На поранешниот министер Јоргос Папаконстантину ќе му се суди за „листата на Лагард”
Објавено во: Балкан 16 Јули, 2013
Пред судот да биде изведен поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину, ноќеска гласаше Грчкиот парламент. Тој е обвинет за фалсификување на „листата на Лагард", односно списокот со влијателни личности и грчки политичари кои имаат сметки во странски банки.
Во случајот „листа Лагард" против поранешниот министер Јоргос Папаконстантину беа подигнати две кривични дела, за злоупотреба во службата и фалсификување на документи и за повреда на одговорноста.
Тајното гласање на грчките парламентарци се одржало по секоја точка од обвинението. Во грчкиот парламентот за носење одлуки потребни е 151 глас од 300-те мандата.
По дебата во грчкиот парламент, завршила со завршното обраќање на поранешниот министер кој изјавил дека е невин и дека е жртва на заговор, јавуваат атинските медиуми.
Според него, првичните сознанија на анкетната комисија биле крајно пристрасни, односно биле игнорирани сите докази за неговата невиност.
Папаконстантину рекол дека сега тој треба да преставува жртвено јагне, бидејќи во негово време бил потпишан договорот со „тројката" меѓународни доверители, која сега „за многумина е омразен".
Папаконстантину беше министер за финансии во периодот од 2009 до 2011 година, кога Грција дефакто банкротираше и беше принудена да побара финансиска помош од Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Поранешниот министер е обвинет дека во 2010 година не спровел истрага откако од Кристин Лагард, тогашната министерка за финансии на Франција и актуелна извршна директорка на ММФ, добил список со имињата на богати Грци коишто имаат сметки во швајцарската филијала на банката HSBC и од листата ги отстранил имињата на неговите роднини.
Во декември 2012 година поранешниот министер беше исклучен од неговата партија ПАСОК, а во јануари 2013 година пратеници гласаа за спроведување парламентарна истрага против Папаконстантину.
Грчката опозиција за време на дебатата ги обвинила за прикривање на листата Лагард и двајцата поранешни премиери, Јоргос Папандреу и Лукас Пападимос, како и лидерот на централно-левичарската партија ПАСОК, Евангелос Венизелос, кој од 25-ти јуни 2013 година е заменик-премиер и министер за надворешни работи.