Мило Ѓукановиќ ги отфрли обвинувањата дека имало злоупотреба на државните ресурси во корист на изборна победа на ДПС
Објавено во: Балкан 22 Јули, 2013
На сослушувањето пред парламентарниот Анкетен одбор за расветлување на аферата „Снимка“, црногорскиот премиер и лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ денеска ги отфрли обвинувањата дека имало злоупотреба на државните ресурси во корист на изборна победа на ДПС.
Аферата „Снимка“ е поврзана за објавувањето на аудио снимки од седниците на органите на ДПС, на кои се зборувало за употреба на државните ресурси во партиски цели, односно вработување по партиска припадност пред одржувањето на минатогодишните парламентарни избори.
„За целиот овој период откако сум претседател на ДПС никогаш не сме ги злоупотребувале државните ресурси за да победиме на избори“, истакна Ѓукановиќ.
Тој потенцира дека ДПС победите на избори ги остварувала исклучиво преку демократски средства.
Црногорскиот премиер нагласи дека „Снимка“ е т.н. афера, односно плод на опозициската манипулација, со цел да оствари подобар резултат на претседателските избори кои се одржаа во април.
„Оваа афера е продукт на типично балканската политичка илузија дека до изборен успех може да се дојде преку манипулации, слаби манири на они кои се свесни дека не можат да добијат гласачи преку квалитет, туку тоа сакаат да го надоместат преку дискредитирањето на политичката конкуренција", навел Ѓукановиќ.
Анкетниот одбор досега има сослушано повеќе функционери на ДПС, а сите тие ги негираа тврдењата дека при вработувања ги фаворизирале членовите на оваа партија.
Според одлуката за формирање, Анкетниот одбор треба до крајот на овој месец да ја заврши парламентарната истрага за аферата „Снимка“.