„МАНИПУЛАЦИИТЕ И ЗЛОУПОТРЕБИТЕ МОРА ДА БИДАТ САНКЦИОНИРАНИ“: СДСМ бара оставка од Ристовска од ДКСК и преиспитување на случајот со Христовски
Објавено во: Македонија 27 Декември, 2024
Од опозициската СДСМ бараат оставка од членката на ДКСК, Цвета Ристовска и посочуваат дека има „основани сомнежи за судир на интереси по скандалозната одлука поврзана со директорот на АНБ, Бојан Христовски и неговата спорна диплома“.
- Фактите кои ги објавија медиумите и се целосно достапни за јавноста се крајно загрижувачки. Тие ја разнишуваат довербата во ДКСК и ја компромитираат нејзината независност и објективност при одлучувањето.
Алармантно е откритието дека членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферираше дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата која ја издала спорната диплома.
Воопшто не е важо дали е платена за тоа или не - нагласува портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа дополни дека со пријава до ДКСК оспорена е диплома од Универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година.
- Ова претставува уште еден основ за директен судир на интереси, што е во спротивност со Етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно е наведено дека членовите не смеат да одлучуваат за предмети каде постои судир на интереси (член 9).
Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликт на интерес.
Ристовска требало да биде изземена од овој случај. ДКСК треба да биде пример, а не да остава впечаток дека штити било кого.
Пиши-бриши постапките на Универзитетот за туризам и менаџмент дополнително ги подгреваат сомнежите дека намерата е нешто да се сокрие од јавноста.
Ако се било чисто, зошто по објавувањето на информациите во медиумите за судир на интереси Ристовска беше избришана од составот на универзитетскиот кадар?
За вчера повторно да биде вратена на интеренет страната на Универзитетот - нагласи Кузеска.
Потоа дополни дека СДСМ бара итно оставка на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата, поради судир на интереси кој ја загрозува кредибилноста на ДКСК.
Тие исто така бараат повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ, како и расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.
- Институциите мора да работат во интерес на граѓаните и со највисок интегритет. Судирите на интереси, манипулациите и злоупотребите мора да бидат санкционирани. Затоа, бараме итни и конкретни мерки кои ќе ја вратат довербата на граѓаните - дополни Кузеска.