Добивај вести на Viber
Со цел промоција на Македонија и привлекување на туристи од Белгија, земјава беше претставена на саемот за туризам во Брисел. Како што соопштија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) саемското промовирање било успешно, а голем број тур-оператор се заинтересирале за работа во Македонија.
„Освен JetAir уште два големи тур-оператори ќе започнат да носат туристи во Македонија. Едната компанија е од Фламанскиот, а другата од Валонскиот дел на Белгија. Исто така најголемата Тв станица во Белгија ова година ќе дојде во Македонија да снима документарен филм за природните убавини, културата, традицијата на земјата. Убеден сум дека со промоцијата што се прави во Белгија како и упорната работа на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот и Амбасадата на Македонија во Брисел, бројот на туристи од Белгија ќе има значителен раст наредниве години“, изјави економскиот промотор за Белгија, Крешник Бектеши.
Според директорот на АППТ, Јордан Трајков, единствено фокусираната промотивна стратегија на целните пазари, како сега Белгискиот, ќе даде резултати во зголемување на бројот на странски туристи во земјава. Сепак посочи тој мора да се работи на подобрување и зголемување на понудата на туристички производи. За таа цел тој посочи неколку проекти како:
1) Обележување и мапирање на планинарски патеки,
2) Обележување и мапирање на планински велосипедски патеки,
3) Креирање на електронски пазар за издавање на викендици и станови во туристичките места и
4) Отварање на авто кампови низ цела Македонија.
„Сите овие проекти ќе имаат огромно позитивно влијание на нашата туристичка понуда за наредните години. Ги повикувам сите граѓани на Македонија кои можеби препознаваат интерес во погоре спомнатите проекти да не контактираат,” изјави Трајков.
На штандот на Република Македонија свои пултови имаше ТА Бадем турс, кои остварија соработка со еден од најголемите тур- оператори од Белгија “Lauwers Reizen”. Притоа било договорено успешната соработка со “JetAir “ да продолжи и да се интензивира во наредните години.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, од почетокот на годинава по шести пат на вакви саеми ги прететставува туристичките можности на Македонија.