Менаџерскиот тим на М-НАВ со реакција за штрајкот на 20 и 24 октомври: „Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности“
Објавено во: Македонија 09 Октомври, 2025 11:25
Менаџерскиот тим на М-НАВ реагира до јавноста околу најавите за штрајк и „затворањето на небото“ на 20 и 24 октомври.
„М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија. Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани.Менаџерскиот тим го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како интегрален дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените. Сепак, секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање (и секако останатите вработени на други работни места) за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај. Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата.
Во исто време, М-НАВ остро се спротивставува на сензационалистичките и неточни најави кои се шират од страна на дел од раководството на струковиот синдикат. Повторуваме дека ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација.
Менаџментот на М-НАВ останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и е подготвен да разгледа реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите.
Ги повикуваме сите засегнати страни, медиумите и јавноста да се воздржат од ширење на непотврдени информации и да ги посочуваат фактите. М-НАВ ќе ги преземе сите неопходни мерки за непречено и безбедно функционирање на воздушниот сообраќај и нема да дозволи никакви активности кои можат да ги загрозат патниците или функционирањето на воздушниот сообраќај“, велат од М-НАВ.
Можеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




