НА ОНКОЛОГИЈА СЕ ПОДГОТВУВА БУНКЕРОТ ЗА НОВИОТ АКЦЕЛЕРАТОР: Директорката Клисарова со детали за Фактор
Објавено во: Македонија 17 Октомври, 2023
Анкетната комисија што ја формираше Собранието со цел да се
утврди евентуална политичка одговорност за случајот на Клиниката за онкологија и радиотерапија за
денеска има закажано нова седница.
Досега пред Комисијата одговараа поранешниот министер за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по што претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи изрази сомнеж, зошто за случајот Онкологија МВР молчело цели шест години.
Од тоа што досега е кажано во јавноста, според последната изјава на министерот Спасовски е дека, освен кривична, се водат и финансиски истраги за околу седум лица поврзани со скандалот со криење на скапи лекови на оваа Клиника.
Тогаш Спасовски рече дека секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој, рече Спасовски минатата недела.
Она што сега се случува на Клиниката за онкологија и радиотерапија е дека стариот акцелератор е веќе деинсталиран и како што за Фактор потврди директорката Виолета Клисарова е дека се подготвува „бункерот“ со цел да се стави во употреба линеарниот акцелератор кој е купен пред седум години. Вели дека станува збор за опсежни актгивности за кои е потребно повеќе време.
-Тоа е долг процес, кој воопшто не е едноставен. Започната е процедурата, деинсталиран е стариот акцелератор. Во моментов се прави адаптација на бункерскиот простор, по што ќе следи инсталирање на апаратот. Во овој момент не може да се прецизира за колку време пациентите би можеле да го користат новиот линеарен акцелератор.
Овие активности на Клиниката за онкологија и радиотерапија започнаа уште кон средината на септември кога Министерството за здравство ангажираше професионална компанија за деинсталација на 20-години стариот линеарен акцелератор, со цел да се стави во функција апаратот што е купен пред седум години.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.