Над милион турски компании се запознаа со инвестицискиот рај – Македонија!
Објавено во: Економија 02 Февруари, 2013
Какви поволности нуди Македонија и кои се придобивките од отворање и водење бизнис во земјава беше тема на презентацијата што денеска во Истанбул , во организација на Македонско-турскиот деловен совет инаку дел од Асоцијацијата на комори и берзи на Турција.
Како што информираше владината прес-служба, за инвестициските можности во Македонија сега ќе дознаат околу 1.300.000 компании, кои се членки на Асоцијацијата. Свој удел во презентацијатата имаа и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида. На маргините на состанокот, министерот Павлески и директорот Фида оствариле средба со претседателот на Македонско - Турскиот деловен совет, Хасан Хосбен, почесниот конзул за Измир и Маниса и член на Управниот одбор на Елгинкан Холдинг, Гаје Акчен и претседателот на Управниот одбор на Асчиоглу Холгинг, Јасар Асчиоглу, информираат од Владата. Македонските претставници исто така се сретнале и со Аккан Сувер, претседател на Фондацијата Мармара, која е организатор на Евроазискиот економски форум на кој во изминатите години учествуваа македонскиот претседател и владини претставници. Тој упатил покана до министерот Павлески и директорот Фида за учество на претстојниот форум што ќе се одржи во април во Истанбул, а во чии рамки би можел да се организира посебен панел на кој би се презентирале условите за инвестирање во Македонија и актуелните инвестициски проекти. Пред посетата на Турција, владината делегација престојуваше во посета на Индија каде беа дел од Глобалниот партнерски самит во Агра.