МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА КАЈ ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА СО НОВА НАМЕНА: наскоро одлука дали Министерство за одбрана или затвор Идризово
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2024
Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека се размислува дали модуларната болница лоцирана кај Инфективната клиника во Скопје да ја преземе Министерството за одбрана или пак таа да се пренесе во Затворот Идризово.
Таравари, денеска во одговор на новинарско прашање, посочи дека има одлука од Владата за преземање на модуларната болница од страна на МО, но дополни дека треба амбуланта и во Затворот Идризово.
- За модуларната болница на Инфективна клиника веќе има одлука на Влада со која таа болница треба да ја преземе Министерството за одбрана. Има и друга идеја бидејќи треба болница во затворот во Идризово. Сега сме во дилема дали таа модуларна болница да ја пренесеме таму за да служи како амбуланта во Затворот Идризово - изјави Таравари, при посетата на Клинилката болница Штип.
Во однос на модуларната болница во Штип, што е во функција од март 2021 година, Таравари рече дека треба да се размисли рационално како да се искористи кај што има потреба.
Во тек на ковид пандемијата, со одлука на Министерството за здравство, беа изградени модуларни болници во 16 градови низ државава.