МЕРКАТА ЗАВРШИ, ТРГОВЦИТЕ НА ПОТЕГ - Мицкоски најави жестока битка со нив за да го заштити стандардот на граѓаните
Објавено во: Економија 01 Ноември, 2024
Заврши мерката за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи што беа опфатени со есенската потрошувачка кошница. Одлуката ја донесе Владата во втората половина на септември, а со неа беа опфатени 73 основни прехранбени производи на кои бруто профитната маржа им беше ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Владата најави дека жестоко ќе се спротивстави доколку повторно се зголемат цените. По министерот за економија, и премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека ќе ги искористат сите алатки што им стојат на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
– Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со сè што имаме како алатка на располагање, изјави Мицкоски.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, во изјава за медиумите дадена на 25 октомври оцени дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти. Тој верува дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2.500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.
– Ако имаме драстично зголемување на цените наредниот месец, ќе донесеме поригорозни мерки – изјави Дурмиши.
Од Сојузот на синдикати на Македонија каде ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошница со показатели колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство велат дека мерката на Владата не ги дала посакуваните резултати затоа што трговците ја изиграле.
– Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот септември, а во истата во делот на храна и пијалоци во октомври 2024 година која изнесува 22.069 денари споредено со септември 2024 година ( 23.034,00 денари) е намалана за 965 денари, истакнаа од ССМ при објавата на синдикалната кошница за октомври.
Од ССМ остануваат на ставот дека при креирање на мерките, Владата треба да го вклучи и синдикатот, а потребни се и поголеми контроли и казни за несовесните трговци.
Податоците на ССМ покажуваат дека на едно четиричлено семејство во октомври му биле потребни минимум 61.249 денари за подмирување на основните потреби. Овој износ се зголемува доколку семејствата плаќаат и кирија за стан. Најголем дел од месечните потреби или 22.069 денари биле потребни само за храна и пијалоци.
ССМ бара и зголемување на минималната плата на 450 евра, но засега ова прашање останува отворено.
Од Владата, според досегашните изјави, најавуваат и новогодишна, божиќна, рамазанска… потрошувачка кошница со ограничено времетраење.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.