Наградата врвно достигнување во медицината, без конкуренција, за „Аџибадем Систина“
Објавено во: Мои пари 26 Март, 2019
Клиничката болница “Аџибадем Систина” ја доби наградата за врвни достигнувања во медицината на синоќешното прогласување на најдобрите во неколку категории на манифестацијата Story Awards 2019. Клиничката болница беше претставена како институција којашто создава вистинска револуција во здравството. Признанието за врвни достигнувања во медицината, организаторите го доделија како потврда за лидерерството и пионерските потфати во здравствениот сектор во земјава и регионот. Клиничката болница се постави себе си и државата на светската мапа на здравствени институции каде што се извршуваат најделикатни и најкомплексни зафати, особено во кардиохирургијата.
Во име на болницата, наградата ја прими човекот којшто со својот тим ја изведе операцијата – вградување на целосно вештачко срце, Шефот на кардиохируршкиот оддел на Клиничката болница Аџибадем Систина, Професор Д-р Александар Николиќ.
„Благодарам во името на Клиничката болница Аџибадем Систина и во име на целиот тим кој работи во оваа болница, бидејќи без тој тим сето ова не можеше да се оствари. Да се биде на врвот во здравството е навистина голема одговорност, но и показател дека луѓето веруваат во вас. Со изведувањето комплексни интервенции, како што е вградувањето на целосно вештачко срце, болницата покажа дека е лидер во Македонија, во регионот, но и една од ретките вакви институции во светски рамки. Во Македонија околу четири отсто од луѓето боледуваат од срцева инсуфициенција. Тоа се луѓе кои се осудени на смрт без адекватна интервенција. Со вградувањето на целосно вештачко срце, ние им даваме надеж за живот на овие млади луѓе. Клиничката болница Аџибадем Систина го направи првиот чекор и нема да застанеме.”, рече Проф. Д-р Александар Николиќ.
Оперативниот зафат на вградување на целосно вештачко срце беше изведена во ноќта помеѓу 11 и 12 јули минатата година, траеше повеќе од пет и пол часови, а комплетно ја изведе тимот од “Аџибадем Систина”, предводен од Проф. Д-р Николиќ. Четириесет и шест годишниот пациент од Штип си замина дома по едномесечен пост-оперативен период и целосно се врати на секојдневните обврски.
Со оваа операција, Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија...