ММФ СО МНОГУ ЈАСНИ ПОРАКИ: Навистина дојде време да порасне животниот стандард на Македонците, сега тој е под 40 отсто од оној на Европејците
Објавено во: Финансии 15 Ноември, 2023
Тимот на ММФ и македонските власти постигнаа договор на ниво на тим во врска со првиот преглед кој се прави во рамките на Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ, предмет на одобрување од страна на Извршниот одбор на ММФ. Откако ќе биде одобрен, Северна Македонија ќе има пристап до околу 161.35 милиони SDR (околу 200 милиони евра според сегашниот курс). Властите имаат намера да повлечат околу три четвртини, а остатокот да го третираат како средство за претпазливост.
Договорот ги поддржува намерите на властите и понатаму да продолжат да ги
намалуваат буџетските дефицити, повторно да ги градат фискалните бафери, да се
борат со инфлацијата и да ја зачувуваат финансиската стабилност.
Освен макрофинансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард ќе бара поттикнување на инвестициите, подигнување на растот на продуктивноста и забрзување на зелената транзиција.
Мисија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Жак Миниан, го посети Скопје во периодот 31 октомври – 13 ноември 2023 година со цел да дискутира за економските и финансиски политики во контекст на првиот преглед кој се прави во однос на Линијата за претпазливост и ликвидност (PLL) и консултациите со Северна Македонија во однос на членот IV за 2023 година.
На крајот од дискусиите, мисијата ја објави следнава изјава:
„Економијата на Северна Македонија и понатаму продолжува да се опоравува од европската енергетска криза од минатата година. По силниот економски раст во првата половина на 2023 година, тимот на ММФ проектира дека економијата оваа година ќе расте за 2,3 проценти, а потоа за 3 проценти следната година. Поконкретно, домашната побарувачка се очекува да се зголеми во текот на 2024 година, поддржана од засилувањето на јавните инвестиции како што се проектите за патните коридори 8/10-д. Билансот во надворешната трговија исто така значително се подобри во споредба со претходната година, делумно помогнат и од наглото намалување на цените на енергенсите на глобално ниво. Ова, заедно со отпорните странски директни инвестиции, ги поддржува девизните резерви кои остануваат на адекватни нивоа.
Сепак, очигледни се ризиците поврзани со изгледите и тие вклучуваат глобална геоекономска фрагментација, интензивирање на регионалните конфликти и потенцијална нестабилност на глобалните цени на трговските стоки.“
„Тимот на ММФ ги поддржува намерите на властите да го намалат буџетскиот дефицит следната година. Оваа година очекуваме властите да успеат да ја исполнат номиналната буџетска цел (која е еднаква на 4,7 проценти од БДП), поддржано од неодамнешниот данок за солидарност и реформата на даночната политика. Гледајќи во перспектива, ние целосно ги поддржуваме намерите на владата да предложи буџет кој ќе биде конзистентен со фискален дефицит во износ од 3,4 проценти во 2024 година.
Фискалното консолидирање претставува предизвик, но постојат три причини зошто Владата има право кога се стреми кон тоа да има понизок дефицит следната година. Прво, тоа ќе го олесни преминот кон максималниот праг за дефицит од 3 проценти од БДП кој се бара со Законот за буџети.
Второ, важно е да се изградат фискални бафери со кои ќе се овозможи соочување со растечката глобална неизвесност и секоја евентуална криза која би можела да произлезе од тоа, или во случај големиот проект за коридорот 8/10-д да чини повеќе отколку што било предвидено.
Конечно, фискалната консолидација ќе функционира рака под рака со монетарната политика во насока на понатамошно намалување на инфлацијата.
За да се поддржи фискалната консолидација клучно ќе биде следново:
Тековните трошења да останат задржани во соодветна рамка. Конкретно, Владата и синдикатите имаат клучна улога во унапредувањето на прудентни политики и во водењето сметка трошењата да бидат задржани на одржливи нивоа, во периодот пред избори. Во овој контекст, зголемувањата на платите следната година не би требало да го надминат она што веќе било договорено во општиот колективен договор.
Дополнително намалување на енергетските субвенции. Иако зголемувањата на тарифите за електрична енергија имаа влијание врз буџетот на домаќинствата, тарифите за електрична енергија и понатаму се високосубвенционирани во Северна Македонија, тие не се доволно таргетирани и ги одземаат ресурсите од други приоритетни трошења како што се инфраструктура, здравство и образование. Поради тоа, од суштинска важност е да се продолжи со тарифните реформи на пазарот на електрична енергија, и наместо тоа да се овозможи подобра таргетирана поддршка на ранливите домаќинства на кои таа им е најпотребна.
