МЛАДИ ХЕРОИ: Ученици од штипското училиште „Тошо Арсов“ спасија човечки живот
Објавено во: Македонија 31 Декември, 2024
Четворица ученици од штипското училиште „Тошо Арсов“ спасија човечки живот.
Четвртооделенците, Марко Ташков, Ристе Димитров, Михаил Трајчев и Давид Илиев од штипското Општинско основно училиште (ООУ) „Тошо Арсов“ се млади херои кои покажаа дека вистинското знаење се мери не само со училишните успеси, туку и со неговата примена во најважните моменти од животот. Овие деветгодишни деца пред три дена во паркот во населбата Осми Ноември спасија човечки живот. Марко Ташков денеска за МИА изјави дека минатиот петок играјќи фудбал во паркот во нивното маало, забележале дека на дедото на едно од нивните другарчиња, кое учи во училиштето паднал во безоснание, по што веднаш реагирале.
„Веднаш истрачавме да видиме дали е добар дедото и јас веднаш го препознав дека живее во мојот влез и веднаш отидов да ја повикам неговата сопруга. Ѕвонев, ѕвонев на врататa и никој не ми отвори и повторно се вратив го зедов телефонот од едно од другарчињата и се јавив на Брза помош и реков дали може веднаш да дојде Брза помош во паркот во „Осми ноември“, бидејќи на еден дедо му се слоши, потоа дојде Брзата помош и му помогна. За пет до шест минути пристигнаа од Брзата помош“, вели Ташков.
Неговите другари, Ристе, Михаил и Давид додаваат дека убаво е да си хуман и храбар во такви моменти, кога на некој му е потребна помош.
Нивните наставнички, Ванѓе Манева и Елена Дубровска велат дека оваа постапка на нивните ученици претставува вистинска инспирација и потсетник не само на нивните врсници, туку и на возрасните дека хуманоста, сплотеноста, емпатијата се основните вредности на коишто се гради една здрава заедница.
Раководството и наставниците во ООУ „Тошо Арсов“ на овие дечиња им доделија и благодарници, и им порачаа дека се горди што се дел од нивното училишно семејство.