Колку чини печатењето на најважниот правнички весник во Македонија?
Објавено во: Економија 13 Јануари, 2025
„ Стапува на сила со објавувањето во „Службен весник““ е фраза со која секогаш започнува или завршува нешто во правниот промет на Македонија. Добива или губи легимитет. Објава која менува многу работи, од која зависи кога нешто добива или губи правна сила, кога нешто почнува или престанува да важи... Весникот што е огласна табла за Уставот, за сите закони, правилници, уредби, одлуки, државни огласи и тендери, резолуции, конвенции и други институти од правниот промет на Македонија. За навремено информирање на сите заинтересирани страни јавното претпријатие кое го издава „Службен весник“ планира да објави до 23,78 милиони страници за две години и за таа услуга за печатење и дистрибуција да плати до 357.700 евра
Јавното претпријатие „Службен весник“ за период од две години (2025 и 2026 година н.з.) ќе плати до 357.700 евра, без ДДВ, за печатење на најважниот правен информатор во Македонија.
Станува збор за рамковна спогодба со која избраниот понудувач односно скопската печатница „Серафимовски“ се обврза да отпечати до 23,78 милиони страници на „Службен весник“ во период од две години. Цената што ја добило јавното претрпијатие изнесува 14,8 денари за еден табак. А на еден табак се печатат 16 страници од „Службен весник“.
Во договорот е наведено дека ЈП „Службен весник“ во зависност од обемот на правни информаци кои ќе се објавуваат (закони, одлуки, уредби, правилници, огласи, тендери и други прописи во националниот правниот промет како и декларации, резолуции и меѓународни договори) ќе печати два формати на „Службен весник“. Помалиот е до 192 страници (односно 12 табаци) и се укоричува со 2 кламер, а поголемиот формат е над 192 страници и се укоричува со брош подврска односно корица од 300 грамска кунздрук хартија. Хартијата на која ќе се печати „Службен весник“ е специфицирана како 45 грамска минимум среднофина.
При тоа во колор ќе бидат отпечатени логото на „Службен весник“ на првата страница и импресумот на последната страница од секое издание на „Службен весник“. Форматот на весникот е 205 на 290 милиметри. Ј.П. „Службен весник“ ќе го утврдува тиражот од 200 до 500 примероци.
Сите детали од договорот се достапни на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/ac41fbc7-74bb-4cfa-aeb3-53892b5ec407
Ј.П. „Службен весник“ е основано во 1999 година како правен наследник на НИРО „Службен весник на Република Македонија“. Неговата основна дејност е објавување на закони, други прописи и акти во „Службен весник“ и издавање на службеното гласило како дејност од јавен интерес.
За сите потенцијални клиенти кои треба да ги добиваат сите новости од правниот промет во Македонија, печатено издание на годишна претплата чини 16.650 денари, а електронското издание чини 7.000 денари по корисник за цела година.
Н.С.