Да се продолжи со реформите на даночната политика. Со цел да се зајакне мобилизирањето на даночните приходи, владата има донесено реформи на даночната политика кои имаат за цел да ја прошират даночната основа на данокот на личен доход и данокот на добивка, намалување на ослободувањата од ДДВ и зголемување на акцизите.
Во секој случај, за да се поддржат напорите за фискална консолидација и да се обезбеди среднорочна фискална одржливост, од клучна важност е да се продолжи со спроведувањето на реформите во даночната политика во насока на понатамошно намалување на ослободувањата и проширувањето на даночната основа.“
„Освен намалувањето на дефицитот, потребни се исто така и неколку структурни фискални реформи. Континуираното екипирање на управувањето со јавните инвестиции во насока на целосен капацитет, заедно со зајакнувањето на методологиите за идентификување и вреднување на проектите, ќе доведе до поефикасни јавни инвестиции. Посебно од тоа, зголемувањето на даночната усогласеност е од суштинска важност за подобрување на фискалната позиција и обезбедување терен кој ја поддржува конкурентноста во економијата. Во овој контекст, реформските напори во рамките на Управата за јавни приходи се добродојдени, но тие треба дополнително да се забрзаат. Конечно, го поздравуваме формирањето на Фискалниот совет и очекуваме истиот да стане целосно оперативен во 2024 година; ова ќе го подобри фискалното управување.“
„Во наредните месеци, од клучна важност ќе биде да се посвети детално внимание на ризиците во однос на јавните финансии кои произлегуваат од коридорите 8/10-д. Овој проект ќе има големо влијание на економијата и на јавните финансии. Тековните геотехнички студии ќе овозможат клучни информации со кои ќе се валидира дизајнот за овие патишта во оние делници кои се најкритични, и ќе може да се види дали првичните проценки на трошоците кои се содржани во договорот ќе бидат издржани или не. Се поздравува исто така и планот на властите да ги објавуваат месечните извештаи од следењето од страна на независниот консултант, поврзани со проектот, со цел зајакнување на транспарентноста и на отчетноста.“
„Инфлацијата се намалува благодарение на затегнување на монетарната политика и на нормализирањето на цените на храната и енергенсите на глобално ниво; последните владини мерки исто така овозможија одредено олеснување. Сепак, и понатаму се актуелните нагорни ризици од инфлацијата, при што централната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се остварат овие ризици.
Во изминативе 18 месеци, Народната банка (НБРСМ) соодветно ја затегна монетарната политика. Овие активности доведоа до забавен кредитен раст и намалувањена инфлацијата вклучувајчи ја и базичната инфлација, кои се намалија за повеќе од половина во однос на нивните највисоки вредности. Тие исто така помогнаа и во стабилизирањето на девизниот пазар. Меѓутоа, високиот номинален раст на платите од околу 15 проценти, доколку продолжи, создава ризик за повторно забрзување на инфлацијата. Имајќи ги предвид латентните ризици, монетарната политика засега треба да остане затегната, а Народната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се материјализираат овие ризици. Владата и синдикатите тука имаат клучна улога, во обид да остваруваат прудентни политики во однос на платите и пензиите. Скорешните административни мерки за контрола на цените овозможија само привремено олеснување во однос на инфлацијата и тие не треба да се сметаат за трајно решение за инфлаторните прашања.“
„ММФ ги поздравува плановите на Народната банка за подобрување на трансмисијата од својата основна каматна стапка кон пазарните стапки. Народната банка има сеопфатна монетарна рамка со јасен мандат и инструменти за нејзина реализација. Во изминативе осумнаесет месеци инфлаторните очекувања останаа закотвени додека девизниот пазар остана стабилен имајќи ги предвид шоковите. Сепак, неколку работи, вклучувајќи ги структурните карактеристики на економијата – како што е високата банкарска ликвидност – претставуваат предизвици за трансмисијата на основната каматна стапка врз пазарните стапки. Ова е еден аспект и еден канал на монетарната политика, но е мошне важен. Во овој контекст, добредојдени се плановите на централната банка за подобрување на оваа трансмисија, иако точната природа на мерките и нивното секвенционирање се нешта кои ќе бараат внимателно калибрирање.“
„Банкарскиот систем се покажа отпорен и покрај големите глобални шокови. Ова беше благодарение на силните биланси на состојби со кои влегоа во пандемијата и на мерките кои оттогаш беа преземени од страна на централната банка за нивно зајакнување. Во моментов, банките се ликвидни, добро капитализирани и профитабилни. Истовремено, депозитите и кредитите продолжуваат да растат, а нефункционалните кредити се на рекордно ниско ниво. Тимот на ММФ го поздравува воведувањето на макропрудентните алатки за ублажување на ризиците и градењето на финансиските бафери.
