Добивај вести на Viber
Објавувајќи го планот за работа за годинава, транспортно- шпедитерската компанија Макошпед најави дека планира да купи земјиште во Склад Маџари на кое ќе изгради фотоволтаична централа за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Во известувањето до Македонската берза, од Макошпед наведуваат дека ниту годинава нема да има посериозни промени во транспортно - логистичката дејност поради, како што велат, ниската економска активност, слабата наплата, слабата инфраструктурна поврзаност, но и неквалитетниот возен парк.
Макошпед за годинава планира да понуди квалитетни и интегрирани услуги, пристап кој на компаниите ќе им заштеди време, пари, кадар и потреба од голема организација. Очекуваат обемот на работа да остане на исто ниво како и лани при што планираат да ја преземат дистрибуцијата на производите на нивните коминтенти . Приходите од кирии се предвидува да се намалат за 25% поради завршување на некои договори за закуп, додека останатите приходи
се предвидува да се движат на исто ниво како и лани.
Се очекуваат вкупни приходи од 880 илјади евра, додека во делот на расходите, и годинава, најмногу пари Макошпед ќе потроши на исплата на плати за вработените, вкупно 322 илјади евра, додека за материјални трошоци ќе потроши 190 илјади евра. Вкупните трошоци од редовно работење ќе изнесуваат 818 илјади евра. Добивката пред оданочување е проектирана на 61 илјади евра.