граѓаните. За тоа доволно зборуваат податоците за пооделните приходи остварени лани, наспроти оние во 2012 година.
Па така, и во 2013, и во 2012 година банките во земјава прикажале речиси идентична сума на приходи од камати кои ги наплатиле од своите клиенти, односно по близу 327 милиони евра. Но, лани банките од компаниите наплатиле камати од 138 милиони евра, што е за 10 милиони евра помалку од 2012 година, кога по основ на камати од корпоративниот сектор банките собрале 148 милиони евра. Тоа може да се должи и на намалувањето на каматните стапки, но и на послабото кредитирање на фирмите.
Затоа, пак, банките лани многу повеќе ја кредитирале државата во споредба со претходната година. Односно, во 2013 банките од централната Влада наплатиле приходи од камати од близу 25 милиони евра, наспроти 17 милиони евра во 2012. Овој раст на приходите на камати од клиентот Влада во минатата година се случил и покрај тоа што Министерството за финансии ги намали каматните стапки на домашните хартии од вредност, што значи дека кредитирањето на државата имало многу поголем обем од 2012 година.
Гувернерот на Народна банка на Македонија,
Димитар Богов, неодамна на едно свое предавање пред студентите објасни дека банките лани навистина слабо ги кредитираа фирмите, но главната причина беа ризиците во тој сектор.
„Точно е дека минатата година кредитирањето беше доста слабо. Во услови кога банките не ги кредитираат толку многу претпријатијата, бидејќи гледаат ризици, факт е дека има вишок слободни средства кај нив. Овој вишок банките нема каде да го пласираат и затоа сакаат да го пласираат во безризични хартии од вредност, а такви се државните. Државата тоа го виде и ја искористи можноста да го користи тој вишок слободни средства, па затоа го стави акцентот на домашното задолжување. Значи, државните записи не се замена за кредитирањето на фирмите. Инаку, зошто банките би пласирале во државни ХВ, каде што каматата е 3,5 отсто, наместо кај фирмите со камата од 7 отсто. Во иднина полека ќе се враќа акцентот на кредитирањето на фирмите“, најави гувернерот.
Додека, пак, од приходи од камати од централната банка, односно од благајничките записи, лани банките вкупно наплатиле безмалку 18 милиони евра, што значи дека тука има намалување во однос на претходната година, кога тој износ бил 22 милиони евра.
Граѓаните лани не можеле да се пожалат од банкарското кредитирање, барем не според вкупниот износ на добиените кредити, каде што е регистрирано зголемување. Но, затоа тие и повеќе потрошиле од своите семејни буџети за плаќање камати на банките. Односно, лани банките од домаќинствата наплатиле вкупни камати од дури 122 милиони евра, наспроти 118 милиони евра во 2012.
Или, нето приходите од камати лани на нашите банки им донеле 204 милиони евра, што е пораст во однос на 185 милиони евра прикажани во 2012 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци, исто така покажуваат зголемување, достигнувајќи минатата година околу 64 милиони евра. Граѓаните постојано се жалат на високите провизии што ги наплатуваат банките за своите услуги.
Билансот на успех на ниво на цел банкарски сектор покажува и дека минатата година банките вкупно направиле загуби поради оштетување – исправка на вредноста на финансиските средства од 62 милиони евра, што е 12 милиони евра помалку во однос на 2012 година.
Најдобро платени на ниво на држава се банкарите
А, она што е константа во врска со банките во целиот период наназад, тоа е дека банкарите во принцип се меѓу најдобро платените вработени во земјава. Па така, банките во земјава лани направиле вкупни трошоци за своите вработени од близу 70 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од оваа ставка регистрирана во 2012 година.
Она што треба да се спомене околу најновите податоци за банкарскиот систем, е дека во минатата година Охридска банка повторно влегла во групата средни банки, додека во 2012 година беше во категоријата на големи банки. Тоа се должи на зголемениот цензус за влез во групата големи банки, кој лани бил подигнат на актива од 28,4 милијарди денари, односно 461,8 милиони евра, колку што треба да исполнува една банка. Додека, пак, во 2012 година тој услов бил 26,9 милијарди денари или 437,4 милиони евра. Цензусот, односно активата што мора да ја има една банка, е зголемен и за групата средни банки во земјава.
Инаку, ако лани тогаш четирите големи банки направиле вкупен профит од 32,3 милиони евра, лани вкупната добивка на трите големи банки изнесува 27,5 милиони евра.
Значаен пораст на профитабилноста на средните банки
Средните банки минатата година ја завршиле со вкупен позитивен финансиски резултат од 10,8 милиони евра. Тоа е значаен пораст на профитабилноста на средните банки во однос на 3,4 милиони евра, колку што лани изнесувал нивната вкупна добивка.
Инаку, во 2013 во групата средни банки влегуваат Македонска банка за поддршка на развојот, Охридска, Прокредит, Стопанска банка Битола, потоа УНИ банка, Халк, Централна кооперативна банка, како и Шпаркасе банка. Во 2012 година во таа групација на средни банки била и ТТК банка, но лани таа преминала во мали банки, исто така заради зголемениот цензус и за оваа категорија банки.
Додека малите банки, пак, и покрај тоа што останале во зоната на загубите, нивните вкупни минуси лани се свеле на значително пониска сума од претходната година. Односно, загубите на малите банки во 2013 година изнесувале вкупно 780 илјади евра, наспроти дури 12 милиони евра колку што тие биле во негатива во 2012. Лани пет банки биле вброени во групата мали банки, односно покрај ТТК, во оваа категорија се и Алфа банка, Капитал банка, Еуростандард и Поштенска банка. Неодамна Еуростандард банка стана целосен сопственик на Поштенска банка, а доколку дојде до спојување на овие две банки, тогаш Еуростандард банка ќе влезе во групата на средни банки во земјава.
Инаку, Охридка банка, според нејзиниот биланс на успех, ланската година ја заврши со профит од 2,5 милиони евра, што е значајно зголемување во однос на претходната година. УНИ банка, пак, за 2013 година прикажа профит од 1,1 милиони евра, понизок од добивката во 2012. Стопанска банка Битола за минатата година има добивка од 353 илјади евра, но тоа е значајно подобрување на финансискиот резултат, бидејќи за 2012 банката имаше загуба од 2,4 милиони евра. ТТК банка, пак, минатата година остварила профит од 868 илјади евра, што е пораст на добивката за речиси 30 отсто во однос на претходната година. (Ф.Н.)
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.