Новите показатели ЛТВ (loan-to-value) и ДСТИ (debt service-toincome) помогнаа во зачувувањето на финансиската стабилност преку намалување на притисоците на пазарот на недвижности.
Исто така, во овој контекст на висока профитабилност на банките, тимот ја поддржува целта на НБРНМ дополнително да ги заостри капиталните барања. Неодамнешните надоградувања на регулативите за управување со кредитниот ризик и објавување на податоци за банките, како и новиот Закон за решавање на банките, се исто така добри чекори напред. Гледајќи перспективно, унапредувањето на Законот за осигурување на банкарските депозити е нешто што треба да остане приоритет.“
„Важно е експедитивно да се одобрат измените на Законот за Народната банка. Овие измени ќе воспостават формален макропрудентен и резолуционен мандат, ќе ја подобрат рамката на управување на НБРНМ и ќе обезбедат автономија во поставувањето услови за вработување – што е важно за независноста на централната банка.“
„Северна Македонија постигна макроекономска стабилност, но сега треба да овозможи поголем раст. Приходот по глава на жител на Северна Македонија изнесуваше 27 отсто од нивото на ЕУ во 2000-та година, 38 отсто во 2010 година, а сега е малку под 40 отсто. Затоа, приоритет е забрзувањето на структурните реформи за подобрување на животниот стандард.
За побрза конвергенција потребен е повеќестран пристап кон намалување на емиграцијата, зајакнувањето на инвестициите и продуктивноста и забрзувањето на зелената транзиција.
Ова може да се постигне со:
Подобрување на деловното опкружување и владеење на правото. Особено, ќе биде важно да се намали неформалноста, не само преку воспоставување на поефикасна Управа за јавни приходи и помали бирократски процедури, туку и борба против корупцијата. Во однос на второто, тимот на ММФ целосно ја споделува загриженоста изразена од Европската комисија за неодамнешните измени направени во Кривичниот законик.
Зачувување простор во буџетот за поддршка на јавната инфраструктура и образованието. Клучната причина за забавувањето на потенцијалниот раст во Северна Македонија лежи во релативно слабите нивоа на инвестиции. Затоа, неодамнешните зголемувања во буџетот за капитални расходи се добредојдени и треба и понатаму да продолжат. Подобрувањето на управувањето со јавните инвестиции, исто така, ќе помогне подобро приоритизирање на проектите за јавни инвестиции.
Забрзување на зелената транзиција и прилагодување на климатските промени.
Потребни се зголемувања на зелените инвестиции бидејќи, во крајна линија,
деактивирањето на старите електрани кои загадуваат пред крајот на оваа деценија е
нешто што не може да се избегне ако Северна Македонија сака да ги исполни своите
цели за намалување на емисиите. Поставувањето на вистински стимулации за
транзиција кон енергетска ефикасност и подготовката за постепено воведување на
Механизмот за прилагодување на границите за јаглеродни емисии на ЕУ се исто така
важни цели. Додавањето цели за емисии и отпорност во јавните инвестиции ќе
помогне во митигацијата и кон адаптацијата кон климатските промени. Тековниот
напредок во зазеленувањето на финансискиот сектор исто така ќе ја олесни
климатската транзиција.“
„Овие реформи ќе бидат клучни во поставувањето на темелите за силен, одржлив раст
и ќе ја поддржат земјата на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ.“
„Мисијата сака да им се заблагодари на властите и другите соработници за нивното
топло гостопримство, како и за отворените и продуктивни дискусии.“
Инаку, соопштенијата за медиуми на крајот на мисијата вклучуваат изјави на тимови од ММФ кои ги пренесуваат прелиминарните наоди по посетата на една земја. Ставовите изразени во оваа изјава се ставови на тимот на ММФ и тие не секогаш ги претставуваат ставовите на Извршниот одбор на ММФ. Врз основа на првичните наоди на оваа мисија, тимот на ММФ ќе изготви извештај кој, откако ќе биде одобрен од раководството, ќе биде презентиран на Извршниот одбор на ММФ за дискусија и одлучување.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.